1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рајс ја брани одлуката за американска испорака на оружје

1 август 2007

Американскиот државен секретар се наоѓа на Блискиот исток. Соработката во вооружувањето не е насочена против никого, вели Рајс. Во тоа “никого” многумина го препознаа Иран, од каде дојдоа предупредувачки тонови.

https://p.dw.com/p/BOiw
Кондолиза РајсФотографија: AP

Блискоисточниот мировен процес и испораката на оружје беа во средиштето на разговорите на Рајс со осуммина колеги од земјите на Арапската лига. Сите беа согласни дека проблемите во регионот се неодвоиви на патот кон мирот во регионот и треба да бидат набљудувани и третирани како целост. Тоа се однесува на решението на израелско-палестинскиот конфликт, како и на саудиската мировна иницијатива. Разговорите на делегацијата на Лигата во Ерусалим минатата недела не донесоа резултат. Рајс беше информирана за тоа.

Дискутирано беше и за мировниот самит што кон средината на јули го предложи американскиот претседател Џорџ Буш. Констатирано е дека во тој поглед се потребни дополнителни подготвителни средби и дипломатски разговори. Се разговарало и за Ирак, но подробности не се наведени.

На прес-конференција по средбата во Шарм ел Шеик Рајс нагласи дека десетици милијарди вредната најавена испорака на оружје во регионот на Блискиот исток не е ништо необично – досегашниот 10-годишен договор за соработка на воен план истекувал и сега ќе биде обновена. “САД се решени да им покажат на своите сојузници во регионот дека можат да се потпрат врз нас и дека ние ги знаеме нивните безбедносни потреби. Наш голем интерес е сузбивање на тероризмот и екстремизмот во овој регион и ние сакаме, како што беше во минатото, и во иднина да биде одржан мировниот процес” – рече Рајс.

Со јасни зборови кажано, тоа значи дека цел е воспоставување воена противтежа на Иран, Сирија и на екстремистички групи како Ал Каеда и Хезболах. Претставници на иранската влада во врска со ваквите американски планови во понеделникот зборуваа за "хорор-сценарио".

Петер Штефе