1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решението е во подобриот живот во Македонија

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска26 октомври 2012

Германскиот печат ја коментира темата визи и средбата на ЕУ-министрите за внатрешни работи и за правда околу приливот лажни азиланти од Балканот и воведувањето безбедносна клаузула во безвизниот режим.

https://p.dw.com/p/16XaQ
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

Неделникот „Цајт“, во најновото издание, пишува:

„Сојузниот германски министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих со право предупредува од злоупотреба на правото на азил. Сепак, неговата консеквентност е фатална. На злоупотребата на правото на азил тој сака да се спротивстави со укинување на безвизното патување за луѓето од Западен Балкан. Таа слобода на движење, меѓутоа, беше и е успешна приказна и тоа во тројна смисла: за ЕУ, за Србија/Македонија и за нивните граѓани. Зашто за да добијат безвизен режим балканските земји се бореа против криумчарите на луѓе, ја намалија корупцијата и со тоа придонесоа за подобро обезбедување на надворешните граници на ЕУ... Ромите не одат во Франција, каде процедурата до одбивање на барањето за азил трае само 12 дена. Тие не ја ’преплавуваат’ ни ЕУ, туку одат во три земји - Белгија, Шведска и Германија, затоа што таму процесот на обработка на барањата за азил се одлоговлекува со месеци, а некогаш и со години. Во овој период државата плаќа сместување и храна, а на крајот на неуспешно барање за азил не ретко се дава и премија доколку лицето доброволно се врати од земјата од каде што дошло. За многу очајни ромски семејства времето минато во Германија е пауза од мизеријата... Сојузната република мора радикално да ја забрза постапката за азил, а ЕУ од двете земји кои се кандидати за приклучување кон ЕУ треба да бара на Ромите да им се овозможи подобар пристап до работа, образование и здравствена нега. Решението не е во безнадежната постапка за азил во Германија, туку во подобриот живот во Србија и Македонија.“

Zeitungen aus Springer Verlag Symbolbild Presseschau Presse
Фотографија: dpa

„Тагесшпигел“ во коментарот со наслов „Вчера и денес“ го критикува германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих:

„Токму на денот на откривањето на споменикот за убиените Синти и Роми во Втората светска војна, министерот за внатрешни работи го повтори обвинувањето дека српските и македонските Роми се азилантски измамници. Тоа е недостојно... Апсурдно е кукањето на најсилната земја во ЕУ, која се плаши од шака луѓе, кои уште ги нарекува ’економски бегалци’.“

„Саарбрикер цајтунг“ пак, топката за проблемот ја префрла во рацете на еврокомесарите:

„Од огромно значење за прифаќање на приливот луѓе е фактот дека најголемиот дел бегалци се Роми, значи припадници на онаа народна група која во речиси секоја земја се дискриминира како ’Цигани’. Во татковината овие семејства живеат најчесто во недостојни услови, иако мора да се каже дека тие со својот неконвенционален стил на живеење малку придонесуваат за тоа да ги намалат предрасудите со кои се соочуваат. Оваа дилема не може да се реши на национално ниво. Германија не може да биде во Европа сама надлежна за човечкото достоинство. Неопходна е целна помош на лице место и околу тоа би можела да се погрижи Европската комисија со своите 27 комесари, од кои половината не работи ништо корисно.“