1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решително до стопроцентен учинок

10 октомври 2011

Фудбалската репрезентација на Германија по убедливата победа во Истанбул против Турција, утре во Диселдорф против Белгија ќе се обиде да ја оствари десеттата победа во десеттиот натпревар во квалификациите за ЕП во 2012.

https://p.dw.com/p/12p3B
Германските фудбалери прославуваат еден од головите на мечот со ТурцијаФотографија: dapd

„Немаме намера да подариме ниту еден натпревар. Сакаме да победиме и во последниот десетти натпревар од квалификациите“ , порачува германскиот селектор Јоаким Лев.

Тој и денеска (10.10) го продолжува тренингот со 21 фудбалер во кадарот за утрешниот натпревар против Белгија. Без проблеми тренираат и Месут Езил, Тони Крос и Илјак Гиндоган, кои поради различни проблеми не стоеја на располагање за мечот против Турција во петокот (07.10). Оваа победа инаку, беше јубилејна 50-та за Лев како селектор на германската репрезентација. Единствено проблеми со повреда го мачат искусниот напаѓач Мирослав Клозе, чиј настап против Белгија и натаму е под прашање.

Fußball EM-Qualifikation 2011 Deutschland gegen Türkei
Селекторот Јоаким Лев ја очекува 51. победа на чело на германската репрезентацијаФотографија: dapd

Натпревар за историја

Едно е сигурно по паузата против Турција - Месут Езил се враќа во првите 11-мина .„Состојбата со болките во ахиловата тетива кај Езил е далеку, далеку подобра“, изјави асистентот на Лев, Ханзи Флик. Германскиот селектор, од друга страна, одлучи да го одмори големиот талент Марио Геце, кој против Турција успешно го замени Езил во улогата на плејмејкер.

Лев покрај оваа, најави и други промени во тимот, но истакна дека нема да го смени целиот тим, туку дека во последниот меч од квалификациите Германците ќе настапат апсолутно сериозно. Впрочем, во игра е и национален рекорд. Стопроцентен учинок во квалификациите, без оглед дали станува збор за светско или за европско првенство, немал досега ниту еден германски состав.

Fussball EM-Qualifikation DFB Nationalmannschaft Gruppe A 9. Spieltag Deutschland gegen Österreich
Плејмејкерот Езил повторно подготвен за настапФотографија: picture alliance/dpa

Инаку, утрешниот меч е од големо значење за Белгија. Со победа, оваа репрезентација ќе го обезбеди местото во баражот, а доколку биде поразена, Турција, која смета на сигурна победа на домашен терен против Азербејџан, ќе игра во дополнителниот двомеч за пласман на ЕП во Полска и во Украина.

Македонија во очај

Mazedonien Fußball Tainer John Toshack Pressekonferenz in Skopje
Селекторот на Македонија Џон Тошак пред многу тешка задачаФотографија: P.Stojanovski

За разлика од Германија, македонската фудбалска репрезентација утре во Скопје треба да му стави крај на најнеуспешниот квалификациски циклус досега.  Евентуална победа против Словачка, која ги загуби шансите за пласман на Еуро 2012,  би внесла барем малку светлина во „мракот“ во кој се наоѓа македонскиот репрезентативен фудбал. Новиот селектор Џон Тошак беше многу разочаран од играта на избраниците во катастрофалниот пораз против Ерменија во Ереван. Згора на тоа, тој во последниот дуел со Словачка нема да може да смета на голем број стандардни репрезентативци. Покрај капитенот Горан Пандев и Агим Ибраими, кои не настапија и во Ереван поради повреда, на утрешниот натпревар во тимот нема да бидат ниту суспендираните, Величе Шумуликовски, Горан Попов.

Автор: Симе Недевски/БГ/дпа/дв

Редактор: Е.М.Фиданоска