1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

301110 JRB China Finanzkrise HF

31 декември 2010

Кина ја издржа глобалната финансиска криза значително подобро, отколку Европа и САД. Со тоа политичките тежишта продолжија да се поместуваат во насока кон Пекинг. Зошто 2010 год. помина во знакот на кинеската доминација?

https://p.dw.com/p/zrvG
Кина - меѓу модерното и традицијатаФотографија: DW-Montage

Меѓу кинеските експерти од пред некое време кружи изреката дека „само една работа расте побрзо, отколку кинеското стопанство - кинеската самоувереност“. Поткрепа за неа се и севозможните рекорди. Летоска Кина во Шангај ја организира најголемата и најпосетената светска изложба на сите времиња, која ја видоа 73 милиони луѓе. Земјата располага со најголема железничка мрежа за супер-брзи возови, по која се движат најбрзите возови во светот, што таа самата ги произведува. Кина го има и најбрзиот светски супер-компјутер, „Тјанхе 1 А“ во пристанишниот град Тјанѓин на северот на земјата.

Значењето и влијанието на Кина уште повеќе се засили во времето на стопанската и финансиска криза - додека Европа и САД се соочија со пад на стопанските активности за три до четири проценти, кинеското стопанство забележа пораст од девет насто. И во успехот на германската извозна економија годинава удел има фактот дека, на пример, Мерцедес и БМВ мораат да организираат вонредни смени, само за да ја задоволат побарувачката на кинескиот пазар на автомобили.

Кина како спасител

Chinesischer Arbeiter in Addis Abeba, Äthiopien
Кинеските претпријатија се присутни насекаде во светотФотографија: AP

Кина не е атрактивна само како пазар за пласман на производи, туку и како инвеститор, оти располага со девизни резерви од дваипол билиона, односно две ипол илјади милијарди долари. Во изминатите месеци таа се претстави во Европа како спасител во кризни ситуации.

„Кина ќе го направи најдоброто што може, за да ги подржи земјите на еврото и да и’ помогне на Грција во совладувањето на кризата, да придонесе за опоравување на стопанството и за стабилност на финансиите. Кина и во минатото купуваше грчки државни обврзниции, а тоа ќе го прави и во иднина“, рече кинескиот премиер Вен Ѓијабао за време на посетата на Атина на почетокот на октомври. Но, Пекинг купува обврзници и на други кризни европски држави - Ирска, Португалија и Шпанија.

Секој сака колку што е можно повеќе да профитира од инвестирањето на Кинезите - тие не купуваат само државни обврзници, туку инвестираат и во мостови, аеродроми, инфраструктура, индустрија. Еберхард Зандшнајдер, експерт за Кина од Германското друштво за надворешна политика, во кинескиот ангажман, специјално во Југоисточна Европа, гледа „сосем претпазливо постепено стратегиско позиционирање. Понекогаш најпогодни појдовни објекти за една таква политика се токму сиромашните земји, кои полесно се импресионираат од големината на кинеските инвестиции отколку други земји“. Кина инвестира милијарди и за основање Конфучиј-институти ширум светот, за јакнење на своите медиуми кои делуваат интернационално, за да испрати смирувачка порака до светот дека кинескиот подем е мирољубив.

Прегледот продолжува на следната страница.

Економијата во функција на политичките цели

Norwegen China Friedensnobelpreis 2010 an Liu Xiaobo
Треба да очекуваме „Лиу Шаобо ефект?“Фотографија: AP/Kyodo News

Но, во септември земјата го покажа и другото, помалку пријателско лице, кога Јапонците приведоа кинески рибарски брод. Порано бродови на јапонската крајбрежна стража само ги потиснуваа кинеските рибарски бродови надвор од меѓусебно спорната морска област. Можеше да се очекува гласен протест од Пекинг, но Кина упати редица закани, на изненадување на светската јавност и вознемирување на соседите на Кина. И не остана само на зборови, туку ги суспендира контактите на владино ниво, ја откажа размената на посети на млади. Јапонија го ослободи капетанот на кинескиот брод, но Пекинг инсистираше на извинување и речиси два месеца го запре извозот на ретки елементи, кои се безусловно потребни за многу хај-тек продукти. Кина има удел од 95 проценти на светскиот пазар на тие ретки елементи и го користи тој де факто монопол, проценува Ху Шингду, економист од „Универзитетот за наука и технологија“ од Пекинг.

„Се разбира дека за Кина е добро што поседува такви суровини, кои можат да се употребат како стратегиски инструмент. Таа би можела да се реши ретки елементи да продава само на земји кои според нејзина оцена се однесуваат добро, а другите да ги исклучи од извозот“.

Економијата се става во функција на политичките цели, потврди и студијата на двајца научници од универзитетот во Гетинген. Андреас Фукс и Нилс-Хендрик Клан ги анализираа реакциите на Кина спрема земјите кои официјално го примаа тибетскиот водач Далај Лама: извозот на таквите земји во Кина, особено на машини, бродови и авиони, беше намален во просек за осум проценти.

„Такви стоки по правило не купуваат обични потрошувачи, туку трговски делегации. Како реакции на приеми на Далај Лама, трговски делегации од Кина поретко патуваат во тие земји“.

Можеби наскоро ќе можеме да набљудуваме и „Лиу Шаобо-ефект“. Пекинг се обиде со значителен дипломатски притисок уште во предигра да го спречи доделувањето на Нобеловата награда за мир на затворениот дисидент. Спроти врачувањето на наградата, сите 65 амбасадори стационирани во главниот град на Норвешка примија писмо од кинеската амбасада, со барање „да не учествуваат во никакви активности кои се насочени против Кина“.

Автор: Матијас фон Хајн / Зоран Јордановски

Редактор: Трајче Тосев