1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформите се маратон, а не спринт на кратка патека

СН/ дв
27 јуни 2017

Домашни експерти го поддржуваат ставањето на реформските приоритети на агендата на владата, но сметаат дека е кусо времето во кое Македонија треба да ги покаже првите конкретни резултати, бидејќи обврските се обемни

https://p.dw.com/p/2fRr7
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Работа има многу, време малку: тоа е реалноста со која, според експерти, ќе се соочи Владата на Зоран Заев во остварувањето на зацртаните реформски цели. „Патоказ“ или План 3-6-9 (месеци), се синонимите за најавените обемни реформски зафати, за кои првите „одржливи резултати“ треба да ги нотира Европската Комисија во есенскиот Извештај за Македонија. На реформскиот пат Владата ќе добие помош од експертската група на Рајнхард Прибе, која точно пред две години во посебен Извештај ги утврди значајните недостатоци во пет клучни сфери, а нивното отстранување стана обврска од Пржинскиот договор. Во јули експертите од групата ќе се вклучат во планираните процеси со советодавна улога, но во реализацијата на промените ќе мора да се активираат сите домашни капацитети. Прибе, кој неколку дена е во Скопје, на таа тема утрово на работен појадок  разговара со министерот за надворешни работи Никола Димитров и со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи. Вчера, еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, беше запознаен со подготовката на работниот документ за Итните реформски приоритети, односно акцискиот план наречен „Патоказ“, кој треба да се финализира до 1 јули.

Mazedonien Gespräche Johannes Hahn mit Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Проценка на состојбите

Домашни експерти го поздравуваат ставањето на Итните реформски приоритети на агендата на Владата, но со оглед на очекуваните промени, предупредуваат дека тоа е маратон, а не спринт на кратка патека. На обемните обврски што стојат пред Владата потсетува Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ).

„Извештајот на експертската група утврдува сериозни недостатоци во владеењето на правото и примената на законите, како и подриеност на системот на спреги и кочници во земјата преку нефункционалните системи за надворешна контрола - на пример, парламентарната контрола над безбедносните служби или пак регулаторните тела. За да се надминат дел од констатираните состојби, Владата во многу области најпрвин ќе треба да направи сеопфатна проценка каде стоиме и со кои мерки ќе се обиде да интервенира“, вели Кацарска.

За дел од состојбите веќе има јасна слика, но за дел се уште се детектира што се крие „под површината на ледениот брег“. Кацарска вели дека во целиот процес Владата мора да биде внимателна и да обезбеди минимален консензус.

Mazedonien Amtsgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Со оглед на широкиот опсег на теми во Итните реформски приоритети кои вклучуваа реформи во судството, јавната администрација, следење на комуникациите, медиумите и изборите, очекуваме да се идентификуваат клучни чекори со кои ќе се даде насока на реформите. Сепак, Владата мора да биде внимателна и да не избрзува, бидејќи најави дискусија за реформите, а воедно за сите овие чекори потребно е да обезбеди минимален консензус кај клучните засегнати страни, а и надворешни актери, како на пример Венецијанската Комисија, доколку се работи за реформи во правосудството. И покрај дискусиите за кратки рокови (3, 6, 9 или 12 месеци) работата за надминување на состојбата констатирана од страна на експертската група е маратон, а не спринт на кратка патека“, потенцира таа.

Изборите и реформите

Дали процесот на детекција на проблемите и почетокот на промените може да даде првични резултати до есен? Премиерот Заев е оптимист.  

„Отворивме важен реформски процес за евро-атлантските интеграции и ново поглавје за иднината на Република Македонија. Нашата цел е Европската Комисија да даде позитивна оценка за Македонија во Извештајот за напредокот на државава на есен, како и да предложи чиста безусловна препорака за почеток на преговорите за членство со Европската Унија“, најави тој.

Но, прашањето кое засега сите го туркаат под „тепих“, е како ќе тече динамиката на реформите, со оглед дека парламентот во почетокот на август традиционално е на одмор, а веднаш потоа ќе треба да уследи кампања за локалните избори, планирани за 15-ти октомври. Изборите одземаат време, а врз динамиката на промените може да се одрази и легислативата која ограничува одредени активности и промени во изборен период. Практично, за реформски активности би останал месец јули и евентуално неколку денови од август. Дипломатски извори со кои разговараше ДВ, велат дека надминувањето на евентуални можни импликации врз темпото на реформите, е работа за внатрешен дијалог меѓу партиите.

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/ P. Stojanovski

„Од одговорноста на сите политички субјекти, од нивната посветност и од разбирањето на неопходноста за неодложни и темелни реформи, ќе зависи темпото и степенот на успех во нивната реализација. Ако сите искрено го поддржуваат реформскиот процес, не само декларативно, на хартија, тогаш лесно ќе најдат модус како да го совладаат факторот 'време', а процесот да не заличи на 'шише под притисок'. Бидејќи, ако се работи повеќе под притисок на времето, отколку на идејата/целите, можат да се случат грешки“, велат нашите соговорници.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната средба со комесарот Хан истакнал дека „партијата ќе ги поддржи сите реформи за кои ќе цени дека се од интерес за граѓаните“, но укажал и на загрижувачки тенденции: желба за влијание и партизација на судството и на медиумите.

Токму состојбите во судството и медиумите во изминатите години добиваа голем број критики во извештаите на ЕК и на релевантни меѓународини институции, со забелешки за партизираност, односно за контрола и влијание на извршната власт врз нив.