1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите во Македонија - меѓу стереотипите и реалноста

8 април 2010

Македонија има зошто да се гордее на планот за интеграција на Ромите. Но, реалноста во која живеат Ромите е посилна од официјалните оценки. Сиромаштија, невработеност, стереотипи кои дискриминираат...

https://p.dw.com/p/Mpvu
Деца во Шуто ОризариФотографија: DW

За Ромите се испишани безброј страници книги, снимени неброени ленти филмови, испеани милиони стихови песни. Мирољубивиот народ од соседството, кој за својата еманципација се бори мирно, тивко, полека. Овој ден е иделаен повод гласно да се постави прашањето. Каков е статусот на Ромите во македонското општество?

Различна генерација - различна реалност

За да ги избегнеме оценките од извештаите поразговаравме со повеќе Роми од различни генерации. Согласно возраста различни се и впечатоците. Ферди Јашар има 12 години. За него неговата населба е најубавото место на светот. „Тука ми се другарите, си играме, затоа е најубаво место Шуто Оризари.“

Bildgalerie Ursachen von Armut: Krieg
Безгрижно детствоФотографија: picture alliance/dpa

Десет години повозрасниот Елвис Фазлиофски смета дека Ромите во Македонија се се’ уште дискриминирани. Особено му пречат стереотипите за неговиот народ. „Сликата за Ромите во Македонија е искривена. Најчести стереотипи за Ромите се дека се валкани, необразовани. Јас сум Ром, а примерно сум облечен и сум апсолвент на Правниот факултет. Треба да престане таа генерализација на Ромите.“

Разочарувањето е најголемо кај средната генерација. Мустафа Ибраим има 54 години. Порано работел во ФАС 11 Октомври. Сега деновите ги минува пред локалната продавница во каливата улица со безброј дупки. „Мизерно, без работа. По цел ден бркаме муви,“ вели разочарано нашиот соговорник и не пропушта да потенцира дека е уморен да слуша што и колку било направено за Ромите.

Tag der Roma
Се’ помалку пари да се прехранат семејстватаФотографија: Mirsad Camdzic

Староста носи мудрост и трпение. За да се доживее осумдесетата мора ладнокрвно и оптимистички да се гледа на работите вели Емин Шефкет, чие богатство се десетиците внуци и правнуци. Задоволен е од пензионерскиот живот, но загрижен е за иднината на своето поколение. „Младите да најдат работа кога ќе дојдат на мои години да има пензија.“

Светла и темна страна на приказната

Во Македонија официјално живеат околу 55 илјади Роми, но се проценува дека нивниот број е трипати поголем. Македонија се гордее со тоа што е прва држава во која Ромите се признати како конститутивен народ, а Шуто Оризари е единствената ромска населба во Европа. Тука завршува светлата страна од приказната. Статистиката е поразителна. Дури 90 проценти од Ромите во Македонија живеат во тешка сиромаштија, во неурбанизирани населби без образование и без работа. 20 проценти од вкупниот број неможат да си го купат најнеопходното за живот.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска