1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте тензијата во односите меѓу Вашингтон и Анкара

Исмет Кочан 11 октомври 2007

Резолуцијата во Конгресот со која масакрот врз Ерменците се означува како геноцид и проблемите на Вашингтон со најавата дека Турција ќе навлезе во северен Ирак ги затегнуваат односите меѓу двете земји партнери.

https://p.dw.com/p/Bpuk
Протести во Турција против американската декларацијаФотографија: AP

Под голем притисок на турската јавност, која по убивањето на 15те војнци, е наострена за посериозно пресметување со терористичката курдистанска работничка партија, премиерот Реџеп Таип Ердоан призна дека неговата влада е подготвена и на прекугранично воено упаѓање во северен Ирак и дека за такво нешто според уставот ќе бара дозвола од турскиот парламент. Тој треба да се изјасни на почетокот на идната недела по завршувањето на бајрамските празници.

Ердоан се наоѓа меѓу два огна

Аналитичарите сега забрзано работат на проценувањето дали навистина ќе дојде до уште една турска воена интервенција во северен Ирак. Во тоа многу им помогна и премиерот Ердоан кој во денешното интервју за приватната турска телевизиската станица ЕнТиВи призна дека се наоѓа помеѓу два огна на опозицијата, кои исторврено ја поддржува воената интервенција но и предупредува од последиците од таква акција.

Напоменувајќи дека Турција досега има изведено вкупно 24 вакви акции Ердоан порача дека цитат „За изведување на нова прекугранична операција од пресудна важност ќе бидат анализите од нејзината корисност.“

Ваквите зборови на турскиот премиер може да се протолкуваат во смисол дека воената интервенција, за која нема никакво сомневање дека неговата влада ќе ја добие бланко дозволата на парламентот, ќе биде последниот и краен потег во војната со нервите која во меѓувреме почна со САД.

Турција ќе се обиде да изврши влијание врз САД

Имено стратешкиот партнер од Вашингтон кој во северен Ирак има своја војска и посебни интереси не сака дополнителни главоболки со Турција во и онака зовриениот Ирак.

Се проценува дека Турција ќе се обиде прво да изврши дополнителен притисок врз САД за една нивна синхронизирана акција против ПКК од другата страна на границата.

Потрезвените аналитичари сметаа дека во содејство со турските сили за безбедноста на југоистокот на земјата ова би било поделотрворно од самиот турски воен упад во северен Ирак.

Сега меѓутоа се поставува прашањето со што Турција би можела да го услови партнерот од Вашингтон да и помогне на ваков начин во пресметувањето со ПКК.

Базата Инџирлик во игра

Тоа во прв ред би можело да биде уценувањето за откажување на условите во воздухопловната база Инџирлик но и значајната логистичка база за снабдување на Американците во Ирак и Авганистан. Оваа база е актуелна и во острите турски реакции околу прашањето на штотуку усвоената нацрт резолуција за ерменскиот геноцид во комитетот за надворешна политика на американскиот конгрес на што може да се додадат и заканите дека Анкара може да ги откаже и аранжманите со Вашингтон во одбрамбената индустрија кои се тешки десетици милијарди долари.