1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите во Унгарија: Неинтегрирани, успешно дисциплинирани

Кено Верзек
23 февруари 2019

Пред 10 години десничарските терористи извршија ужасен напад во рамки на т.н. серија убиства на Роми. Во меѓувреме Орбан ги имплементира претставите на мнозинството во општеството за постапки потив малцинството.

https://p.dw.com/p/3Drq9
Ungarn Roma Morde Grabstein Csorba
Гробот на Роберт Чорба и неговиот синФотографија: DW/K. Verseck

Убијците дојдоа по полноќ. Прво ја запалија куќата. Додека родителите бегаа со своите две деца од огнот, убијците пукаа во нив. Таткото Роберт Чорба, дваесет и осум годишен, и неговиот четиригодишен син починаа на лице место, ќерката преживеа со тешки повреди, мајката беше полесно повредена. Татарсенѓорги е место на 60 километри југоисточно од Будимпешта. На 23 февруари 2009 година унгарските десничарски терористи тука го изведоа еден од најужасните напади во таканаречената серија убиства на Роми. Во 2008 и 2009 година беа убиени шест Роми, а 55 други луѓе, речиси сите Роми, се полесно или потешко повредени.

Успешна интеграција на Ромите?

Убиствениот напад од Татарсенѓорги пред десет години беше врв на еден бран на „антициганизам“ во Унгарија. Во тоа време, во крајната фаза на осумгодишното коруптивно и хаотично владеење на социјаллибералите, низ Унгарија маршираа десноекстремистички милиции и бараа „решение на циганското прашање". Денес, десет години по убиството од Татарсенѓорги, малку работи се останати од она што потсетува на омразата и расположението од тоа време. Четворицата екстремни убијци на Роми се осудени на најстроги затворски казни, нема ниту насилни немири против Ромите. Владата на премиерот Виктор Орбан ова го смета за еден од своите најголеми успеси. Справувањето со десниот екстремизам беше многу тешка задача, нагласуваат од владата. И многу поважно: преземени се успешни активности за интеграција на Ромите, пред сѐ преку таканаречниот „Козмунка – систем“, општинска програма за работа за приматели на социјална помош.

Повеќе:

Заборавено расистичко злосторство во Унгарија

Нема помош за жртвите од серијата убиства на Роми

Маргинализирано малцинство

Критичарите имаат поинаков став. Од една страна, владата на Орбан од обѕир кон расположението на гласачите презема извесна антициганистичка реторика, но од друга страна, Ромите со правно-политички социјални мерки систематски се маргинализираат. „Јавноста сега се смирува, бидејќи државата сега го спроведува она што многу луѓе подразбираат под 'цврста рака' против Циганите", вели активистот за права на Роми, Аладар Хорват.

Тој по крајот на диктатурата во Унгарија е избран како прв пратеник Ром од либералната партија СЗДСЗ. „Многумина ја симпатизират партијата Фидес на Орбан и поради тоа што 'воведува ред' меѓу Ромите," објаснува Хорват.

Опасни предрасуди

Виктор Орбан лично не е експлицитен мразач на Роми. Но, често двосмислено се изразува во однос на нив. Така беше и во јули 2012 година, кога неговата влада заедно со водечки политичари Роми најави голема социјалполитичка иницијатива за Ромите. Орбан во тоа време изјави дека за да има во Унгарија доволен број даночни обврзници и Ромите ќе мора да работат. „Од криминал не се живее, ниту од социјална помош“, рече буквално премиерот. Колективното етикетирање на Ромите како криминалци и паразити е заеднички унгарски наратив и вака кажано од устата на Орбан е јасна реченица за неговите гласачи.

Ungarn Prozess Urteil rassistische Morde an Roma
Активисти Роми носат маици со ликовите на убиени Роми во текот на протестот пред судот за време на прогласувањето на пресудата за серија убиства на ромски семејства во Будимпешта (архива, 6.08.2013)Фотографија: Reuters

Нема вистинска интеграција

Функционална интеграција и инклузија на поголемиот дел од 600.000 до 800.000 Роми што живеат во Унгарија не е спроведена во пракса. Општинска работа за примателите на социјална помош е задолжителна, оној кој не учествува го губи правото на социјална помош. Според унгарските социолози, задолжителната општинска работа, различно од ставот на владата, на голем дел од вклучените не им го отвора патот кон слободниот пазар на работа. Широкото толкување на законите во овој дел ѝ дава можност на локалната власт за квази-полициска контрола на сиромашните луѓе, меѓу кои спаѓаат и многу Роми: во случаи на лоша хигиена во домаќинствата или спречување на деца да одат на училиште, им се заканува непосреден прекин на социјалната помош или детски додаток.

Сегрегацијата во училиштата на многу места во Унгарија е цврсто зацементирана: додека сиромашните и Ромите одат во јавни училишта, побогатите ги испраќаат своите деца во приватни училишта. И новите социјално политички мерки на владата на Орбан содржат една одредба насочена против Ромите: во рамките на програмата за семејство која ја претстави Орбан родителите може да земат кредит ако најмалку три години претходно биле даночни обврзници. А тој услов не можат да го исполнат поголемиот дел од Ромите. 

Ungarn Roma Morde Erzsebet Csorba
Ержбет Чорба, мајката на Роберт Чорба кој беше убиен во 2009 година, едвај се справува со тешката мизеријаФотографија: DW/K. Verseck

Ограничена социјална политика

„Социјалната политика во Унгарија не ги зема предвид оние кои живеат во длабока сиромаштија, а во оваа категорија спаѓаат поголемиот дел од Ромите“, вели поранешниот парламентарец од редовите на либералите Јозеф Гујаш, кој веќе десет години координира приватна иницијатива за поддршка на преживеаните од серијата убиства на Роми.

„Остварувањето општествена инклузија на сиромашните Роми денес е многу побезнадежно отколку во годините на промените", вели Гујаш. „Ситуацијата со преживеаните жртви од серијата убиства на Ромите е вистински пример за тоа."

Ержбет Чорба, мајката на Роберт Чорба кој беше убиен во 2009 година, едвај се справува со тешката мизерија. Таа живее заедно со своите деца и внуци само неколку чекори од местото на кое се случило убиството, во една трошна куќа. Децата и внуците живеат од повремена работа, а семејството добива редовна поддршка од Гујаш.

Дали можеби градоначалникот им се обратил по повод десетгодишнината од трагедијата? Или некој друг политичар? „Не“, гласи одговорот на Ержбет Чорба.