1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

*

22 ноември 2009

Со земјата, која се наоѓа во економска и политичка криза веќе со недели управува преодна малцинска влада. Досега не беше можно да се избере нова влада, оти претседателот на државата и парламентот меѓусебно се блокираат.

https://p.dw.com/p/Kc5Y
Изборен декор во РоманијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Претседателските избори во Романија се тест за волјата на политичката класа за спроведување реформи во младата членка на Европската унија. Веќе со недели земјата не наоѓа пат за излез од политичката криза во која се наоѓа. Досега ни либерално-демократскиот претседател Трајан Басеску, ниту новоформираниот сојуз на социјал-демократите и либералите не успеаја да формираат нова влада. На почетокот на октомври и’ беше изгласана недоверба на дотогашната малцинска влада на демократските либерали, која комесарски ги вршеше владините работи, откако претходно се распадна големата коалиција на либералите и социјал-демократите, која владееше од декември 2008 година. Меѓусебното блокирање меѓу претседателот и парламентот драматично ја заостри ситуацијата во државата.

Тешка игра во предизборната кампања

Новинарот Кости Рогозану се обидува да ја објасни ситуацијата:
„Двете големи партии, Демократско-либералната и Социјал- демократската, добија само по 30 % од гласовите на последните претседателски избори. Пред шест недели коалицијата се распадна. Социјалдемократите тврдат дека биле натерани да ја напуштат коалицијата, а либералите сметаат дека тие самоволно си отишле. Се води тешка игра во предизборната кампања, а последица од неа е дека не може да биде усвоен државниот буџет за наредната година. Мислам дека тоа не е политичка борба, туку борба за економска моќ. Ова е борба меѓу два големи концерна.“
Оваа борба доведе до рекордно незадоволство на луѓето од политиката: анкетите велат дека над 50% од гласачите – повеќе од било кога досега - немаат намера да излезат на гласање. Се очекува борба рамо до рамо меѓу досегашниот претседател Трајан Басеску и социјал-демократскиот предизвикувач Мирча Ѓоана. Кандидатот на либералите Крин Антонеску е на трето место. Доколку се покаже потреба од втор изборен круг, тој ќе се одржи на 6 декември.

Mircea Geoana Präsidentschaftskandidat Rumänien
Претседателскиот кандидат Мирча Ѓоана меѓу своите приврзанициФотографија: AP

Корените за кризата и во медиумите во сопственост на олигарси


Во острата предизборна кампања речиси и не се дискутира за фактичките проблеми во државата. А проблеми има доволно: поради интерната борба за власт, Меѓународниот монетарен фонд ја одложи исплатата на дел од договорениот фонд за помош со вкупна вредност од 20 милијарди евра. На Романија парите и’ се итно потребни за да го избегне државниот банкрот што и’ се заканува. Мината година Романија забележа стопански пораст од 7 проценти, а годинава пад од 8 насто. Според организацијата за борба против корупцијата „Транспаренси интернешнел“, Романија, заедно со Грција и Бугарија, се најкорумпираните земји во ЕУ. За кандидатите за претседател сето тоа се чини како да е споредна работа; тие претпочитаат јавно меѓусебно да се обвинуваат, да ги лажат гласачите и да се богатат заедно со својата клиентела. Претседателот Трајан Басеску ги гледа корените на сите неволји во политичката класа и во некои медиумски концерни контролирани од олигарси: „Мојот петгодишен мандат истекува. Тоа беше тежок мандат - мнозинство од парламентот беше цело бреме против моите реформи, а некои медиумски концерни не поддржаа ниту една од акциите на претседателот, дури ни оние, кои беа од национален интерес.“

Мнозинството Романци ја презираат политиката

Traian Basescu Präsident Rumänien
Актуелниот претседател, Трајан БасескуФотографија: picture-alliance/ dpa


Кандидатот на социјалдемократите Мирча Ѓоана, настапува како заштитник на обичните луѓе и и’ ветува на индустријата помош од државата, но не се изјаснува како ќе ја финансира својата програма. На предизборните манифестации тој не пропушта ниедна можност да го обвини Басеску за кризата:
„Дури ни во последната секунда, по пет години постојани скандали, поделби и непочитување на јавниот и национален интерес, сегашниот претседател не ги менува навиките. Уште еднаш нагласувам: оваа цинична и намерна игра, што ја игра Трајан Басеку на штета на Романија, ја продлабочува кризата и таа мора да престане.“


Предизборната кампања е придружувана од редица таканаречени откритија за кандидатите, секојдневно објавувани во весник или на телевизија. Тајни акти избиваат на виделина, многу се омилени теории на заговор. Во оваа збрка централно прашање не е за кого ќе гласаат Романците, туку дали воопшто ќе излезат на гласање. Разочарување и безизгледност за брзо решение на економската и политичка криза ја карактеризираат Романија на крајот од годинава. За тоа повеќе новинарот Кости Рогозану: „Оние што сигурно ќе излезат на гласање се малцинство... тоа се пред се’ оние 30% од гласачите кои секогаш гласаат, мобилизирани од страна на своите партии. Но, се’ повеќе Романците, кои не се директно заинтересирани за политика, велат : ’ни се гади, доста ни е, веќе не сакаме ништо да чуеме за тоа.“

Автор:Влад Миксич/ Дана Трајчев

Редактор: Жана Ацеска