1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рација во џамија во Берлин

ЕМФ / дв
18 декември 2018

Германската полиција денеска изврши претрес на неколку објекти во Берлин, меѓу кои и салафистичката џамија Ал-Сахаба. Според сомневањата, имамот финансиски поддржувал терористи во Сирија.

https://p.dw.com/p/3AJsm
Berliner Moschee durchsucht
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Поради сомневање за давање поддршка и финансирање терористи, берлинската полиција изутринава изврши претрес во салафистичката џамија Ал-Сахаб, во берлинската населба Вединг, и во неколку други објекти.

Во фокусот на истрагата е 45-годишниот Ахмад А., кој како имам во џамијата јавно настапува под името Абул Бараа. Обвинителството во Берлин на Твитер соопшти дека постои сомневање дека тој на џихадистички борец во Сирија му „испратил пари за купување оружје и опрема за извршување терористички кривични дела“.

Полицијата заплени компјутери, УСБ-стикови, хард-дискови и смартфони. Податоците кои се наоѓаат на нив сега ќе бидат анализирани, изјави портпарол на полицијата.

Berliner Moschee durchsucht
Полициски возила пред џамијата Ал-СахабаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Џамијата Ал-Сахаба е предмет на набљудување на тајната служба поради тоа што е место на средби на радикални салафисти. Агентите на тајната служба во својот извештај за 2017 година пишуваат дека џамијата и здружението „Сопатници“ со години се едни од најпознатите салафистички институции во Берлин.

Повеќе:

Невидливи и опасни: салафистите во Северна Рајна Вестфалија

Салафистите од босанските ридишта

Абул Бараа ги ширел своите салафистички ставови и при настапи пред заедниците во џамии во други градови. Имамот се смета за значаен мултипликатор на салафистички идеологии. Освен тоа, џамијата Ал-Сахаба е надрегионален собирен пункт за заинтересираните за салафизам, што се гледа и од т.н. семинари и курсеви по ислам што ги држат познати проповедници гости од Бон и Лајпциг.