1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Ристо Лазаров: И нашиот прв плач беше на македонски јазик

16 декември 2019

Цел еден стандарден, кодифициран и општопризнат јазик не може да се прогласи за дијалект, само затоа што му се ќеифнало на некој неук, вели писателот Ристо Лазаров во интервју за ДВ на македонски јазик.

https://p.dw.com/p/3UsSZ
Neue mazedonische Rechtschreibung vorgestellt
Фотографија: MIA

Не стивнуваат домашните реакции по ставот на БАН дека македонскиот јазик е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик". Реагира јавноста, политичарите, писателите... Со новинарот и реномираниот македонски писател, Ристо Лазаров, разговаравме за атаците врз македонскиот јазик во минатото, но за за нашиот однос кон јазикот денес.

Ве изненади ли фактот дека БАН со ставот за македонскиот јазик практично се врати во времињата на Тодор Живков кога ЦК на БКП (1963 г.) излезе со идентичен став?

Не ме изненади, но не ме остави ни рамнодушен тврдоглавото континуирано чекорење на БАН, а и на бугарскиот политички врв, по повеќедецениските патеки на непризнавање на македонскиот јазик и македонската национална самобитност. Што можеш да очекуваш од луѓе што едно зборуваат, а друго прават. Уште од времето на Тодор Живков трае оваа апсурдна и сосема неоснована приказна. Пред Живков беше Георги Димитров - во негово време во Благоевград работеше Македонски народен театар, со режисерски и актерски кадар од Македонија; постоеја и многу македонски училишта во кои предаваа учители од Македонија; На првиот попис по Втората светска војна над 200.000 жители на Бугарија, претежно од Пиринско, се изјаснуваа како Македонци, за со текот на времето на ,,волшебен начин“ да исчезнат. Со злогласната сталинистичка резолуција на Информбирото односите меѓу двете земји (Југославија и Бугарија) се превртеа наопаку. Останаа во водите на Бледското езеро разговорите меѓу Тито и Димитров за унапредување на односите, до формирање на Балканска федерација. А останаа сеќавањата дека Тито не сакаше да се сретне со Тодор Живков додека Бугарија не ја признае македонската нација и македонскиот јазик.

Треба ли да се тешиме со фактот дека ова не е прв атак?

Не личи луѓе што се прикажуваат за учени, да се потсетуваат дека ова не е сефте. Обиди (од бугарска страна) да се негира македонскиот јазик имало и на светските славистички конгреси. И беа одбивани. Македонскиот јазик беше и останува, како и бугарскиот, впрочем, во семејството на словенските јазици. Имаше и обиди, понекогаш и успешни, преку ,,лагерското влијание“ Бугарија да го оневозможи излегувањето на преводите од македонски во другите земји на Варшавскиот договор. Што ли се немаше! А јазикот наш македонски стамено ги издржа сите атаци. Израсна во ценет јазик во семејството на словенските, а и на светските јазици. Запишан неизбришливо во тефтерите на Обединетите нации. Така што, денешните ќорфишеци само влијаат за влошување на добрососедските облаци. 

Risto Lazarov - mazedonischer Schriftsteller
Ристо ЛазаровФотографија: Privat

Повеќе на темата:

-Дичев: Спорот околу македонскиот јазик е смешен

-Драги Ѓоргиев: Односите Скопје - Софија се доведени во апсурдна ситуација

-Бугарската академија спори со МАНУ: Не постои македонски јазик

Од БАН би требало да објаснат зошто со години се преведувале дела од македонски на бугарски јазик (и обратно), ако станувало збор за „дијалект"?

Оние кои се разбираат барем малку од малку од историјата на македонскиот јазик, знаат врз основа на кој говорни подрачја и наречја е растен тој, јазикот. Оние кои се разбираат од јазикот, знаат колку книги од македонски автори се преведени на бугарски јазик. Од кој јазик? И во обратна насока, се разбира.

Ние кои сме деца чиишто прв плач беше на македонски јазик, кои што денеска сонуваме на македонски, исто како нашите деца и внуци, не го прифаќаме ваквото бугарско однесување: никакви уцени и дволичности, не можат да ни го украдат јазикот – нашата татковина, како што, сетики не попусто велеше Блаже Конески. Давајте колку што сакате пасоши. Имаме доволна одважност да ги одбиеме сите недобронамерни измами и подметнувања. Додека не земјината топка ќе живее последниот Македонец, дотогаш ќе трае и јазикот наш, македонски. Непристојно е од нас да се бараат само отстапки и во името на туѓи цели да не снема. Најжално е тоа што ова не е единствена атака врз нашиот јазик и тоа се повеќе заличува на оркестрирано превишување на мерката. Нека не се залажува кој и да е, дека Македонија ќе влезе во Европската унија и во НАТО без македонскиот јазик.

А ќе влезе, колку некому тоа да не му е по ќеиф.

Ако се има превид како брзо се топи бројката на македонските лекторати во светот, нашата растечка негрижа за јазикот, малкуте средства што се издвојуваат за научни истражувања, треба ли да не чуди што на кастрофално ниво падна и бројката на заинтересирани за студиите по македонски јазик?

Akademie der Wissenschaft in Sofia Bulgarien
Седиштето на Бугарската академија на науки во СофијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Ова е прилика да се свртиме и кон себе, да застанеме пред големото огледало на историјата и да се увериме дека јазикот наш, татковината наша, е атакувана или ја атакуваме однатре. Каква грижа водевме некогаш, а каква сега за охридскиот семинар за македонски јазик, кој несомнено е една од најважните порти низ која македонизмот влегува во светот? Уште колку лекторати по македонски јазик на универзитетите во светот го преживеаја налетот на транзицијата? А и таму каде што постојат или сѐ уште постојат лекторатите – кои се и каков им е статусот на лекторите, како се избираат, кој ги избира? И што е најважно: колку се плаќаат - како вратарот на која сакате наша амбасада? Каков е статусот на самиот Институт за македонски јазик и на вработените во него? Зошто не добива јавност нивниот каков-таков напор за збогатување на зборовното салдо на македонскиот јазик? Зошто речиси нема кандидати за студии по македонски јазик, и што презема државата таквата положба од корен да се промени? Зошто ,,баш ни е гајле“ што некои прекрасни народни ,,зборчиња“ што ги има во делата на некои наши покојни класици (Јаневски, Малески, Шопов...) се неразбирливи за новите генерации читатели ако воопшто ги има?

Примерите за спротивното ги има насекаде околу нас - доминираат странски имиња во натписи на фирми, трговски центри, ресторани, продавници...

 Зошто јазичните пуристи со англофонска терминологија ги гаѓаа(т) србизмите, на пример, во македонскиот јазик? Еве, сега, пред празниците во најстрогиот центар на Скопје е истопоре Winterland? Каква порака е тоа за најмладите, што значи тој збор? Може ли некој од власта да каже дека едикојси е казнет затоа што фирмата му е напишана на странски јазик, најчесто на англиски, а има закон што не го дозволува тоа? Кој и како ги лектурира содржините на нашите медиуми, иако и за тоа има закон? Целата нација е речиси ,,затруена“ со „ти реков-ми рече" телевизиски дебати што се следат со бурни навивачки страсти, така што едноставно се прескокнува карикатуралниот македонски јазик на славните дебатери, експерти итн.

Најнакрај, што станува со препораките на Венециската комисија за корекција на двојазичните норми што којзнае од какви потреби се донесоа на брзина, со ветување од највисоко место дека евентуалните забелешки на Венециската комисија ќе се имплементираат? Па, ете, дојдоа забелешките – има ли некој што е надлежен да ги имплементира? Или ќе се прави ,,на Тошо“ а од нас ќе прават гласачи со кусо паметење?

И така натаму, и така натаму. Жешка е темава, поради нејзината важност.

Кога и да е, бај Гањо посилно ќе се џимне во сонот и самиот ќе се увери во лошотилакот зa сонот за непризнавањето на македонскиот јазик. Самиот ќе се увери во тоа зошто во лошиот (и злобен) сон го натопува перничето во постелата на сопствените илузии. Од дијалект јазик не бидува, ниту цел еден стандарден, кодифициран и општопризнат јазик може да се прогласи за дијалект само затоа што му се ќеифнало на некој неук.