1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Робен - Фудбалер на годината во Германија

9 август 2010

Во пресрет на почетокот на новата сезона во Бундеслигата, титулите за индивидуални остварувања отидоа во рацете на играчите и стручниот штаб на првакот Бајерн Минхен. Робен е најдобар фудбалер, а Ван Гал најдобар тренер.

https://p.dw.com/p/OfKf
Арјен РобенФотографија: AP

Екипата на Бајерн Минхен ја продолжи бербата на трофеи започната минатата сезона, иако првенството во Бундеслигата се’ уште не е започнато. Минатата недела „Баварците“ во германскиот супер-куп го совладаа Шалке со 2:0. Стрелци на головите против зајакнатиот тим од Гелзенкирхен беа Милер и Клозе.

Но, освен со екипните, Бајерн се закити и со поединечните титули за измината сезона. Холанѓанецот Арјен Робен деновиве беше прогласен за Фудбалер на годината во Германија. Тој е третиот странец едноподруго кој го освојува престижното признание, откако во претходните две години истото им појде од рака на Франк Рибери и на Графите.

Робен оцени дека признанието е уште еден доказ за успешната сезона на тимот, а трофејот им го посвети на соиграчите. Неговиот тренер Луј Ван Гал изјави дека титулата отишла во вистински раце, затоа што Робен бил најефективниот играч во изминатата сезона. Бројките го потврдуваат Ван Гал. На 24 натпревари во Бундеслигата Робен постигна 16 гола, и седумпати асистираше. Зад Робен, од второто до четвртото место се најдоа уште тројца играчи на Бајерн, Бастијан Швајнштајгер, Томас Милер и Филип Лам. Единствениот меѓу првите петмина кој не е играч на „баварците“ е Един Џеко од Волфсбург.

Fußball Bundesliga Louis van Gaal
Луј Ван ГалФотографија: AP

Првиот странски Тренер на годината

Луј Ван Гал, пак, стана првиот странски тренер кој бил избран за Тренер на годината во Бундеслигата. Зад себе холанѓанецот ги остави Феликс Магат од Шалке и националниот селектор Јоаким Лев. За Ван Гал тоа беше убав подарок на вчерашната прослава на неговиот 59-ти роденден.

Автор: Волфганг ван Кан/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска