1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ребаланс за социјален мир, за сметка на развојот

Костадин Делимитов 5 април 2012

Македонскиот буџет ќе биде посиромашен за 120 милиони евра - ќе се крати на се`, освен на плати и пензии. Експертите предупредуваат дека погрешните економски политики може да предизвикаат дополнителни проблеми.

https://p.dw.com/p/14Y98
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Одбирање помало зло за социјален мир, срамен епилог на нереалните економски прогнози базирани на политички желби“. Со вакви оценки дел од експертската јавност реагира на владините најави дека државната каса наскоро ќе биде попразна за 120 милиони евра како резултат на најавениот ребаланс.

Експертите во Македонија генерално ја поздравуваат одлуката, иако задоцнето да се реагира на ваков начин. Но, политиката да се крати на се`, освен во делот на платите, пензиите и бројката на јавната администрација, ја сметаат за погрешна што може да предизвика дополнително влошување на состојбите.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски во изјава за Дојче веле предупредува дека заради социјалниот момент страда развојот. Погрешно е вели тој, за сметка на нормално функционирање на министерствата да се крати во делот на развојот. Сепак, владината одлука според него е политичка реалност и одбирање помало зло во случајов зашто кај платите и пензиите нема флексибилност, а евентуалните промени би предизвикале проблеми.

Ивановски предупредува дека е нелогично јавната администрација да биде настрана од случувањата, туку напротив во вакви услови таа треба да ја дели судбината со приватниот сектор кој по правило е најпогоден. Сепак тој не очекува поголеми поместувања на овој план, посебно во услови кога наредната година треба да се одржат локални избори.

Опасност за дополнително влошување

Неговиот колега и поранешен министер за финансии Никола Поповски предупредува дека ребалансот на буџетот е најбрз во историјата и срамен за проекциите на владата. Ваквиот потег, според него, бил нужност во услови кога буџетот уште кога се носел бил базиран на економски прогнози, кои повеќе биле политички желби отколку реалност. Владата во тој период била единствената во светот и во Македонија, која сметала дека нејзината политика ќе биде реално остварлива, што доведе до актуелната ситуација на колапс: „Невработеноста расте, БДП стагнира или се намалува, индустриското производство опаѓа, а како резултат на тоа даночните приходи се ниски и не можат да ја покријат потрошувачката која и без тоа е преголема“, смета Поповски.

Nikola Popovski
Никола ПоповскиФотографија: DW

Трагедијата во целата оваа ситуација на нужност според него е што владата не сака да го намали дефицитот и ќе продолжи во услови на намалени даночни приходи со првичниот проектиран дефицит од 2,5% од БДП или 200 милиони евра.

„Доживувајќи разочарувачки раст и економски резултати, владата ги намалува и инвестициите во буџетот со што резултатите во иднина може да се очекува дополнително да се влошат“, предупредува професорот.

Опозицијата иницира разговор и предлага мерки

Опозициската СДСМ реагира што владата уште во старт не ги послушала нивните укажувања, дека проекциите се нереални и не го прифатила нивното барање за итен ребаланс пред два месеца. Според потпретседателот на партијата Зоран Јовановски инаетот во водењето на економските политики не носи корист никому, што остава последици по граѓаните, стопанството, но и кредибилитетот што важи не само за оваа туку и сите влади. „Опозицијата подаде рака и предложи пакет од 27 мерки, но власта е глува на конструктивните предлози од СДСМ“, реагира Јовановски.

Ребалансот е последица на кризата и студот

Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека се решиле за ребаланс заради тоа што европската криза била подлабока од предвидувањата, но и заради неодамнешните лоши временски услови. Кратењето се правело на начин за да не се префрли товарот од кризата врз граѓаните. Не се разлислува за намалување на даноците, но проекцијата за растот од 4,5% сигурно ќе се ревидира надолу.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Зоран СтаврескиФотографија: MIA

Експертите и бизнис заедницата постојано предупредуваат дека капиталните инвестиции по правило страдаат во вакви случаи што долгорочно е неповолно за економскиот развој на земјата. За годинава владата предвиде рекордни 430 милиони евра инвестиции во патната и железничката инфраструктура, здравството, образованието, енергетиката. Структурата на вкупното намалување од околу 5% ќе се знае за десетина денови.