1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Револт на средната класа во Турција и во Бразил

Регина Мениг/ Симе Недевски27 јуни 2013

Во Турција и Бразил илјадници луѓе демонстрираат против власта. Импулсот за протестите потекнува од студентите и младите интелектуалци, но сила на барањата им дава широкиот среден слој на општеството.

https://p.dw.com/p/18x2J
Фотографија: Reuters

Во деновите на протестите, пред полицијата да употреби солзавец и водени топови во истанбулскиот парк Гези, во паркот постоеше импровизирана продавница со прехранбени производи, можеше да се посетува курс по јога, a тука имаше и библиотека. „Секој носеше книга, така што библиотеката од ден на ден се зголемуваше. Веднаш можеше да се забележи дека во протестите учествуваат интелектуалци“, раскажува Сенада Соколу, новинарка на Дојче веле која од почетокот на протестите известува од турската метропола.

Многу Турци се прашуваат што е вистина?

Сенада додава дека е воочливо оти голем дел од демострантите го сочинуваат токму луѓе од образовани градски семејства, но и студенти кои со ранците на грб седат во паркот со скрстени нозе и дискутираат за политика. Вели дека многумина никогаш порано не излегле на улица и дека своите идеи ги ширеле само преку Фејсбук. „Неверојатно е колку луѓето станаа активни, а до вчера поставуваа само улични фотографии на интернет“, вели Соколу.

Türkei Istanbul Proteste
Фотографија: picture-alliance/dpa

Откако турските медиуми на почетокот целосно ги игнорираа многумина во земјата сега се прашуваат што е вистина, да речеме, во тоа што со години се пласираше како „вистина за курдското прашање“. Така луѓето денес во протестите одат подалеку од Истанбул и паркот Гази, на чие место треба да се изгради трговски центар и протестираат против политиката на актуелниот премиер Реџеп Таип Ердоган - тука се на пример и жените од многу конзервативни делови на земјата.

Демократијата не сака со неа да се владее

Што се однесува пак до Бразил, протестите во таа земја започнаа поради зголемување на цените на билетите во јавниот превоз. И во двете земји се' се случи речиси истовремено. „Во двете земји се' повеќе и повеќе луѓе учествуваат во протестите- тоа се луѓе кои сакаат да се слушне и нивниот глас, но сепак се' e поврзано со чувството дека всушност не се прави доволно. Демократијата која доаѓа од народот не сака со неа да се владее, туку сака судбината да ја земе во свои раце. И тоа е она што е заедничко во протестите во двете земји“, вели Петер Улрих од Техничкиот универзитет во Берлин, експерт по прашањата за протести. Но, тој не сака да повлекува премногу паралели. Тој во Турција гледа борба првенствено за културни вредности, додека во Бразил на дело е борба против корупцијата, а се бара и правична распределба на богатството.

Dilma Rousseff
Претседателката на Бразил, Дилма РусефФотографија: Getty Images/Afp/Evaristo Sa

Добри шанси за средната класа

„Протесите ги започнаа студентите и образованата градска средна класа - всушност оние кои најмалку го чувствуваат зголемувањето на цената на јавниот превоз. Ниската средна класа дури подоцна се приклучи“, вели Феликс Дане директор на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Бразил. Тешко дека која било влада ќе може во иднина да ги игнорира нивните барања, вели Дане. Тој потенцира дека од 195 милиони жители на Бразил, стотина милиони се токму средна класа. Само пред една деценија, една третина од нив живеела во сиромаштија.

Петер Улрих смета дека, вкупно погледнато, добри се шансите да се слушне гласот на средната класа на овие протести. Претседателката на Бразил, Дилма Русеф, во тој смисол веќе најави реформи во јавниот превоз, во здравствениот систем и во системот на образование, како и донесување на построги закони против корупцијата.