1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ренесанса на германската кујна во рестораните

8 јуни 2010

Во Германските градови доминираат реклами и натписи што канат на италијанска пица, турски бурек, грчка пита... Но, оптичкиот впечаток лаже - тврдат експертите. Најбарана е сепак домашната кујна!

https://p.dw.com/p/Njrm
Има ли нешто подобро од свинска коленица зготвена на традиционален баварски начин?Фотографија: AP

Експертско мислење

„Поаѓаме од конкретизирана проценка дека уделот на другите етнички кујни во Германија изнесува меѓу 20 и 30%“, тврди Торстен Хелвиг, еден од портпаролите на ДЕХОГА, здружението на претприемачите од гастрономската бранша во Германија. Тој во исто време признава дека во модерната германска кујна има и влијанија од другите.

Deutschland Restaurant Vapiano in Berlin
Италијанската кујна останува на високото второ место во ГерманијаФотографија: picture alliance / dpa

Запрашан какви јадења подразбира модерната германска кујна или уште подобро што јаде тој лично кога оди во германски ресторан, а не во пицерија или кај „кинезот од соседството“, Торстен Хелвиг одговара: „Кога одам да јадам германска храна, тогаш сум подготвен на посилен оброк. Лично сакам да јадам шницли, кнедли и воопшто јадења со добро зачинети сосови. Класичната германска кујна е доста масна, но затоа модерната, која мене лично повеќе ми одговара, таа го зема предвид фактот дека новата генерација води сметка за здравјето, па затоа не содржи толку многу калории. Во принцип значи постојат паралелно старата, класична германска кујна и нешто што би можеле слободно да го наречеме и нова германска кујна.“

Промена во последните десетина години

Интересот на Германците за домашните, во споредба со странски јадења, се менува, тврди експертот Торстен Хелвиг. До пред 20-тина, па дури делумно и до пред 10-тина години, во Германија најпопуларна беше италијанската кујна. Во моментов тоа не е повеќе така. Сега се исцртуваат два тренда на полето на гастрономијата. Од една страна, видливо е зголемувањето на интересот за германската кујна. Така при испитувањето на „Форса институтот“ за вкусот на Германците, спроведено во 2009 година, 73% од анектираните рекле дека им е најважна домашната кујна. На второ место е италијанската кујна со 61%, па потоа грчката со 50%, кинеската со 47%, а далеку подолу на списокот се француската со 17 насто, мексиканската со 15 проценти, исто колку и турската, тајландската со 14 насто и индиската и шпанската со по 13%.

Iraker in Deutschland
Доселениците си ја носат со себе и традиционална кујна: Ирачанец во ГерманијаФотографија: Al-Khashali / DW

Глобализација и анти-глобализација

Од ова испитување на јавното мнение се гледа и дека германските граѓани се големи светски патници, дека се многу подвижни по земјината топка и дека сакаат доброто што го пробале во странство да можат да го уживаат од време на време и кога ќе се вратат дома, нагласува Торстен Хелвиг. Од друга страна, забележливо е засилувањето на интересот за домашната кујна, што е можеби и јојо-ефект од засиленото глобализирање. По почетната еуфорија заради интензивното поврзување на светот во „глобално село“, што секако отвора нови можности за сите, луѓето бараат контакт со она што им е блиско и познато, бидејќи светот е сепак преголем за да стане трајна основа за идентификација.

Секако дека важна улога одиграа и кризите со птичјиот грип и другите модерни зарази на добитокот, кои ги вознемирија љубителите на егзотични јадења врзани за увоз на одредени продукти од далечни земји. Но, исто така во последно време е засилен и еколошкиот аспект во свеста на Германците, кои велат дека не мора да јадат алги што растат само во Јапонското море, бидејќи со нивниот транспорт се поврзани не само големи трошоци, туку и загадување на атмосферата и пореметување на климата поради издувните гасови на транспортните средства, нагласува експертот Торстен Хелвиг.

24.12.2009 DW-TV EUROMAXX a la carte Weihnachtsgans
Враќање кон корените: гуска со компири е едно од омилените јадења во ГерманијаФотографија: DW-TV

А во иднина?

Запрашан дали би се осмелил да прогнозира како ќе се разива понатаму трендот со странските кујни во однос на домашната, Торстен Хелвиг вели: „Можам да си замислам дека германската кујна ќе остане најважна и понатаму, со тоа што таа барем делумно ќе се интернационализира. На пример, зачини каков што е ѓумбирот, кој инаку не е дел од традиционалниот начин на готвење во оваа земја, станува се’ почесто составен дел на репертоарот. Од друга страна мислам дека т.н. етничка кујна, значи онаа на странците доселеници во Германија ќе продолжи да се диверзифицира. Порано синоним за азиска храна беше кинеската. Во меѓувреме по германските градови можете да најдете и виетнамска и тајландска, камбоџанска итн. - за индиските ресторани и да не зборувам. И уште еден тренд мислам дека ќе продолжи, а тоа е германските гастрономи да водат хрватски, италијански или марокански ресторан, од една страна, а доселениците да готват германски јадења, од друга.“

Steindamm in Hamburg
„Али Баба“ на гости во Хамбург: турски ресторан во пристанишниот град на северот од ГерманијаФотографија: AP

Што мислат граѓаните?

„Тешко прашање, зависно од ситуацијата одам најчесто во италијански ресторан или шпански, но тоа е така затоа што ми недостасуваат алтернативи...“

Restaurant im Erlebnisbergwerk Glückauf in Sondershausen
Германци водат странски ресторани: Фолкер Ничке во подземен ресторан во поранешен рудник за солФотографија: AP

Запрашан како би ги распределил рестораните во десет посети, овој службеник одговара: „Четирипати кај Италијанецот, трипати кај Шпанецот, двапати кај Германцот и двапати кај Монголецот...“

„Се’ сакам, потполно сум флексибилна, јадам и луто, навистина се’...“

„Италијански јадења, арапски, германски секако и.... кинески, ама кинески само еднаш од 10 пати...“

„Нормална, граѓанска германска кујна, мислам дека на тоа отпаѓа 60%...“

„Од 10 пати во ресторан, би рекол пет пати медитеранска, односно италијанска кујна и три - четирипати азиска, така не останува многу за класичната германска кујна, ама неа ја готвиме често дома.“

Автор: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска