1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромни-конзервативна алтернатива без контури

Кристина Бергман/ Жана Ацеска27 август 2012

Мит Ромни може да се радува на своја номинација како претседателски кандидат на Републиканската партија, но допрва треба да избори полна поддршка на партиската база во САД.

https://p.dw.com/p/15xIt
Фотографија: dapd

Мит Ромни видливо направи големи напори да изгледа опуштено во текот на изборната борба. Завиткани ракави на кошулата, незакопчана јака, раскажување вицеви. На собир во Воената академија во Чарлстон, Јужна Каролина, меѓутоа, безуспешно се обидуваше да ги насмее кадетите. Тогаш еден од младите луѓе го праша-што мисли за преминот на познат бејзбол играч од Бостон Ред Сокс во Њујорк Јенкис. Ромни помисли дека конечно може да го скрши мразот, со широка насмевка одговори- „Сите ние ги мразиме Јенките“. Момчето што го постави прашањето со неодобрување заврте со главата-тоа носеше маичка со лого на Њујорк Јенкис.

Ситуации како оваа јасно ги покажуваат слабостите на Ромни. Тој важи за крут и вообразен, не може да воспостави контакт со гласачите. Ромни тешко може да ги разбере проблемите на граѓаните со просечни приходи, гласи општото убедување. Анкетите даваат таков резултат, според нив, Обама подобро ги разбира секојдневните предизвици на Американците. Според анкета на УСА Тудеј и Галуп, за Обама се 70 проценти, за Ромни само 30 насто од испитаниците.

Jubelnde Anhänger von Mitt Romney in New Hampshire
Фотографија: AP

Успешен деловен советник

Меѓутоа Ромни може да поентира во друга област.

„Јас собрав вистински животни искуства во приватното стопанство, знам како се основаат претпријатија, како тие го менуваат животот на луѓето во случај на успех или неуспех, јасно ми е зошто губиме работни места“, вели Ромни.

По студиите на реномираниот универзитет Харвард и дипломите по економија и право, Ромни ја почнал кариерата во 1978. кај бостонската консалтинг фирма за стопанство Беи и компани, каде напредувал до заменик-претседател. Во 1984. станал соосновач на Беин Капитал, инвестмент фирма, која купувала пропаднати претпријатија, ги преструктуирала и потоа ги продавала со добивка. Ромни се чука во гради дека Беин Капитал отворила над сто илјади работни места. Но, тој правел добивка и ако некоја фирма банкротирала, била продадена, а вработените отпуштени. Поради тоа, изборниот тим на претседателот Барак Обама се обидува да го прикаже Ромни како уништувач на работни места без срце, кој уште за својот профит плаќа помал данок отколку просечниот Американец.

„Никогаш не сум платил помалку од 13 проценти во последните десет години“, се брани Ромни, што се разбира не е докажливо, зашто ја има јавно објавено само неговата пријава за данок за 2010. година. Највисоката даночна стапка изнесува 35 проценти.

Ромни е мормон

Во даночната пријава на Ромни за 2010. година стои дека неговиот приход во оваа година бил 21,6 милиони долари, пред се‘ од капитални вложувања, што ја објаснува ниската даночна стапка. Истовремено тој донирал во доброволни цели речиси три милиони долари, половина од тоа на мормонска црква. Зашто, Ромни е мормон, што буди скепса и одбивност кај конзервативните христијани. Долго Ромни се обидуваше да го избегне споменувањето на својата вера, дури неодамна јавно се произнесе, тој би бил прв претседател мормон.

Тој исто така би бил и прв американски претседател кој зборува француски, иако и тоа кај Америакнците нема да му донесе голем поен-обврска е на секој мормон две години да биде мисионер во странство, а Ромни нив ги поминал во Франција. И други детали од неговата биографија предизвикуваат проблеми. Тој радо прикажува како ги спасил од руини Олимписките игри во Солт Лејк Сити и дека како гувернер на Масачусетс го редуцирал буџетот. Но, Ромни не може да објасни зошто е против здравствената реформа на претседателот Барак Обама, иако самиот во Масачусетс потпишал и спровел таква реформа во 2006. година.

Porträt Mitt Romney
Ромни не сака да чуе за својата здравствена реформа, која беше урнек за онаа на ОбамаФотографија: Christina Bergmann

Јасна конзервативна алтернатива?

Ромни го промени ставот и во други теми: на пример, сега е против абортус.

Тешкотии има и при своето презентирање како јасна политичка алтернатива на сегашниот претседател. На пример, во однос на Авганистан.

„Ќе направам се‘ што е во моја моќ со цел да биде пренесена одговорноста од нашата врз авганистанската војска, за нашите војници што поскоро да се вратат дома“, изјави тој, но со дополнување: „но, истовремено нашата мисија да биде исполнета, значи да се спречи Авганистан повторно да стане упориште на терористите“. Истото го планира и Обама.

Мит Ромни смета дека е потребна посилна контрола врз американската централна банка, ФЕД, тој воопшто сака построга контрола врз целата администрација. Тука лежи фундаменталната разлика меѓу Обама и неговиот републикански предизвикувач, како што Ромни самиот објасни:

„За разлика од претседател кој верува дека владата може да го поттикне стопанството и економскиот развој, јас знам дека само слободните луѓе и слободата можат да ја унапредат нашата економија“.

На 6. ноември, денот на претседателските избори, ќе се покаже кон што повеќе клонат Американците: кон социјалната држава на Обама или кон пазарното општество на Ромни.