1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рецесијата во Македонија е извесна

Горан Петрески2 јули 2012

Ако цела Европа е во криза, неизбежна е криза и во Македонија чија економија е упатена на стратешка соработка со европските пазари, сметаат аналитичарите. Бизнисмените бараат долгорочни мерки

https://p.dw.com/p/15P8D
Фотографија: Fotolia

Индустријата се посилно ја турка вкупната економија во рецесија. Статистиката забележа уште еден, деветти месец по ред, негативен резултат во  индустриското производство.

Уште еден пад на индустриското производство

Најновиот минус во индустријата не е доволен податок официјално да се прогласи рецесија, но сепак, негативниот тренд што не запира покажува дека економската ситуација е тешка и дека влијанието на европската криза е значително.

Должничката криза во Европа и прилично компликуваната ситуација во Грција земаат се' поголем замав и ја исправаат македонската економија пред голем предизвик. Уште позагрижувачки е тоа што на повидок нема сигнали дека е можно заздравување на европската економија во втората половина на годината.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Зоран СтаврескиФотографија: MIA

Парите не познаваат граници

Аналитичарите се загрижени дека на македонската економија и претстои тежок период. Љупче Зиков од Капитал за Дојче Веле објаснува:  

“Македонија не може да биде изолирана од едноставна причина што нашите најголеми трговски партнери се во Европа. Ако се тие во криза автоматски и ние сме во криза. Има два типа на мерки краткорочни, брзи што Владата треба да ги донесе во наредните месеци и среднорочно долгорочни мерки, структурни за кои зборуваме веќе 20 години а ги нема донесено ниту една влада досега“, вели Зиков.

Загриженост владее и во бизнис заедницата. Претседателот на Стопанската комора на град Скопје, Горан Рафајловски вели дека бизнисмените бараат сет на мерки што ќе ја подобрат кондицијата на македонската економија.

“Парите немаат граница, државите можат да поставуваат граници ама парите немаат. Ова значи дека рецесијата е неизбежна. Македонија многу зависи од рецесијата во Германија, ако рецесијата таму застане во септември или октомври тогаш ќе има нови нарачки и ќе запре падот на индустриското производство во Македонија“, објаснува Рафајловски за Дојче Веле и додава дека клучни во предложените мерки се барањата за финансиска дисциплина,за инвестиции во енергетика и инфраструктурата како и за поинаков пристап на банките во кредитирањето на бизнисот.  

Компаниите се помалку зборуваат за профит

За општата економска зачмаеност сведочат повеќе показатели:

Symbolbild Abschwung Rezession Börsenkurve
Фотографија: Fotolia/P.Fleet

Компаниите се жалат дека немаат нарачки од странските партнери, се' потешко ги враќаат кредитите, за профит се’ помалку се зборува. Голем број фирми бараат начин да го пребродат овој кризен период.

Министерот за финансии Зоран Ставревски во изјава за тв Алфа рече дека Владата веќе донесе мерки и засега не се предвидени дополнителни антикризни чекори.

“Она на што треба да се фокусираат Стопанските комори е да им помогнат на нивните членки да изработат квалитетни проекти и да аплицираат за повлекување на кредитот од 111 милиони евра од Европската инвестициска банка, бидејќи со тие пари може многу да и се помогне на економијата, односно тоа е доволна сума за една година да се надмине оваа состојба, вели Ставревски.

Државниот завод за статистика во најновите податоци обелодени дека индустриското производство и во мај забележало пад. Минусот е 5,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Владата проеткираше раст од 4, 5 проценти, но го ревидираше на 2 процента по само неколку месеци откако виде дека прогнозите биле преамбициозни во услови на глобоалното економско цунами кое не стивнува. Аналитичарите сметаат дека Македонија треба да биде задоволна ако економскиот раст годинава биде од 1 до 1,5 отсто.