1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија и Унгарија се караат за гасот од Црно Море

Кено Верзек
18 јули 2018

Во централна и југоисточна Европа се води милијарди евра тешка економска кавга. Станува збор за огромни количини земен гас од Црното Море, и за зависноста од руското лиферување на гас.

https://p.dw.com/p/31dzs
Ukraine | Gasspeicher in Mryn
Фотографија: picture-alliance/dpa/epa/R. Pilipey

Во изминатите години во романскиот дел од Црното Море беа откриени огромни резерви од земен гас, делумно веќе разработени преку проекти. Според внимателни проценки, станува збор за најмалку 40 милијарди кубни метри, но можно е да има и до 200 милијарди кубни метри - доволно за покривање на вкупните потреби на Романија за следните децении и исто така и за извоз на гас.

За овој гас од Црно Море да се транспортира во европските земји, планиран е гасоводниот проект БРУА, чии букви ги означуваат Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија. БРУА треба да започне со работа во 2019. година, проектот е  поддржан од ЕУ и Европската банка за развој, ЕБРД.

И во овој случај, слично како кај многу меѓународни крупни проекти во енергетската област,одамна владеат контроверзи. Актуелен одраз е унгарско-романскиот спор околу офшор-законот за гасот во Романија и количината на  веројатните испораки на гас во Унгарија преку гасоводот БРУА.

На крајот на јуни, шефот на унгарската транспортна компанија за гас, ФГСЗ, Кристоф Терхес ги опомена романските политичари конечно да се донесе планираниот закон за експлоатација на гасот и на Унгарија да ѝ се лиферува посакуваната количина од 4,4 милијарди кубни метри гас годишно. Кратко потоа, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто отиде уште подалеку: со своето одолговлекување, Романија ја загрозува енергетската безбедност на регионот, рече тој. Обвинувањата во Романија беа отфрлени со шокираност и негодување, одделни политичари и експерти од својастрана ја искритикуваа Унгарија за непридржување кон нејзините обврски при изградбата на БРУА. 

Orban bei Pressekonferenz
Орбан планира клучна позиција за Унгарија во енергетскиот сектор во регионотФотографија: DW/F. Facsar

Противречни интереси

Вербалната размена на удари ја отсликува комплексноста во интересите во овој случај. На еднастрана се интересите на западните ЕУ-држави, вклучувајќи ја и Австрија, која стреми кон диверзифицирано, помалку зависно од Русија снабдување со гас. Во оваа алијанса спаѓаат и западните концерни Еххон и ОМВ, кои ја вршат експлоатацијата на гас во Црното Море.

Унгарија од својастрана се стреми кон посилна или дури водечка позиција во енергетскиот сектор во централна и југоисточна Европа. Од таа причина владата на Виктор Орбан во јули минатата година реши да не го гради планираниот приклучок за гасоводот во австриското место Баумгартен во рамките на БРУА проектот. Аргументот притоа е дека постоечките поврзници преку Словачка се сосема доволни за натамошен транспорт на земниот гас.

Во февруари годинава, по заедничката седница со српската влада, како и на Форумот за енергетски прашања во продолжение, унгарскиот премиер Виктор Орбан помалку и повеќе јавно го искажа она што ѝ е важно на неговата земја: „Рускиот гасовен монопол ќе заврши, зашто ние повеќе од половината од нашиот увоз на гас ќе го добиваме од други извори, во случајов од Романија“, рече Орбан: „Ова е нова ситуација, не само за Унгарија, туку и за целиот регион. Тоа значи дека Унгарија ќе се наоѓа во нова геостратешка позиција, многу поповолна од претходно.“ 

European Gas Hub (CEGH) in Baumgarten Österreich
Во Баумгартен во Австрија сега се наоѓа најголемата станица за дистрибуција и распределба на гас во ЕвропаФотографија: picture-alliance/dpa

Унгарија стреми кон клучна позиција

Во Романија пак одамна е разгорен политички спор поврзан со небрежноста и корупцијата во издавањето државни дозволи за искористување на суровините. Во изминатиот период, концерните делумно требаше да плаќаат многу ниски такси за лиценци при експлоатацијата на суровините, на државата освен тоа преку лошо срочени договори ѝ бегаа даночни приходи. Тоа, барем во случајот со гасот од Црното Море, треба да се смени преку т.н. офшор-закон, кој на почетокот на минатата недела беше усвоен во романскиот долен парламентарен дом.

Повеќе: 

Трамп со отровни забелешки за Северен тек 2

Рускиот гасовод во срцето на Европа

Според законот кој сѐуште не е на сила, лиценцните тарифи изнесуваат 13 проценти, освен тоа е предвидено прогресивно оданочување во зависност од цената на гасот, што може да достигне до 50 проценти од добивката. Опозиционите политичари во Романија меѓутоа истакнуваат дека најголемиот број релевантни држави кои експлоатираат земен гас, имаат воведено значително повисоки тарифи и даноци за концерните. Освен тоа, тие ја обвинуваат владата за пребрзо попуштање под унгарскиот притисок за донесување на офшор-законот.

Унгарските експерти во секој случај гледаат централна улога на Унгарија во спорот околу гасот од Црно Море. Економистот и експерт за енергетика Андраш Деак од Унгарската академија за науки вели дека сега првпат по 60 години во Унгарија може да пристигне гас кој не доаѓа од Русија. „Би било исклучително глупаво или екстремно русофилно да не се зграпчи оваа можност“. Отворено прашање сега е, вели Деак, какви гаранции може да даде Орбан за гасот слободно и за разумни такси да може да протекува низ Унгарија и дали Орбан романскиот гас ќе го користи како џокер во преговорите со Москва.

Weißrussland Russland Öl Druschba Ölrafenerie in Szazhalombata Ungarn
Унгарија има огромен интерес за романскиот гасФотографија: AP

Унгарска дистанца кон Москва

Што се однесува на унгарското пледоаје за поголема независност од Русија и рускиот гас, Деак не гледа голема промена кај унгарскиот премиер, кој важи за наклонет кон Путин. „Политички, Русија во моментов е помалку важна за Орбан, бидејќи Меркел е слаба, а Унгарија не е во толкава мерка аутсајдер како пред неколку години“, вели Деак. Освен тоа, Унгарија ги консолидираше своите релации со САД под Трамп. Сепак, Унгарија уште не се простува од Русија, во прашање е само малку поголема дистанца.“

Слично е гледиштето и на политикологот Петер Креко од Будимпешта, од Институтот за политички капитал, кој исцрно ги истражува унгарско-руските односи: „Орбан во моментов работи на зацврстување на трансатлантските и западноевропските односи, затоа за него, внатрешно- и надворешнополитички е важно да покаже дека не е зависен од Путин“, вели Креко. Тој истакнува: „Згора на тоа, Унгарија, како земја сиромашна со природни суровини, во спорот околу гасот во Црното Море  е заинтересирана да стане еден вид енергетско распределбен центар. На таков начин Орбан планира да го прошири и своето регионално влијание, иако во овој случај тоа нема никаква директна врска со неговиот извоз на идеологија во југоисточните земји.“