1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ренесанса на грчката рецина

28 октомври 2009

Сувото бело вино со арома на смола, грчката рецина, се враќа во мода. Најголемо количество се извезува во САД, но винарите се обидуваат повторно да ја пробијат на домашниот пазар, со нов имиџ и модерен маркетинг.

https://p.dw.com/p/KHKu
Вино со многу стара традицијаФотографија: Illuscope

Многумина ја сакаат рецината и ја пијат, но со отпор, но ако некој пред 30 години порачаше бокал домашно вино во грчка таверна, немаше голем избор. Имаше рецина, суво бело вино со арома на смола, со вкус кој некои наводно ги потсетува на сапун, а други, пак, на терпентин. Има и такви што обожуваат рецина, велат дека од неа не се добива главоболка и само кога ќе испиете доволно количество, ќе се навикнете на вкусот кој е малку невообичаен.

Оние кои патуваат во Грција, во меѓувреме ретко имаат можност емпириски да ја проверат вистинитоста на таквите изјави. Кога во денешно време се прави здравица со зборот „giamas!“ што значи наздравје, во таверна или во кругот на семејството, во чашите скоро никогаш нема рецина. Ова некогаш се‘присутно наливно вино излезе од мода. Грците претпочитаат флаширани вина.

Најголем извоз за САД

Рецина продаваат само мал број фирми, тоа е женска варијанта на вино. Еден од најголемите производители е Куртакис во Атика. Ова претпријатие, меѓу другото, виното со арома на смола го полни во мали шишиња. Сепак многу љубители на виното не го сакаат само поради металниот затворач. Голем дел од производството е наменето за извоз, пред се‘ за САД, како и Германија и Австралија. Грците од дијаспората очигледно ја почитуваат традицијата на рецина.

Bisher gute Ernteaussichten
Фотографија: dpa - Bildfunk

Но некои винари сега сакаат и дома да го поддржат пробивот на традиционалното вино. Винарот Јоргос Василиу зборуваше за рецината за весникот Та Неа: „Сакаме рецината повторно да го добие статусот што го заслужува.“ Во Грција минатата година беа произведени четири милиони хектолитри вино. Најмалку 600 000 хектолитри од нив беа рецина, што значи дека со 15 проценти тенденцијата е растечка.

Смолата и‘ дава арома на рецината

Рецептот за успех на “новата рецина“ на Василиу предвидува висококвалитетно грозје и големо внимание при процесот на производство. Како основа се користи сувото бело вино Родитис од околината на Коринт, кое се меша со точно дозирано количество смола од бел алепски бор. Во виното се ставаат мали коцкички смола за време на вриењето, а се вадат пред да се полни во шишиња. Покрај тоа што и‘ дава карактеристична арома, смолата го прави виното и подолготрајно.

Weinfässer
Садот во кој се чува виното дава посебен вкус

Историјата на рецината започнува во антиката. Виното тогаш најчесто се чувало во глинени амфори. За да не влезе кислород во порозните садови и да не се расипе виното, ги обложувале со смола. Виното попримило арома од смолата. Уште во антиката биле различни мислењата по прашањето дали тоа било намерно или пак била неизбежна последица.

Висококвалитетните вина се помодерни

Подоцна кога почнале да се користат дрвени буриња и стаклени шишиња, употребата на смолата повеќе не била неопходна. Но, на многу Грци им се допаднала аромата и така се одржала таа традиција. Рецината излезе од мода дури кон крајот на 70-те години, кога се‘ поголем број винари се определуваа за висококвалитетни вина.

Panathenäische Preisamphora
Порано Грците го чувале виното во амфориФотографија: presse

Пијалок со делотворно дејство

Некои винари сметаат дека тоа е за срам. Тие сега сакаат на ова традиционално вино да му дадат модерен имиџ, со помош на модерен маркетинг и соодветни шишиња. Рецината според вкусот не само што одлично оди со најголем дел од традиционалните грчки предјадења, меседи, туку има и делотворно дејство, како на пример при тегоби со желудникот и срцеви болести. Познавачите тврдат дека рецината може да се користи и како средство против болки. Но, се‘ зависи од дозирањето. Ако не пиете умерено, наредното утро ќе имате уште поголеми главоболки.

Автор: „Тагесшпигел“

Превод: Јасна Мушиќ-Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска