1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Републиканците обединети само во непријателството

Инес Пол/превод: Ж.А.22 јули 2016

Текот на Конвенцијата на Републиканците беше во прилог на Доналд Трамп. Инцидентите само го свртуваа вниманието на критичката јавност од несодржајноста. Тед Круз пак отвори вентил за сите фрустрирани, смета Инес Пол.

https://p.dw.com/p/1JU5B
Фотографија: picture-alliance/newscom/P. Marovich

Процесот во кој двете големи политички партии во САД ги избираат своите претседателски кандидати, е брутален. Со месеци внатрепартиските конкуренти патуваат низ земјата, водејќи остра вербална борба. Оваа година без сомнение беше допрено дното. Пред вклучени камери се дискутираше дури и за должината на половиот орган.

Свечена церемонија на помирување

Бидејќи секој од кандидатите, вклучувајќи го и победникот, на крајот е „ранет“ и има претрпено штети, партиските собири во прва линија имаат функција на повторно обединување на партијата. Екстремните позиции, со кои во предизборите дел од кандидатите се обидуваа да прифитираат, отстапуваат место на поумерени тонови, околу кои партиското мнозинство може да се обедини. Во повеќе или помалку искрената свеченост на помирување дотогашните конкуренти нудат поддршка кон номинираниот кандидат.

Но, собирот на Републиканската партија во Кливленд беше поинаков. Уште од првиот ден Доналд Трамп пред очите на 15.000 медиумски претставници од цел свет, ги деградираше 2500-те делегати во гледачи на бомбастично режирано Трамп-шоу. Тој беше се‘присутен. Доаѓаше со хеликоптер, испраќаше видео-пораки во салата од својот дворец, ги донесе својата жена и децата на бината, со цел ниеден дел од програмата да не протече без присуството и доминацијата на член од семејството, кој на светот ќе му обзнани каков прекрасен, силен и успешен човек е сопругот, односно таткото.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол

Забава наместо содржина

Во оваа сапунска опера немаше воопшто место за дискусии околу партиска програма на претседателскиот кандидат. Подобро забава, отколку содржини.

Оваа нова реалност не им се допадна на бројни Републиканци. Многумина воопшто не допатуваа на спектаклот на самобендисаниот човек кој не покажува никаква намера за адаптирање кон вредностите на партијата. Напротив, тој ја „зароби“ партијата уште додека Републиканците се‘уште беа убедени дека „сеништето“ наскоро ќе го снема.

Забележливо беше на пример целосно отсуство на фамилијата Буш. И други републикански величини како Џон МекКејн не можеа да се воздржат од потценувачки забелешки.

Бунтовноста на Тед Круз

Еден дојде за да се бори - сенаторот од Тексас, Тед Круз, ја прифати поканата за да го каже својот став. Во настап двојно подолг од предвиденото. Но, реченицата што се очекуваше: „Го поддржувам Доналд Трамп“, Круз не можеше да ја изрече. Подоцна, кога ја напушти бината испратен од свирежи, изјави дека на Трамп не може да му ги прости навредите.

На Трамп овој напад му беше добредојден. Зашто, на третиот ден шоуто на Трамп полека стануваше досадно. Полека стивнаа возбудите околу говорот на неговата жена Меланија, која вредно го препишала од Мишел Обама. Новинарите почнаа да ја вршат својата работа и да прашуваат дали постојат и други теми освен градежните планови за изградба на ѕид на тексашката граница.

И кај делегатите растеше неспокојство, чувство дека освен нарцисоидно вртење околу себе, Доналд Трамп има малку нешто со што би и‘ помогнал на партијата да се врати во Белата куќа.

Збивање на редовите

Беше добро што на четвртиот и последен ден од партиската конвенција целата фрустрација можеше да се насочи кон предавникот Тед Круз. Малубројни се оние кои имаат разбирање за гордиот тексашанец. Мнозинството својата загриженост од расцеп на партијата ја проектира врз него. На крајот, токму неговиот испад придонесе за збивање на редовите околу Трамп. Можеби токму поради тоа што одговара на разработената структура, која веќе го покажа своето влијание против Хилари Клинтон. Колку да се многумина незадоволни од личноста на Трамп, неговата политика и реторика, толку се пообединети во омразата кон кандидатката на Демократската партија, Хилари Клинтон. Се чини, за Републиканците во моментов не постои друга заедничка база. Ова е партија обединета само во непријателството.