1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакција на ОМД: Иницијативата Жан Моне нема легитимитет

16 ноември 2017

Од Обединетата македонска дијаспора (ОМД) реагираат на текстот „Моне за почетници“ објавен вчера на нашата интернет страница. Реакцијата ви ја пренесуваме во целост

https://p.dw.com/p/2nj3n
Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Фотографија: picture-alliance/dpa

„По повод вашата статија "Моне за почетници,” каде ОМД од страна на вашиот новинар Љупчо Поповски е оквалификувана како патриотско националистичка, во интерес на јавноста во Македонија и во дијаспората, согласно европските вредности на објективно информирање, Ве молиме да ја објавите во целост следнава реакција.

Во своето 13 годишно постоење, ОМД согласно својата програмска определба и мисија секогаш стоела и ќе стои на браникот на засебноста на македонскиот народ, јазик, култура, правото на самоопределување и почитување на различноста и мултикултурализмост, и во борбата за рамноправност на македонскиот народ со сите останати народи во современиот свет. Ве охрабруваме повеќе да се запознаете со работата и резултатите на ОМД посетувајќи ја нашата веб страна: http://www.umdiaspora.org

Инцијативата Жан Моне нема легитимитет затоа што уште еднаш по кој знае кој пат европска институција флагрантно го крши демократскиот кодекс, директно мешајќи се во работи кои се во исклучива ингеренција на претставници на македонските граѓани кои се избрани на регуларни и непосредни избори. Притоа барањето на Вајгл за неприсуство на медиуми на овие средби или како што вие наведувате во Вашиот текст "во тишина,” за нас е фрапантно и неприфатливо. Зборувате за демократија и европски вредности и за помрднување на прашањето за името за да може државата конечно наредната година да стигне поблиску до ЕУ, меѓутоа го изоставате фактот дека Македонија одамна ги исполни Копенхашките критериуми одредени од ЕУ (стандардни критериуми за започнување на преговори за членство) кои доколку Европската Унија ги почитуваше, изразувајќи се според вашата генијална креативност, Македонија веќе одамна ќе беше на железничката станица за да ги пречека Србија и Црна Гора. Но за жал тоа не беше доволно, и по кој знае кој пат, со додавање на нови критериуми за исполнување, на Македонија стативата и беше подмрдната уште еднаш, и уште еднаш и беше удрен црн печат во пасошот на Македонија од страна на демократската ЕУ, за да не може да патува во Брисел.  Доколку Европската Унија се придржуваше кон и ги почитуваше своите демократски принципи, Македонија одамна ќе беше членка на унијата, меѓутоа како и на сите сегашни и минати ЕУ политичари и дипломати, и вас вие е многу добро јасно дека тоа не е главната причина зошто Македонија е сеуште надвор од Европската Унија.

Почитуван Поповски, да, целосно е точно дека оркестрирана демократија води кон тотален хаос и неспокој. Нашите западни пријатели се директни соучесници во хаосот во кој се наоѓа македонското општество. Премолчувајќи ја транзиционата пљачка на македонскиот општествен капитал во 90-те години, толерирајќи го своето галениче членка Грција во шовинистичкиот пристап кон своето македонско малцинство и кон Македонија околу името на државата и нашиот македонски идентитет, толерирајќи ја својата членка Бугарија околу ОМО Илинден и добрососедските односи (земете го за пример Каракачанов, актуелен министер за одбрана), оркестрирајќи го Охридскиот договор, децентрализацијата од 2004 по етнички поделби, а не граѓански, непочитувајќи ја пресудата од Хаг за блокадата во НАТО, срамните за демократија и транспарентност Пржински 1 и 2 договори, се непобитни докази за инволвираноста на ЕУ во оркестрирањето на македонското општество. Намерите можеби се добронамерни, но резултатите се катастрофални, токму поради газењето на правото на независна и суверена демократска пракса во македонското општество. Нашите западни пријатели треба да ја оценуваат политичката клима, а не да ја креираат. Тоа е исклучиво внатрешно прашање, кое што тие многу добро го знаат, а доказ за тоа се Каталонија и Шпанија, и многу други такви примери

Фрапантна и несватлива е вашата примедба за Фејсбук анкетата која ја спроведуваме за иницијативата Жан Моне. Токму поради медиумскиот молк за дебата, согласно демократските принципи, ОМД користејќи социјална мрежа сакаше да го дознае мислењето на македонскиот граѓанин околу иницијативата. Што има лошо да се знае мислењето на народот во државата и надвор од неа наспроти тишината која Вие ја претпочитате? И да, Г-не Поповски, резултатите од оваа анкета ќе бидат проследени до сите политички фактори во Македонија, Владата и Собранието но и до Европскиот Парламент, онака демократски како што доликува, а не националистички како што вие си дозволивте да ја декларирате ОМД само поради тоа што не се согласувате со нашата демократска иницијатива. 
ОМД активно дејствува и ќе продолжи да дејствува од своето седиште во еден од најважните политички и дипломатски центри во светот Вашингтон, и немаме потреба да ве уверуваме дека успешно го правиме тоа, бидејки нашите резултати се доказ за тоа. Како дел од народот а не како некоја странка, како што вие сакате да ја претставите ОМД, Ние ќе ја продолжиме нашата патриотска работа, на демократски начин, за доброто на целиот македонски народ во матичната држава, македонските малцинства во соседните земји, и дијаспората и на сите други граѓани на Македонија.“

Текстот на нашиот дописник Љупчо Поповски можете да го прочитате на следниот линк

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема