1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите на пат на постепена, но сигурна еманципација

17 декември 2010

Се’ поголем број Роми ја напуштаат улогата на маргиналци во македонското опшество и се’ повеќе го наоѓаат патот до подобро образование и со тоа до преземање активна и одговорна улога во социјалниот живот.

https://p.dw.com/p/QdCA
Фотографија: DW

Млада, но мудра за нејзината возраст, елегантна, амбициозна - таков е впечатокот по само половина час разговор со Ариа Амети, студентка на Правниот факултет во Скопје.

“Родителите ме стимулираа и туркаа да стигнам до факултетска диплома“, ни вели во паузата од едно советување за статусот на ромската заедница во Македонија. Неоптоварена со предрасудите кон “циганите“, како што поретко, но грдо ги нарекуваат, Ариа Амети сепак предупредува на нов бран од внатрешна дискриминација кон младите Роми. За нив одредени кафулиња во Скопје се’ уште се недостапни, како што во своите извештаи пишува македонскиот Хелсиншкиот комитет.

Kind im Roma-Slum Shutka
Фотографија: DW

“И лично ја имам видено дискриминацијата во градските шеми, а не така ретко знаат и директно да ме прашаат дали навистина сум ’циганка’, веројатно не верувајќи му на мојот изглед, однесување и образование. Луѓето ги прават разликите“, вели Ариа, која не само што не се срами, туку и горделиво вели дека е Ромка.

Жртви на стереотипите

Таа и Ерол Адемов од локалната администрација во Штип за ДВ изјавија дека декадата на Ромите ја менува стеретипноста и кај самите припадници на оваа етничка заедница, особено откако се’ почесто и се’ побројно се забележуваат младите студенти, стипендисти или дипломирани Роми, кои ја бараат среќата надвор од предрасудите.

“На штипскиот државен универзитет веќе студираат 50 Роми од околу 3000, колку што живеат во градот и околината. Некои од нив се дел и од првата генерација на дипломирани и се вработуваат, засега главно во локалната администрација“. Опфатот на ученици во основно училиште е зголемен на 70 до 80 насто, наспроти 30% до пред пет години, а обврзноста на средното образование се’ уште се доживува со тешкотии поради социјалните проблеми.

Roma Kinder in der Schule in Skopje
Ромски деца во училиште во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Адамов ни кажа дека секој трет Ром во градот под Исарот е невработен. Лошо се живее во неурбанизираните ромски маала, иако чергарењето полека изумира или се заменува со модерното номадство по сезонска работа, особено во аграрот, објаснува Јулијета Мемедова од ромската невладина мрежа “Интелект“.

“Најголемиот дел од ромските населби се со субстандардни услови за живеење, без канализација и вода во домовите, без греење и неопходен мебел, во трошливи куќи и неурбанизирани сокаци“.

Висок наталитет

Ромите се етничка заедница со најголем наталитет, при што над 40 насто од родилките се пораѓаат дома. “Тие се лесно подложни на манипулација на разновидни мешетари, кои ги привлекуваат со ветените удобности и социјална згриженост во ЕУ и оттука најновиот бран на азиланти“, вели Мемедова, која им забележува на државните органи, но и на ромските политичари што не им објаснуваат на своите сонародници дека ЕУ не е ветена земја без повраток.

Partei für die volle Emanzipation der Roma in Mazedonien
Членови на Партијата за потполна еманципација на РомитеФотографија: DW

Ромите во Македонија, иако ги има повеќе од 65.000, одвај 0,4 насто се вработени, по етнички клуч, во администрацијата, или како што самите велат во “државна служба“, истакнува Муамет Елезовски од невладиниот сектор.

Нив можете да ги најдете во скопската урбана општина Шуто Оризари, во штипско-струмичкиот крај, но и битолската енклава крај автопатот за Грција, од каде локалните макроа ги регрутираат младите за проституирање или секс-туризам за дојденците од соседството. Бизнис тренд е да се собира и рециклира пластиката и старата хартија и не случајно ќе ги забележите познатите триколки во кои цело семејство ги става извлечените шишиња од градските контејнери.

Постепена промена

Но, сликата за Ромите постепено и трпеливо се менува, оценува Марио Велковиќ, самостоен консултант и подготвувач на проекти за образование, квалификации или здравствено едуцирање. Тој не ја одобрува антиромската дискриминација во ЕУ и налетот на грубо враќање на азилантите или пак стравот од нивни гетоизации во светските метрополи.

Kind im Roma-Slum Shutka
Фотографија: DW

“И покрај интересот за образование, постоењето медиуми, Ромите се’ уште немаат свој кодифициран и говорен литературен јазик, како свој идентитет“, вели Велковиќ. Младиот Ром, Адамов, пак, вели дека во неколку градови родителите бараат нивните деца како факултативен да го изучуваат и говорниот ромски јазик.

Во политичката хроника неизбежни се фактите дека ромската заедница има свој уставен белег, има свои пратеници, градоначалник, советници, министер, како и четири политички партии, од кои три се во владеачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ. Ромите одамна не се само гласачка машина и манипулирана заедница, туку ги живеат миговите на самопронаоѓање и се излезени од шемата да бидат „колорит“ на македонската етничка карта.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Горан Чутаноски