1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рокот за првите обвиненија од СЈО истекува на 30 јуни

5 јуни 2017

Не е пропуштен рокот од 18 месеци за поднесување обвиненија, велат за ДВ правни експерти. Ако СЈО на 4 декември 2015 година ги добило предметите, а на 30 декември материјалите, тогаш рокот истекува на 30 јуни.

https://p.dw.com/p/2e7sw
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Вчера не истече крајниот рокот од 18 месеци, како што објавија повеќе медиуми, во кој СЈО требало да покрене обвиненија или да ја запре истражната постапка за првите предмети што ги презеде во негова надлежност. Според правни експери, тој рок за СЈО истекува точно на 30 јуни.

„Се работи за рок кој започнува да тече од исполнувањето на два услова  - добивањето на предметите, но и добивањето на материјалите. Првиот услов беше исполнет на 4 декември 2015 година, кога СЈО од Јавното обвинителство презеде 34 предмети. Во нив ги имаше кривичните пријави и дотогашното постапување на обвинителите, но ги немаше материјалите, односно снимките, врз основа на кои требаше да постапува СЈО - да гони  кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Вториот услов беше исполнет три недели подоцна, на 30 декември 2015 година, кога лидерот на СДСМ ги предаде материјалите од незаконското следење на комуникациите во СЈО. Со оглед дека 30 декември е денот на кој СЈО го добил комплетниот материјал (и предмети и снимки) тогаш рокот од 18 месеци во кој оваа институција може да поднесе обвиненија или да запре истрага истекува на 30 јуни 2017“, објаснува правен експерт.

На 30 декември 2015, спакувани во шест кутии, Заев ѝ ги предаде на специјалната обвинителка Катица Јанева снимките од незаконското следење на комуникациите, како што изјави „веднаш, откако од СЈО добил информација дека во обвинителството конечно се создадени услови за безбедно чување на материјалите“.

Fatime Fetai, Katica Janeva (Leitung), Lence Ristoska
Од СЈО неколку пати побараа измени во законот околу рокот за поднесување обвиненија, за што е потребно двотретинско собраниско мнозинствоФотографија: DW/F. Hofmann

Известие за завршени истраги

Од СЈО до вчера не се изјаснија за прашањето за роковите. Ако крајниот рок за првите предмети истекува на 30 јуни, тогаш, според правниците кои ги консултираше ДВ, процесот би течел по следниот редослед. Доколку СЈО решило да покрене обвиненија, тогаш во следните денови треба да прати известување дека се завршени истрагите, бидејќи обвинетите имаат рок од 15 дена да се запознаат со наодите, и евентуално да дадат свој предлог во контекст на истрагата. Имајќи го предвид ова, СЈО најдоцна до 10 јуни би требало да испрати такви известија, за по рокот од 15 дена, односно пред 30 јуни да ги покрене обвиненијата и да ја информира јавноста за тоа.

Но, без оглед што на СЈО му остануваат 25 дена до крајниот рок, според правните експерти, законски определениот рок од 18 месеци ја доведува оваа институција во нерамноправен однос со Јавното обвинителство, кое нема таков рок за покренување обвиненија. Од СЈО неколку пати побараа измени во законот околу рокот за поднесување обвиненија, за што е потребно двотретинско собраниско мнозинство. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека предвидениот рок е веќе договорен, доволен и нема причини да се менува.

Katica Janeva
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева побара од новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот 22 од Законот за СЈОФотографија: DW/F. Hofmann

Специјално судско одделение

Но, според правни експерти, ваквата нееднаквост меѓу СЈО и ЈО може да се реши и со иницијатива до Уставниот суд.

Членот 22 од Законот за СЈО, за кој се бара изменување или укинување, гласи: „Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“.

Специјалната јавна обвинителка на прес-конференцијата на 22 мај побара од новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот 22 од Законот за СЈО.

Јанева за ДВ: ВМРО-ДПМНЕ владеело со криминал и уцени

„Имајќи предвид дека ова јавно обвинителство покажа дека е на вистинскиот пат кон ефикасно справување со криминалот што спаѓа во негова надлежност, а за во полн капацитет да ја покаже истрајноста во борбата против криминалот и неправдата, бараме новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот 22 од Законот за ова јавно обвинителство, што ќе овозможи ова јавно обвинителство докрај да ги истражи кривичните дела содржани во доставените разговори од незаконски следените комуникации“ рече Јанева.

Но, сѐ поизвесно е дека во рамките на реформите во правосудството ќе се решаваат и многу аспекти кои ја лимитираат работата на СЈО.

„Ќе направиме сè што е во наша моќ да овозможиме институционално и целосно заокружување на случаите што сега ги води Специјалното јавно обвинителство“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во неговото експозе на владината програма. Тој најави и дека ќе биде формирано„специјално одделение во Основниот суд Скопје 1, во чијашто надлежност ќе бидат предметите што ги води СЈО“.