1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расчистување со стереотипите на омрази

Нада Штајнман26 септември 2007

Интервју со др Денко Малевски,поранешен министер за надворешни работи на Македонија во врска со спорот околу името со Грција

https://p.dw.com/p/Bjv5
Притисокот врз Скопје веројатно ќе растеФотографија: DW

Дојче Веле:Господине Малевски, поминаа 15,16 години откако се создаде проблемот со името меѓу Република Македонија и Грција. Дали веќе на Македонците и на Грците не им е смешно името ФИРОМ ? Дали светот може да живее со тоа име? Дали овој проблем може да се реши преку ноќ?

Малевски:Проблемот на односите меѓу балканските народи, проблемот на нашата ментална состојба овде на Балканот е дел од сите овие наши нерешени меѓусебни отворени прашања. При еден престој во Халкидики јас, мојата сопруга и најмалата ќерка, гимназијалка, влеговме во една пицерија и зборувавме на англиски неколку реченици, ни се придружува еден млад човек келнер Грк и тој почна да зборува на својот англиски, се создава една прекрасна атмосфера. Одеднаш младиот човек од свои триесет и пет,шест години келнерот прашува: Од каде сте вие? И немаше каде, јас реков ние сме од Македонија, живееме во градот Скопје. Одеднаш врз неговата глава како да се срушија стотици години историја, се намурти човекот, почна да протестира, да вели дека нема, не постои Македонија и сето во еден миг се измени. Врз умовите на балканските народи царуваат стереотипи од минатото. Тоа е таа генерална слика на Балканот. Тука балканските политичари мораат да покажат доблест, да се обратат на своите народи, да им кажуваат дека на другата страна од границата живеат пријатели во основа. И тоа е почеток на секој добар дијалог.

Времената спогодба, во моментот кога беше донесена, беше некој вид олеснување, меѓутоа сега повеќе не е одржлива, се бара ново решение. Во моментов од Вашингтон пристигнуваат знаци. Дали можеме да очекуваме барем некакво помрднување во ставовите на двете страни ?

Времената спогодба мораме да ја ставиме во еден контекст. Деведесет и петта година, имаше блокада врз Македонија, ситуацијата во земјата беше прилично тешка и со интервенција на Соединетите Американски Држави и нивниот претставник Холбрук кој долета до тука, беше практично избоксувана таа согласност меѓу двете земји. Никој не беше пресреќен со тоа решение. Времената спогодба не беше израз на волја на Македонија па, ниту беше во тоа време израз на волја

на Грција бидејќи, таа предвидува градење на доверба.Со оглед на така наметнатата спогодба ,практично секоја страна тактизираше пред својата домашна политика. Многу е непопуларно, од грчка страна беше непопуларно да бараат некаков компромис. До скоро, беше на сила договорот меѓу партиите, кои го постигнаа на почетокот од македонската независност, дека нема да се прифати воопшто да постои името „Македонија„ во називот на нашата држава, а од друга страна, во Македонија зајакнаа тие емоции под притисок на Грците и почна да се зацврстува позицијата дека нема да се прави никаков компромис. Во меѓувреме имаше практично дипломатска игра во Њујорк, но без вистинска намера да се реши проблемот. Оној кутар човек Нимиц, тој не може да ни предложи решение, иако ние од него тоа го очекуваме. Тој е медијатор, ако постои волја меѓу двете страни, ако постои храброст тоа да се надмине, тие две страни треба тоа да го сторат. Но, во моментов велам ,ситуацијата не ветува дека бргу ќе се разреши. Мислам дека во Македонија нема расположение за такво нешто. Особено затоа што македонската политичка сцена е прилично раскарана и тешко би постигнале некаков заеднички став за некој компромис. Од друга страна, Грците брзаат, затоа што им е страв дека по признавањето и од Канада, што тие го толкуваат како практично Америка да и намигнала на Канада тоа да го направи, дека можеби ќе им се искомплицира ситуацијата по нашиот влез во НАТО.

Признавањето од страна на Канада аналитичарите го третираат како знак дека времето работи во корист на Македонија и дека Грција кога тогаш ќе мора да отстапи. Меѓутоа, што Македонија може да направи?

Во моментот мислам дека Македонија многу малку може да направи. Проблемот предолго се влечкаше,16 години. Ако се сеќавате, јас како министер за надворешни работи бев свесен дека ова е голема пречка и се обидов со некакви компромисни решенија, со главниот град во заграда, со помош на британските посредници кои во тоа време посебно сакаа да најдеме решение, зашто како што при посетата на Даунинг Стрит 10, со претседателот Глигоров, рече Џон Мејџер: „Потребно е да го јавате бранот, да го решите проблемот.„ Ние се обидовме тогаш, но тоа беше невозможно. Во меѓувреме се зацврсти оваа ситуација, тоа се емотивни теми кои што влегуваат длабоко во чуствата на луѓето и дека тука нема никакво решение. Практично, тестот ќе биде приемот во НАТО.

Дали ветото што го најави Грција може да има спротивен ефект и да и ја олесни позицијата на Македонија за членство во НАТО и Европската Унија ?

Прво,нашите странски партнери, кои што ја разбираат нашата ситуација често знаат да кажат: „Помогнете ни ,за да можеме да ви помогнеме.“ А имено, кога ние се обидуваме да се доближеме до сојузи од типот на НАТО и Европска унија, во кои што членува една земја ,во конкретениот случај Грција, со која имаме спор, ние мораме да знаеме дека сојузите се создаваат пред се, за да ги штитат интересите на своите членки. Ако една држава, нивна членка рече: „Ова е од мој национален интерес“, тоа веќе создава проблеми. Затоа велам дека Македонија сама нема да покрене иницијатива пред се, затоа што домашната политика не е во состојба тоа да го изведе и мислам дека тестот ќе биде приемот во НАТО. Но, тогаш ќе биде многу лошо ако македонската политика не биде во состојба да изгради едно единство околу таа позиција. Македонија може да биде изложена на жестоки притисоци, бргу да бара решенија, решенијата може да не бидат така добри како кога би морало да се размислува. Ние не смееме да дозволиме да ни се повтори атмосферата од приемот во Обединетите Нации, кога се бараа предавници,виновници и такви глупости на политиката.

Ниедна грчка влада не се осмелува да го чепне прашањето, односно да помисли на некакво решавање. Зошто? Што е проблемот кај Грците? Како влегоа тие во тој ќорсокак ?

Грчката нација се смета за веројатно најнационалистичка, не само во Европа туку можеби и во светот. Историјата таму е така глорифицирана, што им е влезена длабоко во свеста на луѓето. Нивното општество е заразено од национализам а, не велам дека тоа го нема на нашата страна, сигурно го има исто така. Но, тоа општество е заразено од национализам со кој политиката прави компромиси и се обидува да искористи и тоа во многу ја заострува ситуацијата. Од друга страна, слушаме во последно време се јавуваат грчки интелектуалци,иако многу скромно. Јас се прашувам: Каде беа до сега? Повеќето од нив да зборуваат дека можеби е време да се прекине со ова, дека можеби е потребна некоја блага интервенција, која нема да го загрози идентитетот и.т.н. но, прашање е колку грчката политика може тоа да го изведе.

Дали можеби во Македонија нема здраво национално чуство,така што е потребен еден ваков долгогодишен нерешен проблем за да може Македонецот да се дефинира? Дали се неопходни провокации како преименување на аеродроми и слично на што Грците имаат забелешки ?

Па вака, тој проблем на дефинирање на нашиот национален идентитет веќе кај помладите генерации би рекол скоро и да не се поставува. Но, многу е интересна нашата еволуција од независноста до денес. Кога ние стекнавме независност, јас се обидов во своите комуникации со светот да дадам една модерна интерпретација на македонската нација. Таа модерна интерпретација на македонската нација, која не мораше да оди до Александар Македонски, во основа беше отфрлена практично од земји како што е Грција, кои што велат или си од антиката, постоиш,или ти не постоиш, односно си вештачка творба која што со други зборови не треба и да постои. Според тоа во некоја смисла јас ја разбирам македонската реакција: „Е,па ако живееме на Балканот, ако сите се лудаци тогаш е глупаво да си разумен.„ И тогаш, со такви луѓе ќе се однесуваме и ние така, и ќе копаме најдлабоко што можеме во историјата. Ќе вадиме амфори, ќе вадиме скулптури, ќе ги ставаме околу владата, ќе го именуваме аеродромот ако треба Александар Македонски, бидејќи овде само тој јазик се разбира. Според мојата интерпретација,ние сме нова, храбра нација, која што својата историја и тоа како може да си ја сака под услов, да гледа со толерантни очи на неа, а не да вади од неа конфликти за денешни расправи.

Велите не сте оптимист за брзо решавање на проблемот, меѓутоа дали тој воопшто некогаш ќе се реши? Што ви кажува вашето чувство?

Како човек кој сакаше тој проблем да се реши деведесет и првата година, имам морално право сега и да бидам скептик,по 16 години. Мислам дека при приемот во НАТО ќе се зголеми сериозно притисокот врз Македонија, бидејќи Грција ќе се обиде да ја искористи својата привилегирана позиција. Нели,сојузите се формираат за заштита на интересите на своите членки, тие веројатно нема да употребат вето, бидејќи треба да му стават вето на Американскиот конгрес и американската администрација, кои што се залагаат за прием на Македонија, која што се покажа како еден сојузник на Американците последниве години. Можеби вето не, но, дека под некаков притисок ,тоа можеби ќе се реализира, за потоа да се надеваме, да се отворат тие процеси на взаемно разбирање меѓу народите и на расчистување со тие стереотипи на омрази меѓу балканските народи.