1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Регионални лиги на Балканот-неминовност

24 јуни 2011

Националните првенства во фудбал, кошарка, ракомет, одбојка не се привлечни! Ова е заедничката болка со која се соочуваат земјите на Балканот, но и оние од Средна Европа.

https://p.dw.com/p/11ifb
Фотографија: Petr Stojanovski

Обично по еден-два клуба ја бијат битката за титулите. Останатите екипи не им се рамни. Лигите се слаби! Трибините се главно празни! Националните првенства во фудбал, кошарка, ракомет, одбојка не се привлечни! Ова е заедничката болка со која се соочуваат земјите на Балканот, но и оние од Средна Европа. Регионалното спортско поврзување се наметна како неминовност, а од година на година се повеќе се интензивира. И македонските клубови полека се вклучуваат во овие регионални натпреварувања.

Ракометарите стартуваат во септември

Деновиве актуелен е ракометот. Металург и Вардар ќе играат во новоформираната лига со екипи од Хрватска, Србија, Црна Гора, БиХ, Словачка и веројатно Полска. За реализацијата на повеќегодишната идеја зборува Драган Начевски, кој ќе биде комесар за натпреварување.

Dragan Nacevski
Драган НачевскиФотографија: Zlatko Kalinski

„Сметам дека ова регионално поврзување ќе биде од двојна корист за сите држави, посебно што во овој момент во секоја земја во овој момент има по една до две екипи кои што отскокнуваат, така што секаде е присутен овој проблем на квалитет и поради тоа е оваа идеја.“

Лигата ќе стартува на 10 септември и ќе брои 12, а можеби и 14 клубови. Начевски смета дека е ова добра шанса и за Металург и за Вардар.

„Интересот е огромен, инаку во првото коло во Загреб ќе се сретнат Загреб и Партизан. Да си посакаме една убава натпреварувачка сезона каде што Металург и Вардар ќе ги покажат своите квалитети и да докажат дека не се само на едно локално ниво“.

Кошаркарски искуства

Кошаркарските работници први иницираа лиги од регионален карактер. Беа формирани Јадранската и Балканската лига. Балканската, во која учествуваат и македонски екипи, само на почетокот ги оправда очекувањата. Интересот за неа се повеќе се намалува. Јадранската лига во која, извесно е, од наредната година ќе се вклучи МЗТ Скопје, е вистинскиот предизвик, вели Александар Тодоров, тренер на популарниот македонски клуб.

Aleksandar Todorov
Александар ТодоровФотографија: Zlatko Kalinski

„Квалитетот на екипите е неспоредливо подобар, со оглед на тоа што имаат 4- 5 екипи кои настапуваат во Евролигата. Второ како медиумски интерес, со оглед на тоа што Балканската лига освен во Бугарија ниту во една држава не се емитува на национално ниво, за разлика од Јадранската лига каде секој натпревар мора да биде емитуван на национално ниво. Зборуваме за лига која во Македонија ќе предизвика огромен интерес и каде што со солидни резултати би имале максимална посетеност на секој натпревар. И секоја втора седмица луѓето ќе можат да одат во сала и да гледаат квалитетна кошарка“.

Следниот чекор-фудбалски

За Тодоров спортското поврзување е од голем интерес за сите земји од овој дел на Европа.Очекува наскоро тоа да се случи и во фудбалот.

„Апсолутно како спортски интерес регионалното натпреварување е нешто мора да продолжи да се развива и во иднина и мислам дека следно е обединувањето во фудбалот“.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска