1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

„Рекет“: Сведокот имал обемен доказен материјал

9 август 2019

Снимката што ја објавува „Ла верита“ е дел од покус видео и аудио материјал, своевиден тизер, кој веќе го имале видено некои домашни и странски партиски лидери, дознава ДВ

https://p.dw.com/p/3Ncec
Symbolbild Daten
Фотографија: picture alliance/JOKER

Втората тура со секвенци од разговори меѓу првоосомничениот во предметот „Рекет“ Бојан Јовановски и жртвата на изнуда Јордан Камчев, ги отвори прашањата дали се работи за изјави извадени од контекст и пласирани на начин кој треба да отвори сомнеж за клучната фигура во трговијата со влијание. Како што неофицијално дознаваме, снимката што ја објавува онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла верита“ е дел од покус видео и аудио материјал, своевиден тизер со куси извадоци од разговорите, кој веќе го имале видено некои домашни и странски партиски лидери.

Наводно, оштетениот во „Рекет“ располагал со докази од повеќечасовен снимен материјал, кој бил систематизаран во ексел табела – времетраење на разговорите, соговорници на телефон, соговорници присутни во неговиот дом, датуми на разговорите и други податоци, кои би требало на Обвинителството да му дадат јасна слика за хронологијата на изнудата: почетните разговори, побараните суми, датумите на подигање на парите од банка, датумите на нивно предавање, и - резултатите од трговијата со влијание. Како што тврдат извори кои имале увид во снимките, разговорите од доказниот материјал не се сечени, лепени, монтирани, туку снимани целосно и во континуитет, и врз нив не била вршена никаква интервенција во насока да се прават манипулации со содржината.   

Глас на обвинител

Во денешната објавена снимка, на која се слуша кус телефонски разговор меѓу Јовановски кој вели „Имаш поздрав од женава" и Камчев кој одговара „Фала, поздрави ја“, се слуша и гласот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева: „Не се секирај за ништо, се ќе биде ОК".

Обвинителката Вилма Рускоска веднаш по отворањето на истрагата за „Рекет“ потврди дека во некои разговорите меѓу сведокот и првообвинетиот на спикерфон „се слуша и глас на обвинител“, но во интерес на истрагата не го именуваше.

Повеќе на темата:

-Ла Верита: Како „Рекет“ се најде во италијански десничарски весник?

-Јовески: ОЈО не е извор на снимката во Ла Верита

-Видео од рекетот врз Камчев осамна во италијански весник

Како што дознаваме од извори во Обвинителството, хард-дискот со комплетниот доказен материјал (видео и аудио снимки) пред околу еден месец се дадени на вештачење. Во текот на истрагата која траеше дваесетина дена до заминувањето на обвинителите на колективен одмор, детално била проверувана и вистинитоста на исказите на инволвираните во случајот, преку споредба со податоците за нивното место на движење со оние од базните станици на телефонските оператори, чии услуги го користеле во периодот кој ги опфаќал сомнежите за нивни активности во кривичното дело.

Screenshot von  der italianischen Zeitung La Verita über das Skandal in Nordmazedonien
Фотографија: La Verita

Лица од адвокатскиот тим на Камчев во случајот „Империја“ се воздржуваат од коментар за објавените снимки, со очекување Обвинителството темелно да ја заврши истрагата. Велат дека немаат информации како снимки кои се дел од доказниот материјал завршиле во италијански медиум.

СДСМ знае нешто?

Објавувањето на снимки од доказниот материјал за „Рекет“ за кој веќе се води истрага, ја зголеми температурата на политички терен. Владејачката СДСМ вчера го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да не се крие, туку да одговори за средбите што ги имал со лицата на снимките.

„Дублерот на Груевски, Христијан Хидро Мицкоски нека излезе пред јавноста и нека одговори: Со кои двајца од луѓето кои се гледаат на снимките тој лично разговарал? Кога се случиле ваквите разговори? Во какви зделки е Мицкоски,  доколку разговарал со луѓето кои се гледаат на снимките? Дали и што примил на рака? Кој ги лиферувал снимките во италијанскиот медиум, особено имајќи ги предвид линковите со ВМРО-ДПМНЕ?“, прашаа од СДСМ.

Притоа од партијата потенцираат дека „секој што се надевал дека со објава на видео снимка ќе се компромитираат доказите и дека ќе се спаси од вина - се излажал".

„Ова само ќе ја забрза истрагата и ќе ги даде одговори за поттикнувачите, организаторите и осмислувачите во овој случај“, порача од СДСМ.