1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рајконен побрз од Алонзо

9 мај 2005

100-та светска титула за кинеските пингпонгари, сребрен медал за Германија во машки двојки. Бетини најбрз во првата етапа на Џиро д’Италија.

https://p.dw.com/p/Ael2
Победникот од Барселона Кими Рајконен
Победникот од Барселона Кими РајконенФотографија: dpa

Прва победа на Кими Рајконен од тимот на Мекларен-Мерцедес во петтата трка од сезоната во сцетското првенство во автомобилизам формула 1. Квалитетите на болидот, навестени на претходната трка, кога дефект го спречи триумфот на Рајконен, се потврдија во целост и на убедлив начин на патеката кај Барселона. Водечкиот во првенството, Шпанецот Алонзо, возач на Рено, со второто место сепак не ги разочара 115-те илјади гледачи, дотолку повеќе, што ја зголеми предноста во генералниот пласман: тој сега има 44 бодови, пред Трули со 26 и Рајконен со 17. Третото и четвртото место го освоија болидите на Тојота управувани од Трули и Ралф Шумахер. Михаел Шумахер не ја заврши трката – по проблеми со гумите се откажа по извозени две третини од трката. Во конкуренција на конструктори води Рено со 58 бодови, Тојота има 40, а Мекларен-Мерцедес 37.

Победник на првата етапа на велосипедската трка Џиро д’Италија е олимпискиот првак Паоло Бетини, кој во последните илјада метри од патеката долга 208 километри се одвои од главната група и ги остави зад себе спринтерите Роби МекЈуен од Австралија и Италијанецот Алесандро Петачи. Германскиот ас Ерик Цабел, кој во последен момент се реши да учествува на трката, го освои шестото место.

На светското првенство во хокеј на мраз репрезентацијата на Германија одигра нерешено 2 спрема 2 со Австрија во плеј-оф средбите за опстанок во првата група.

Кинезот Ванг Ликин стана светски првак во пинг-понг во поединечна конкуренција. Во финалето на првенството во Шангај тој го совлада сонародникот Ма Лин со 4 спрема 2 во сетови. Ванг со тоа ја освои јубилејната, 100 светска титула за кинески пингпонгари. Германската машка двојка Тимо Бол-Кристијан Зис го освои сребрениот медал по поразот со 4 спрема 1 во финалето од Кинезите Конг и Ванг. „Овде одигравме величествен турнир, ги елиминиравме носителите на бронзениот медал, потоа олимписките прваци од Атина и, всушност, го одигравме турнирот на нашиот живот“ – презадоволен прокоментира Тимо Бол.

Олимписката шампионка Жистен Анен-Ардан по трет пат е победничка на Отвореното првенство на Германија во тенис. Во финалето на турнирот со награден фонд од 1,3 милиони долари, таа во Берлин славеше победа со 2 спрема 1 во сетови против Русинката Петрова. Ова е 22-ри освоен турнир во кариерата на 22 годишната тенисерка од Белгија.