Решението на името не оди без Грција!
9 мај 2012„Сметам дека решавањето на прашањето околу името не оди без Грција! Ова значи одново и одново разговори меѓу грчката влада и Македонија. Јас лично често разговарав со вашиот и со грчкиот премиер. Германија сака да помогне. До сега, за жал, до договор не дојде. Посакуваме да се изнајде решение!“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел одговарајќи за Дојче веле: дали смета дека отвореното прашање околу името ќе може да се реши во услови кога Грција е преокупирана со сопствените проблеми?
Меркел денеска (09.05.) во Берлин имаше официјална средба со словенечкиот премиер Јанез Јанша. Се разговарало за актуелните случувања во ЕУ, но и за важноста од интеграцијата на Западниот Балкан. Со оглед што во минатото во повеќето билатерални средби на државно ниво Словенија го имаше најавено лобирањето за Македонија во ЕУ, Дојче веле го праша премиерот Јанша: дали лобирањето е се’ уште актуелно и доколку е: како и каде се конкретизира?
„Словенија ги поддржува не само Македонија, туку и сите држави од регионот на Западниот Балкан на нивниот пат во ЕУ. Не знам дали ова може да се каже лобирање или не, но во секој случај поддршката стои. Меѓутоа, има работи за кои сме немоќни да помогнеме, како што е на пример прашањето за името. Кога станува, пак, збор за членството во НАТО се надевавме дека ќе има исчекор пред самитот во Чикаго. Доколку тоа не се случи, многу ќе жалиме. Сметаме дека е време за компромисно решение“, истакна словенечкиот премиер.
Според него Македонија од 2005-та чека на европското членство, а во Букурешт и’ беше ветено членство на наредниот самит на Алијансата.
„Ваквото одолговлекување влијае врз внатрешно политичката ситуација. Во заеднички интерес е да се дојде до решение и очекуваме флексибилност од двете страни“, подвлече за ДВ словенечкиот премиер Јанез Јанша .