1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Робертсон во Белград

27 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AcS5
Мојата посета на Србија и Црна Гора е јасен сигнал дека НАТО сака добри односи со државната зедница и воедно покажува колку се изменија односите во изминатите четири години - изјави генералниот секретар на Алијансата Џорџ Робертсон во Белград. Тој додаде дека донел порака за мир и добредојде од страна на НАТО за "новата демократска и ненационалистичка СЦГ".

Претседателот на Србија и Црна Гора Светозар Маровиќ изјави вчера вечер дека посетата на Робертсон потврдува оти државната заедница ќе стане членка на евро- атлантското семејство. Во тој процес СЦГ мора да продолжи со извршувањето на своите обврски, а тоа се пред се' екстрадицијата на Ратко Младиќ во Хаг и повлекувањето на тужбата на поранешната СРЈ против НАТО.

"Треба да решиме на најдобар и најефикасен начин како би го отстраниле и последниот сомнеж, дека Србија и Црна Гора во полна мера и искрено, со визија за иднината и оди во чекор со цивилизирана, напредна и демократска свест, навистина ги дели вредностите за кои воените злосторници мораат да одговараат."

Робертсон пред камерите го повика Младиќ "ако го гледа и ако е вистински патриот" самиот да се предаде достинствено, а не да чека да биде фатен. Тој му порача на поранешниот командант на војската на босанските Срби дека треба да престане да им штети на интересите на СЦГ со натамошното криење, бидејќи меѓународната заедница нема да се откаже од потрагата. Шефот на дипломатијата Горан Свилановиќ изјави дека властите на СЦГ продолжуваат со најсериозните напори да ги уаспат сите одговорни за најтешките злостори, вклучувајќи го и Младиќ.

"Ние продолжуваме со напорите да ги уапсиме оние, кои се одговорни за најтешките злостори, а во овој случај станува збор за Младиќ. Тоа очигледно е една од вистинските препреки за членство на земјата во Партнерството за мир. "

Што се однесува до вториот проблем, шефот на дипломатијата појасни дека е тешко замисливо една државата да им стане партнер на другите, а при тоа да ги тужи. Свилановиќ, меѓутоа, исто така додаде дека од гледна точка на СЦГ е тешко замисливо да биде членка на организација во која има други членки кои, пак, нејзе ја тужат, како што се БиХ и Хрватска. Свилановиќ, инаку на покана на генералниот секретар на Алијансата, идната недела ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО и на Партнерството за мир.

Робертсон вечерта разговараше и со потпретседателот на српската влада, Небојша Човиќ, кој рече дека односите меѓу НАТО и ЦСГ треба од самиот почеток да бидат рамноправни и партнерски.

"Работиме на подобрување на заедничките односите, бидејќи сега имаме еден нов НАТО-Пакт, а на ваша страна имаме една земја со ново име, која сака да изградиме нови односи"-рече Робертсон.

На средбата станало збор и за учеството на војници на државната заедница во мисии во странство, на што Човиќ прокоментира дека професионалната војска на СЦГ треба прво да се ангажира во решавањето на проблемите во земјата, како што е југот на Србија, пред тие да бидат упатени во Авганистан или некоја друга земја. Човиќ меѓутоа нагласи дека преговорите за оваа тема треба да продолжат. На средбата станало збор и за Косово, како и за принципот стандарди пред статус.