1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции на погубувањето на Садам Хусеин

30 декември 2006

Светските државници денеска различно реагираа на веста за извршувањето смртна казна врз поранешниот ирачки претседател

https://p.dw.com/p/AduR
Хусеин при судењето
Хусеин при судењетоФотографија: AP

Американскиот претседател Џорџ Буш спроведувањето на смртната казна против Садам Хусеин го оцени како важен чекор на патот кон ирачката демократија, но предупреди дека овој чин нема да го сопре насилството во Ирак. Погубувањето стигна како крај на една тешка година за ирачкиот народ и за американските трупи.Според Буш,против Садам Хусеин беше водена фер постапка за делата кои ги сторил,а по децении угнетување,сега Ирачаните можат да гледаат кон иднината.

Германската сојузна влада го потенцираше своето принципиелно одбивање на смртната казна.Државниот секретар во Министерството за надворешни работи во Берлин ,Гернот Ерлер,меѓутоа изрази разбирање за согласноста на погодените Ирачани.Германската влада отсекогаш смета дека нема никаков сомнеж во злосторствата на Садам Хусеин,изјави Ерлер.

Претседателот на Одборот за надворешни работи на Германскиот Бундестаг Руперт Поленц егзекуцијата на Садам ја нарече пропуштена шанса за Ирак за соочување со минатото:

-Јас сум во основа против смртната казна,тоа важи и за случајот на Садам.

И пратеникот од Партијата на Зелените Фолкер Бек со став:

-Јас ја делам критиката од организациите за човекови права.Смртната казна и во овој случај не е оправдана.Државата нема право да им го одзема животот на луѓето,тоа е најважното човеково право.

Британската министерка за надворешни работи Маргарет Бекет изјави дека Садам Хусеин „платил“, и изрази задоволство, што од ирачкиот суд бил повикан на одговорност најмалку за едно од неговите дела. Британската влада ја почитува одлуката иако самата одбива смртна казна. Портпарол на британскиот премиер Тони Блер изјави дека ставот изнесен од министерката Бекет е став и на премиерот.

Француското министерство за надворешни работи ги повика Ирачаните да се свртат кон иднината и да работат на помирување и национално единство.Франција заедно со своите европски партнери меѓутоа и натаму ќе се залага против смртна казна.Во случајот со Садам,одлуката беше на ирачкиот народ и политичкото раководство.Но,затоа повеќе од било кога целта сега треба да биде враќање на целосниот суверенитет и кон стабилност на земјата,се вели во изјавата на француското министерство за надворешни работи.

Претставниците на рускиот парламент оценија дека погубувањето на Садам Хусеин ќе ја дестабилизира ситуацијата во Ирак и на подрачјето на Заливот.Тоа ќе предизвика нова спирала насилство изјави претставникот на рускиот парламент Михаил Маргелов.

Јапонските власти ја прифати смртната казна како одлука на новата влада на Ирак во согласност со владеењето на правото.

Австралискиот шеф на дипломатијата Александар Даунер исто така изјави дека го почитува решението на ирачките власти,иако Австралија самата е против смртна казна.

Организацијата на исламската конференција оцени дека постои опасност бесењето на Садам Хусеин да предизвика насилства во Ирак.

Иран го оцени погубувањето на екс диктаторот како победа на ирачкиот народ.Заменикот министер за надворешни работи Хамид Реза Асефи потенцира дека ова не смее да си го припишува ниедна друга земја,иако го критикуваше брзото извршување на казната,сметајќи дека зад итањето стојат САД.

Либија пак прогласи тридневна жалост за Садам Хусеин,а сите прослави предвидени за празникот Курбан +Бајрам кој почнува денеска,се откажани,наведува новинската агенција Јана.

Ватикан го оцени погубувањето на Садам Хусеин како трагично.Портпаролот Фредерико Ломбарди изјави дека овој чекор нема да помогне за помирување меѓу ирачкиот народ или за постогнување праведност.Ломбарди смета дека можно е сега да дојде до зголемување на насилството во Ирак.

Критика за егзекуцијата на Садам Хусеин доаѓа од организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч која неа ја означи како значаен чекор на оддалечување од човековите права.