1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ревизија на македонскиот идентитет

5 мај 2020

Никој нема мандат за поддршка на антимакедонски стратегии кои го дестабилизираат и го негираат востановениот македонски идентитет со било чиј декрет или некоја квази научна декларација. Пишува академик Катица Ќулавкова

https://p.dw.com/p/3boAg
Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Како ефикасна стратегија за ревидирање на наследениот идентитет на унитарна Република Македонија меѓудругото се покажа нејзиното редизајнирање од суверена етно-национална држава во т.н. мултиетничка држава, од класична демократија во (консензуална) мултиетничка демократија. До 2001 година  македонскиот народ имаше улога на државотворен народ на Р Македонија, при што сите етницитети и граѓани имаа рамноправен статус, а од ноември 2001 година македонскиот народ почна да го дели државотворниот статус со другите народи, со тенденција мултиетничкиот да се претвори во биетнички/бинационален карактер на државата.

Токму тоа иницијално редизајнирање на Уставот на Р Македонија, проследено со меѓународно поддржаното барање на соседна Грција да се промени името на државата, доведе до дестабилизација на стекнатиот и легитимен статус на македонскиот народ на граѓанска држава-нација и го осуети формирањето на македонска нација во смисла на постигнување висок степен на национален (транс-етнички) интегритет на сите етнички заедници во една македонската држава и нивно препознавање во сите државни институции и симболи (од име, до знаме, јазик).

Процесот на ревизија на македонскиот идентитет се радикализираше на тој начин што во јуни 2019 година, со потпишувањето на Преспанскиот договор, Р Македонија го смени своето долго и кратко име во Република Северна Македонија, односно Северна Македонија, и прифати да биде лишена од правото да се именува како Македонија, спротивно на волјата на мнозинството граѓани, прифати да го редефинира постојниот од 1945 година идентитет заведен во документите на ОН (според личната карта на Р Македонија, нејзин јазик беше македонскиот без било какви рестриктивни додавки, а народот – македонски). 

- повеќе на темата: Македонскиот јазик во простор и време

Во спорна процедура, претставници на Р Македонија прифатија ревизија на етно-национален наратив, а со тоа и на културната и националната историја на Македонците. Имено, тие се согласија со забраната Македонија и Македонците да се повикуваат, во било која ситуација, на историјата постара од онаа која се поврзува со словенскиот карактер на македонскиот јазик, народ, историја и култура, а се согласија и со културоцидната политика која го оспори постоењето на македонски народ (етничките Македонци) и македонска нација (сите граѓани на Македонија), односно прифатија не само ревизија и редукција на македонскиот идентитет, туку и негова негација и супституција со категоријата „граѓани на Северна Македонија“.

На внатрешен план, во исто време се воведе (противуставно) тотална двојазичност (покрај македонскиот и албанскиот се прогласува за официјален јазик на територијата на целата држава, дури и со поголеми овластувања од оние што ги има македонскиот јазик, што повлече една гротескна дискриминација не само на македонскиот јазик, туку и на Македонците) несоодветна и спротивна на реална јазична и етничка ситуација во државата, а спротивна и на државниот интерес на унитарна Македонија.

Со Преспанскиот договор (17.06.2018) се отвори „македонското прашање“, а со него се даде легитимитет на политиките на негација на македонскиот идентитет по сите клучни основи: народ, јазик, национална и културна историја, сувереност, национални установи (ниту една национална установа не смее да го носи називот Македонска, дури ни МАНУ, иако тоа е во спротивност со Законот за основање на МАНУ), а веќе се спомнуваат и некои нови стратегии на фрагментирање на територијалниот интегритет на државата.  Самиот Преспански договор на никаков начин не го спомнува претходното уставно име на Р Македонија (наречена е „Втората страна“, за разлика од името на Грција кое е експлицитно наведено), што може да се сфати и како премолчување/игнорирање на државниот континуитет меѓу Р Македонија и Р С. Македонија.

Преспанскиот договор е поставен ексклузивно спрема античкото историско и културно наследство (го негира елементарното право на Македонија и на македонскиот народ на било какво, макар и симболично, идентитетско) реферирање, идентификување, па и проучување на историјата на античките Македонци и на античка Македонија. Научната вистина за ваквата политика на декрет е ирелевантна, а Грција е, a priori, овластена да го присвојува древно-македонскиот идентитет, независно од постојните или новите објективни показатели.

Massendemonstration der Opposition zum Sturz der Regierung in Mazedonien
Академик Катица Ќулавкова, десно. (архивска фотографија)Фотографија: DW/K. Blazevska

Бугарската позиција во оспорувањето на македонскиот идентитет

Во таква драматична геополитичка констелација во којашто се најде Македонија од јуни 2018 година, беше „логично“ да се очекува дека ќе се прошират и ќе се радикализираат негаторските и присвојувачките политики спрема македонскиот народ, неговата национална и културна историја и неговиот јазик. Уште во текот на 2019 година Бугарија излезе во неколку наврати со официјални документи со коишто се оспорува постоење на било каков македонски етнички, јазичен и културен идентитет пред 1945 година. Позицијата на Бугарската Влада и Парламент,  (па и на БАН), е експлицитна во својата ексклузивност по однос на македонскиот „словенски“ идентитет до 1945 година и условувачка по својата интонација и намена да го осуетат интегративниот процес на РС Македонија во Европската Унија, до колку таа не ја прифати позицијата на Бугарија според којашто македонскиот идентитет е вештачка (југословенска) конструкција од 1945 година, односно дека сите усвоени обележја на македонскиот идентитет треба да се ревидираат како бугарски: Македонците и Бугарите се еден народ, македонската културна и национална историја е бугарска, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, а севкупната политика на македонскиот идентитет, всушност, е поставена врз „идеологија на анти-бугарска основа“ од страна на т.н. „југословенски тоталитаризам“ („Рамковна позиција...“, 09.10.2019). Таквиот адоптивен и експанзионистички дискурс ја застапува апсурдната теза дека македонскиот идентитет е „реално имагинарен“, односно дека во стварноста Македонците се или Грци, или Бугари, сè, само не Македонци! 

- повеќе на темата: Бугарија и нејзините проблеми со минатото

Така, го добивме и условот што Бугарија го поставува за зачленување на РС Македонија во ЕУ пред органите на ЕУ, а што македонските власти се обидоа да го прикријат повеќе од еден месец (март-април 2020). Наместо да се реагира според дипломатските правила, РС Македонија официјално молчи и се воздржува од било каква реакција, а за возврат ги толерира индивидуалните толкувања на македонскиот идентитет и историја на некои македонски интелектуалци и универзитетски професори. Како што обично се случува, радикалните тези на македонските интелектуалци почнуваат да се релативизираат и да се поддржуваат, од една страна - затоа што се наоѓа научна поткрепа за негаторските тези на бугарската страна, а од друга - затоа што (повторно) приоритетен државен интерес на Македонија се евро-атлантските интеграции (во случајот со Грција, тоа беше НАТО, сега е ЕУ).

За сето ова време, претставниците на меѓународната заедница се резервирани и не чувствуваат потреба да одбранат некои универзални принципи и права на самоопределба, на слободни научни истражувања, на инклузивен пристап кон културното и историското наследство на народи кои постоеле во рамки на некогашните големи империи и кои доживеале непринципиелни територијални и етнички разграничувања, некои од нив, како Македонците биле и предмет на етнички, јазичен и културен прогон до конечно оспорување.

Метафизичко самоубиство или договор на рамноправни субјекти?

Нема сомнение, се соочуваме со гротескното, грдото и срамно лице на историската стварност: со согласност на самите македонски власти да се ревидира и да се редефинира македонскиот идентитет како предигра и претекст за натамошно редефинирање на македонската држава. Современите софистицирани политики се токму тоа, да те уверат дека ти ја признаваат актуелната егзистенција, но така што ќе те остават да висиш во просторот ни на земја ни на небо, без корен, без историја, без национално битие, без национална гордост, без слобода, при самосвест без самосвест, при идентитет без идентитет. Сведоци сме на еден вулгарен перформанс на само-конверзија на Македонците и на едно метафизичко самоубиство на македонскиот народ. Без било какво историско и научно покритие, за да биде обесмислено било какво натамошно постоење на суверена и унитарна македонска држава.

Присилната конверзија е облик на метафизичко убиство на битието на еден човек и на една заедница. На принудно ревидираниот и конвертираниот субјект му се префрла одлуката за конверзијата и вината за конверзијата, па се создава илузија дека самиот субјект ја барал и ја посакувал конверзијата на идентитетот. Современиот свет има развиено софистицирани начини и стратегии за ревизија на колективниот и индивидуалниот идентитет, така што институциите кои ја верифицираат промената не ја преземаат одговорноста за истата таа промена. Субјектот кој е предмет на идентитетски инженеринг и редизајнирање, всушност, ја презема вината на дизајнерот како своја и се става себе во пасивна пат позиција. 

Меѓу две зла 

Нема да го коментирам безумието и неморалот на ваквата внатрешна политика на македонските институции, политика која доживува кулминација во време на епидемија, изолација и колективна анксиозност, во период кога македонската држава не функционира нормално (нема активен Парламент, има техничка Влада, парламентарните избори се одложени). 

- повеќе на темата: Македонско-бугарскиот спор не може да има „победник“ 

Во оваа прилика ќе потсетам само на тоа дека, во услови кога Македонија и Македонците се принудени да бираат „меѓу две зла“ (ако не и „меѓу повеќе зла“!), добро е да се направи сериозна проценка на тоа кое е помалото зло, па дури потоа да се преземат соодветни дипломатски и други прагматични решенија во односите меѓу Македонија и Бугарија. Тие односи треба да бидат односи меѓу рамноправни субјекти, кои во даден историски миг процениле (евентуално) дека националниот и државниот интерес им се совпаѓа, врз основа на што и ќе артикулираат одредени развојни политики. Народ без визија за својата иднина нема иднина, особено не достоинствена.

Никој во Македонија нема мандат за поддршка на антимакедонски стратегии кои го дестабилизираат и го негираат востановениот македонски идентитет со било чиј декрет или некоја квази научна декларација/спогодба. Македонскиот идентитет не е ничија фантазија, туку реалност, и секоја повреда на таа колективна реалност е повреда на нашата индивидуална реалност. Време е за разум и конструктивност, а не за безумни негации и деструкции на постојното. Во ова време на безумие да го пронајдеме најдоброто решение, а тоа е невозможно ако го оспориме самите својот наследен, стекнат и реален идентитет.