1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рау - олицетворение на квалитетите што народот ги посакува кај своите репрезентанти

Марсел Фирстенау7 февруари 2006

Германија денеска се прости од починатиот поранешен сојузен претседател Јоханес Рау

https://p.dw.com/p/Ac97
Фотографија: AP

Околу 1500 гости од Германија и од странство присуствуваа на богослужба и на официјална државна церемонија во катедралната црква во Берлин. Социјалдемократот Рау, кој почина на 27-ми јануари на 75-годишна возраст, беше сојузен претседател од 1999-та до 2004-та година, а претходно речиси две децении покраински премиер на Северна Рајна Вестфалија. Тој со децении се ангажираше и во Евангелистичката црква на Германија.

Сила и увереност Јоханес Рау црпеше од верата, своето христијанско убедување тој не го скриваше од никого, рече бискупот Ервин Хубер, претседател на Советот на Евангелистичката црква во Германија. „Јоханес Рау уште како дете доживеа како христијаните беа денунцирани. Тој ја знаеше опасноста на исповедта за Исус. Поради тоа не го иритираше да биде означуван, а понекогаш и исмеван како ’брат Јоханес‘ поради недвосмисленоста на неговиот исповед за Исус“ – рече Хубер.

Сојузниот претседател Хорст Келер на државниот акт, што следуваше по комеморативната богослужба, му оддаде признание на политичкиот пат на неговиот претходник: градоначалник на родниот град Вупертал, министер за образование во Северна Рајна Вестфалија, премиер на таа покраината со најбројно население и конечно шеф на државата. Тој беше носител на мандат кој го знаеше значењето на тој збор: на одредено време доделена задача за општо добро. Беше олицетворение на квалитетите што народот ги посакува кај своите репрезентанти и на кои има право. „Го придоби почитувањето на своите современици, но му успеа и многу повеќе од тоа: тој ја придоби и нивната симпатија, нивните срца. Неговата весела пријателска природа, неговата способност да им пријде на другите луѓе, неговото искрено интересирање за нивните искуства и грижи, неговата голема готовност да помогне и неговиот хумор го направија покраински татко во вистинска смисла на зборот“.

Келер понатаму истакна дека Рау веродостојно, уверливо и симпатично ја претставувал Германија во странство. Тој посебно го нагласи говорот одржан на германски јазик во израелскиот парламент – Кнесетот. „Ние сме благодарни за се’ што тој направи и постигна за германско-еврејските односи и за пријателството меѓу Израел и Германија. Слично важи и за германско-полските врски. За време на животот Јоханес Рау се залагаше за целосно сеќавање. Тој сакаше Германците да се соочат со страдањето што го произлезе од Германија, да се сеќаваат на холокаустот и на германските злосторства против Полска и многу други народи и нации – и истовремено да го гледаат и тагуваат милионкратното индивидуално страдање на Германците во дождот од бомби, бекството и протерувањето“.

По Хорст Келер, и австрискиот претседател Хајнц Фишер му оддаде признание на делото на Јоханес Рау. Тој живееше и работеше за една Германија во која и пред која никој не мора да се плаши, рече Фишер: „Тој беше убеден Европеец. Поради тоа имаше толку многу пријатели во цела Европа и надвор од неа. Кого и да го сретнеш од меѓународната заедница деновиве, слушаш зборови на восхитување, респект и признание за Јоханес Рау и вистинска тага поради неговата смрт“.

Почит на починатиот претседател му беше оддадена и со почесна формација на припадници на Бундесверот.