1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180509 Piraterie Somalia

18 мај 2009

Во моментов најмалку осумнаесет бродови се во рацете на сомалиските пирати, а вистинската бројка е сигурно нешто поголема. Кои се причинте за пиратството и каде можат да се бараат решенијата?

https://p.dw.com/p/Hskh
Сомалиските пирати веќе одамна не одговараат на клишетоФотографија: picture-alliance / aka-images

Бројот на пиратски напади на брегот на Сомалија кон средината на 2009 година веќе ја премина бројката од целата измината 2008. Во моментов најмалку осумнаесет бродови се во рацете на сомалиските пирати, а вистинската бројка е сигурно нешто поголема. И додека ОН, ЕУ и НАТО, како и поединечни земји испраќаат цела безбедносна флота со нивните трговски бродови, а бродските претпријатија се` повеќе ги вооружуваат нивните морнари, се чини дека политичкото решение за неуспешната сомалиска држава е се` уште вон дофат: десетици илјади жители се обидуваат да избегаат од пресметките меѓу слабата влада, вооружените клановски милиции и радикално-исламистичката организација Ал Шабаб.

Современи пирати

Somalia Kenia Schiff gekapert mit 21 USA Bürger Maersk Alabama
Пиратите често имаат информации за екипажот и товарот на бродовите-жртвиФотографија: AP

Сомалиските пирати веќе подолго време не одговараат на клишето за пирати со влечки на нозете и `рѓосани пушки. Како што потврдува извештајот на тајните служби за антипиратската мисија на ЕУ, Аталанта, модерните сомалиски киндапери стануваат се` поопремени. Според извештајот, пиратите одржуваат врски со извори во браншата за поморски транспорт, од каде добиваат точни информации за товарот што го носат потенцијалните бродови-жртви и нивната позиција. Киднаперите често ја знаат дури и националната припадност на екипажот. Ова е важен критериум, бидејќи знаат дека не можат да ги уценуваат Русите, на пример. Во преговорите за ослободување на турскиот трговски брод „Карагел“, според турската бродска компанија, киднаперите постојано биле во телефонски контакт со „мозоците“ на акцијата, кои ги издавале наредбите од Лондон. Ахмеду Абдала Улд е специјалниот пратеник на ОН за Сомалија:

„Има многу региони во Африка каде пиратството може да стане проблем. Но, доколку владата е ефикасна, тогаш на морските крадци нема да им биде толку лесно. Пиратството што сега го гледаме на брегот на Сомалија е поддржано од бизнисмени. Тие треба да одговараат за ова. Но, најдобриот начин да се победи морскиот криминал е да се зајакне владата во Сомалија“, вели Улд.

Многу набљудувачи на проблемот се согласуваат дека решението не треба да се бара на море, туку на копно - и тоа во хаотичниот главен град Могадишу, каде новата влада на претседателот Шеик Шариф се бори против вооружените милиции, а истовремено се бори и да преживее; и каде ниту до населението, ниту до државните структури не може да стигне ниедна хуманитарна организација.

Како да постапува Германија?

Somalia Kenia Piraten verhaftet in Mombasa
Дел од уапсените пиратиФотографија: AP

Откако и германски бродови станаа цел на сомалиските пирати, со темата пиратство почна да се занимава и германската влада, но таа стана дел и од предизборните кампањи во земјата. Сега се отвора прашањето дали командосите на германската армија треба да се испратат во лов на пирати, за што ќе треба да се воведат измени во законот. Имено, според него, германската армија може да биде ангажирана само во случај на одбрана на земјата. А со оглед на тоа што пиратите не се ниту непријателски војници, тие спаѓаат во надлежност на полицијата. Германскиот министер за внатрешни работи, Волфганг Шојбле, сака на сметка на дебатата за сомалиските пирати, да протурка и измени во законот, со што ќе се зголемат компетенциите на германската армија. Опозицијата критикува дека мисијата во Сомалија може да биде засенета од несогласувањата околу компетенциите на ресорот внатрешни работи и правосудство. Гинтер Маихолд од СВП оценува:

„Во актуелната ситуација мислам дека ни треба помалку дискусија околу правните инструменти, а повеќе ефикасна координација меѓу повеќето актери што се засегнати од проблемот. На Аденскиот залив се мисиите на ОН, на ЕУ, Индија, Кина, Малезија, а досега не успеавме да се координираме“.

„Млади, агресивни и безнадежни, што се однесува до нивната економска иднина“, германскиот капетан на бродот „Заксен 219“ со овие зборови ја опиша групата сомалиски пирати, што пет дена го држеа во заложништво него и екипажот, пред да им ги предадат на кениските власти во Момбаса. Токму оваа безнадежност е главниот мотор што постојано носи нови луѓе во армијата пирати. Се` додека не се решат политичките проблеми во Сомалија, германските бродови и понатаму ќе бидат во опасност.

Автор: Лудгер Шадомски / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска