1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции: ЕУ го респектира исходот на референдумот во Црна Гора

Зоран Јордановски22 мај 2006

Со Црна Гора и со Србија сега ЕУ одвоено ќе преговара за договори за стабилизација и асоцијација. Бусек: крај на една тегобна државна унија. Германски парламентарци: решението во Црна Гора без последици за решавањето на косовското прашање

https://p.dw.com/p/Ac6Q
Хавиер Солана
Хавиер СоланаФотографија: AP

Европската Унија без сомневање целосно ќе го респектира резултатот и посакува тоа да го сторат и обете страни во Црна Гора – рече денеска во Брисел претставникот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана, со честитки за граѓаните на Црна Гора за успешната организација на референдумот. Тој тоа го оцени како знак за зрелост и одговорност на населението, а високото учество на избирачите како потврда на легитимитетот на процесот. За иднината на преговорите за приближување кон Унијата, Солана рече: „Не можам да ви кажам кога ќе ги започнеме преговорите, но мислам дека сега треба прво двете страни да разговараат меѓу себе, пред ние да разговараме со нив.“

Европската Комисија ги повика сите партии и граѓани на Црна Гора да го сочуваат единството и да изградат консензус за иднината на републиката врз основа на европски вредности и норми. По официјална потврда на резултатот од гласањето, Комисијата има намера да му предложи на Советот на министрите на Унијата да и’ додели мандат за преговори со Црна Гора и да го промени мандатот за да можат да продолжат преговорите со Србија за склучување одвоени договори за стабилизација и асоцијација, рече во Брисел портпарол на Унијата.

Ова веќе претходно го навести раководителот на бирото на ЕУ за Западен Балкан Рајнхард Прибе: „Ако појдеме од тоа дека резултатот на референдумот е за независност, тогаш ЕУ ќе го респектира под предуслов да беше коректно спроведен. Тогаш Црна Гора сама ќе оди на патот кон европска интеграција. Тоа, пак, значи дека ние за неа посебно ќе ги проверуваме критериумите кои мораат да бидат исполнети“.

Координаторот на Пактот за стабилност за југоисточна Европа Ерхард Бусек прокоментира: „Како прво, ставен и’ е крај на оваа малку тегобна државна заедница. Или требаше да има силно заедништво, значи влада која вистински може да ја води Србија и Црна Гора, или да бидат две одвоени држави. Од тие две можности, ние ја имавме третата: сојузната влада не беше способна да дејствува и преговорите со таа државна заедница требаше да се водат со тројца, наместо со еден претставник“.

Бусек не гледа опасност од дестабилизација или критична ситуација на просторот на поранешна Југославиј: „Мислам дека го надминавме тоа. Излеговме од таа ситуација по 4 војни таму. Сега сите седат на иста маса – секако со различна тензија, но таму нешто решавачки се промени кон позитивно. Едно мора јасно да се каже: моментно не е многу популарно, но безусловно мора да биде задржана перспективата за проширување на ЕУ. Инаку, таму нема никогаш да добиеме стабилност“.

Ни пратеникот во германскиот Бундестаг, социјалдемократот Јоханес Јунг, член на одборот за соработка со Албанија, Македонија и Србија и Црна Гора на парламентарната Комисија за надворешна политика, не очекува меѓуетничка затегнатост: „Сметам дека населението во Црна Гора и одговорните во политиката на обете страни – приврзениците за и оние против независност – докажаа дека ги имаат проблемите под контрола и оти сега, кога ситуацијата всушност е разјаснета, би требало заеднички да го бараат најдоброто за таа нова држава“.

Демохристијанинот Петер Вајс, исто така пратеник во Бундестагот, смета дека Србија и Црна Гора, сега како независни држави, ќе мораат заеднички да работат врз стабилноста во регионот. На прашање како исходот на референдумот би се одразил врз Косово, тој вели: „Независноста на Црна Гора нема никакви значајни последици за прашањето на Косово. Мнозинството во покраината веќе со децении работи за независност и преговорите сами по себе се доволно тешки. Но, мислам дека Косово е сосем друго прашање и сметам дека тие две мора да се гледаат одвоено“.