1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ропството во 21 век се’ уште постои

26 мај 2009

Робовите кои работеле на плантажите се веќе минато. Но, дали е навистина така? Ропството постои и денес, па дури и во Германија.

https://p.dw.com/p/Hx51
И во ЕУ децата се злоупотребуваат за работаФотографија: picture-alliance/ dpa / Fotomontage DW

„Има 27 милиони луѓе на светов, кои не се слободни, кои се контролирани од други лица и кои работат за криминалци.“ За Кевин Бејлс овие луѓе се робови. Тој е претседател на американската организација „Слобода за робовите“ и се залага за крај на ропството на 21 век. Но, реалноста не му е сојузник. Со големиот пораст на населението во земјите од т.н. трет свет, се зголемува и бројот на потенцијалните робови: луѓе кои мораат да работат што било за да преживеат. Токму тие најлесно завршуваат во рацете на макроата и трговците со бело робје. Со тоа се намалува и куповната цена на овие луѓе. Во 1850 година, еден роб би чинел денешни 40.000 долари. Денес здрав, млад маж чини во просек деведесет долари. „Денес човек може да ги фрла робовите како пластичните чаши за кафе. Го купувате кафето, ќе го испиете, ќе ја стуткате чашата и ќе ја фрлите, едноставно поради тоа што е безпари“, вели Бејлс.

До слобода преку стекнување самодоверба

Tomatenbäuerin in Ghana
Робови во АфрикаФотографија: WDR/Convoi Film

Ова ги прави луѓето да се чувствуваат безвредни. Сестра Леа Акерман честопати го доживеала ова, за време на нејзиниот долгогодишен ангажман во Африка. Таа е раководителка на христијанското здружение „Солидарност за жените во мака“. Таа вели дека првиот чекор е робовите да се ослободат од принудната ситуација во која се нашле: „Овие луѓе со генерации живееле робовски, затоа им треба време додека навистина ги откријат нивните способности и додека стекнат самодоверба“. Но, без оваа доверба во себе и сопствените способности, луѓето се лесна жртва за трговците со бело робје. Многу често тие воопшто не се свесни дека се злоупотребувани и искористувани - тие честопати не ни знаат како изгледа животот поинаку.

Многуте лица на ропството

Sklaverei, Symbolbild
27 милиони робови во светотФотографија: AP

Ропството денес има многу лица: трговија со органи, искористување на детскиот труд или принудна проституција. Затоа мора да се делува на повеќе нивоа. И во Германија, според проценките на Кевин Бејлс, има меѓу триесет и четириесет илјади робови. „Тоа е еден страшен прекршок, што ние во Германија се` уште не сме го сфатиле доволно сериозно. Она што ме шокира е тоа што политички не е ништо преземано против трговијата со луѓе“. А се` додека политиката не замеша прсти, мора секој индивидуално да стори нешто, апелира теологот Клара Бутин. Таа препорачува поголема будност: „Мора да се собере храброст да се погледне. Кој го одржува домаќинството на моите соседи? Можеби се` изгледа нормално. Но, можеби имаат некоја девојка од Полска, што ја држат во неподносливи услови“.

Кевин Бејлс се согласува: во САД секој трети роб доаѓа до слобода, бидејќи соседите забележале дека нешто не е во ред. Повеќе од 27 милиони робови: бројот е енормно висок, но во споредба со бројот на жители на земјата, тој не бил никогаш понизок. А исто така и нивниот удел во економијата е доста мал. Значи вистински момент да се преземе нешто: „Малку недостасува за ропството да се искорени. Мораме да му зададеме уште еден силен удар и да го завршиме засекогаш“, вели Бејлс.


Автор: Нина Функе Кајзер / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска