Рекордна емисија на стакленички гасови - непоправливи последици

Концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата е на највисоко ниво од почетокот на мерењата, соопшти Светската метеоролошка организација во Женева, предупредувајќи од непоправливи штетни последици.

„Не постојат знаци за сменување на трендот, кој води кон трајни промени на климата, подигнување на нивото на морињата и зголемување на киселоста на водата во морињата и океаните, како и сѐ повеќе  екстремни временски ситуации“,  соопшти денеска претставник на Светската метеоролошка организација во Женева. Научните податоци се јасни: „Без намалување на емисијата на јаглероден диоксид и останатите штетни гасови кои предизвикуваат  ефект на стаклена градина,  промената на климата ќе доведе до уништувачки и нереверзибилни последици за Земјата “, истакна генералниот секретар на СМО, Петери Таалас, според кого, шансата нешто да се промени, веќе е испуштена.

Природа и животна средина | 18.11.2017

Просечната концентрација на јаглероден диоксид пораснала на 405,5 честички на милион честички во 2017 година, што е пораст од 403,3 честички на милион честички во 2016 година. Нивото на метан и азот оксид исто така пораснало. Индустрискиот гас ЦФЦ-11 исто така расте и покрај меѓународниот мораториум на неговото производство. Најверојатно објаснување на неговиот пораст е производството на овој гас во источна Азија, наведува СМО. Кон зголемувањето на емисијата на штетни гасови придонесуваат, покрај порастот на бројноста на светското население, интензивирањето на земјоделството и сечата на шумите, како и индустријализацијата и со неа поврзаното користење на фосилни горива.