1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции на обвинението и оставката на Харадинај

8 март 2005
https://p.dw.com/p/AcGp

„Го поздравувам ставот на Харадинај да соработува со трибуналот. Тоа е обврска на сите“ – изјави претставникот на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана. „2005-та година е клучна за иднината на Косово и очекувам косовскиот народ да се однесува одговорно. Владата и институциите на Косово сега треба да се концентрираат на многу поважни предизвици, како што е спроведувањето на стандардите“ – вели Солана.

Еврокомесарот за проширување на Унијата Оли Рен го оцени решението на Харадинај како „смел и истовремено умен чекор“. „Ја ценам неговата готовност да ги респектира меѓународните закони. Го повикувам косовскиот народ да го следи апелот од Харадинај да го зачува мирот“ се вели во изјавата на Рен.

Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер искажа надеж дека Харадинај ќе соработува со судот во Ден Хаг. И тоа е еден од демократските стандарди со чие исполнување меѓународната заедница го поврзува решавањето на дефинитивниот статус на покраината, потсети Шефер.

Претседавачот со ОБСЕ Димитриј Рупел рече дека има уверувања оти нема да дојде до дестабилизација на Косово при подигнување обвинение против Харадинај. „Уверен сум дека косовското раководство ја разбира ситуацијата. Ако има проблеми, би бил загрозен напредокот на сите процеси, а еден ден ќе мораме да се соочиме со прашањето за конечниот статус на Косово“ – рече Рупел за радиото Глас на Америка.

Валентин Николовски, шеф на кабинетот на македонскиот претседател Бранко Црвенковски, за македонската програма на Дојче Веле изјави: „Се надеваме дека состојбата на Косово, во светлина на најновите настани, ќе остане стабилна и под целосна контрола. Ова е уште еден тест за меѓународната мисија и за институциите на Косово“.

Министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора Вук Драшковиќ ја оцени оставката на Харадинај и решението да го почитува обвинението како „одговорен чин“. „Сега е најважно сите граѓани на Косово, пред се’ Албанците, мирно да го прифатат обвинението и да ја почекаат одлуката на Судот во Ден Хаг“ – смета Драшковиќ.

Душан Јањиќ, претседател на невладината организација Форум за меѓуетнички односи од Белград изјави: „Харадинај покажува дека го почитува договорот со претставниците на државната заедница околу неговото одење во Хаг и сега, се разбира, ова е момент на сериозна проверка за сите на Косово, најнапред за албанските водачи, дали се во состојба да го контролираат евентуалното незадоволство на екстремнните Албанци и внатрешните конфликти“.