1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции на аудиенцијата на папата

26 септември 2006

Во муслиманските земји денеска позитивни реакции на аудиенцијата на папата Бенедикт 16-ти во Ватикан, на која присуствуваа амбасадори на претежно муслимански земји во Ватикан и претставници на Арапската лига и на исламски здруженија. Папата го означи дијалогот меѓу христијаните и муслиманите како животно неопходен и повика на соработка.

https://p.dw.com/p/Adwx
Средбата се одржа во Кастел Гандолфо
Средбата се одржа во Кастел ГандолфоФотографија: AP

Потпретседателот на исламската заедница во Италија, Јае Палавачини, изјави: “Оваа средба беше многу куса, но со длабоко значење. Папата ја потврди својата симпатија и солидарност, како и пријателството кон муслиманскиот свет и на некој начин почитта кон исламот како религија, верувајќи во еден и единствен господ.“

Ирачкиот амбасадор во Светата столица, Алберто Едвард Исмаил Јелда, пак, рече: “Светиот отец уште еднаш ја изрази неговата длабока почит кон сите муслимани на светот и кон исламот и изрази желба за изградба на меѓусебни мостови и почит.“

Претседателот на унијата на исламски заедници во Италија. Мохамед Нур Дахан, смета дека средбата на папата со исламските претставници е знак на волја за дијалог која не може и не смее да се превиди. Претставникот на муслиманската светска лига, Марио Скиалоја, пак, говори за повторен почеток на една прекината врска.

Националните здруженија на млади во еврејските, муслиманските и католичките заедници во заедничка изјава соопштија дека од најголема важност е да се настојува на дијалог меѓу различните вери и култури.

Позитивни реакции на потегот на папата има и во редовите на католиците ширум светот. Претседателот на германската бискупска конференција, Карл Леман, на пример, изјави дека папата направил добар гест и се радува што Рим прави се за на оние што имаат добра волја да им објасни за што се работи. Бискупот надлежен за католичките верници во шест арапски земји, Паул Хиндер, средбата на папата ја означи како многу важна за ситуацијата на верниците во неговиот регион на дејствување. Од страна на муслиманите има доволно знаци дека постои подготвеност за решение на конфликтот на мирен начин, изјави Хиндер.