1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рајс и Гејтс во Москва

12 октомври 2007

Министрите за надворешни работи и за одбрана на САД К. Рајс и Р. Гејтс во Москва агитираат за плановите за антиракетна одбрана. Остануваат руските закани за откажување на Договорот за ракети од краток и среден дострел

https://p.dw.com/p/BqP0
Од денешната средба на Роберт Гејтс и Кондолиза Рајс со рускиот претседател Владимир Путин во МоскваФотографија: AP

“Меѓу нас има одредени разлики во мислењата, но ќе вложиме сила за да ги надминеме” – изјави, според агенцијата Интерфакс, Кондолиза Рајс по средбата со Путин во неговата резиденција. Рускиот претседател побара од САД да не склучуваат никакви договори за стационирање со Полска или Чешка се’ додека не завршат руско-американските преговори за противракетната одбрана.

Путин побара од американсите министри да ги земат предвид и руските задршки во врска со Договорот за уништување на ракети од краток и среден дострел. Руското воено раководство уште на почетокот на годинава веќе се закани со тоа дека еднострано ќе биде откажан тој договор склучен во 1987-ма година меѓу САД и тогашниот Советски сојуз. Со него се регулира уништувањето на сите нуклеарни ракети со дострел од 500 до 5500 километри.

Со такви ракети располагаат земји како Пакистан, Индија, Кина, Иран и други, но не и Русија и САД. Затоа Путин укажа: “Ако не ја постигнеме таа цел, ќе ни биде тешко да останеме во рамките на тој договор. Други држави во непосредна близина на руските граници развиваат такви оружја”. Инаку, со антиракетниот систем американски ракети би биле стационирани во Полска. Како противодговор Русија навести стационирање на новоразвиените ракети Искандер во Калининград.

Кондолиза Рајс, и покрај ваквите најави од руска страна, го нагласи руско-американското партнерство: “Имаме многу заедничко, кога е во прашање нашата и безбедноста на нашите соседи. На пример, во борбата против тероризмот и кај неширењето на атомското оружје она што ни е заедничко е поголемо од работите што не делат”.

Х. Краузе/ З.Ј.