1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го загадува Балканот?

М. Максимовиќ/БГ18 март 2016

Секоја година термоелектраните на јаглен од Балканот и испорачуваат на Европа сметка од 8,5 милијарди евра на име здравствени трошоци на граѓаните поради загадувањето. Најголем загадувач во Македонија е РЕК Битола

https://p.dw.com/p/1IEZa
Фотографија: picture-alliance/dpa

Термоелектраните на јаглен секоја година во воздухот испуштаат илјадници тони штетни материи. Во регионот на Западниот Балкан се наоѓаат дури седум од 10 такви термоелектрани кои се проценуваат како најголеми загадувачи на воздухот во Европа.
Облакот од штетни материи не знае за државни граници, се шири низ целиот регион и предизвикува високи стапки на прерана смрт, хронични болести на белите дробови, срцеви проблеми и астма. Степенот на загаденост на воздухот на Западниот Балкан е за 2,5 пати поголем од пропишаните национални безбедносни лимити, а далеку ги надминува и препораките на Светската здравствена организација. На темелот на таквата слика, во регионот се планира и изградба на дополнителни термоелектрани кои и натаму ќе користат јаглен за производство на енергија.

„Нашите податоци говорат за огромни трошоци во областа на јавното здравство кои се во врска со користењето на јагленот како водечки енергенс на Западниот Балкан. Со самото тоа се разбива и митот за јагленот како најефтин облик на енергија. Со отфрлање на јагленот и вртењето кон други извори на енергија би се создале услови за поздрава и просперитетна иднина“, вели Ане Штауфер од европското Здружение за здравје и животна средина (HEAL), кое на 15 март годинава ја објави првата досега изработена проценка за влијанието на производството на енергија од јаглен врз здравствените трошоци на Западниот Балкан.

Најголем загадувач во Македонија е РЕК Битола

Според податоците на организацијата, во регионот на Југоисточна Европа на прво место според бројот на смртни случаи предизвикани од загаден воздух е Бугарија, а зад неа се Србија и Црна Гора.
Македонија, според анализата, произведува нешто помалку од 80 проценти од својата електрична енергија од јаглен и генерално е зависна од овој енергенс. Проценките се дека штетите врз здравствениот систем во Европа поради штетните супстанци кои ги емитува Македонија изнесуваат помеѓу 256 и 720 милиони евра годишно.

Kohlekraftwerk REK Bitola in Mazedonien
РЕК БитолаФотографија: Petr Stojanovski

Најголем загадувач во Македонија е РЕК Битола. Оваа термоелектрана годишно испушта околу 2.700 тони ПМ 2,5 честички во воздухот, со што е на второ место во Европа веднаш зад термоелектраната „Косово А“ во близина на Приштина. РЕК Битола е во европскиот врв и според емисијата на сулфурен диоксид СО2, со околу 67 илјади тони годишно.

Според статистиката на Светската здравствена организација, регионот на Југоисточна Европа има загуба од 19 проценти од својот БДП годишно поради трошоците поврзани со случаите на прерана смрт предизвикана од загадувањето на воздухот. За разлика од Германија, каде здравствени трошоци поради загадениот воздух достигнуваат околу 4,5 отсто од БДП, на Балканот- во Србија тој достигнува дури 33,5 проценти, додека во БиХ околу 21 отсто.
Во HEAL сметаат дека во ЕУ до 2040. година треба целосно да се исклучи производството на електрична енергија од јаглен. Истата препорака важи и за земјите од Балканот.