1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот за ДВ: Не ги оставаме на цедило луѓето од Западен Балкан

6 април 2019

ЕУ не смее да го загуби од вид Западниот Балкан, изјави државниот министер во германското МНР, Михаел Рот, во разговор за ДВ.

https://p.dw.com/p/3GOaA
DW Interview - Staatsminister für Europa Michael Roth
Фотографија: DW/

ДВ: Господине Рот, претседателот Штајнмајер за време на посетата на Бугарија (4. и 5. април) повеќепати го спомна ангажманот на Бугарија за Западен Балкан. Сметате ли дека приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ како тема сега е во втор план? Потребна ли е поголема активност?

Михаел Рот: Имам, како и претходно, впечаток дека стратешкиот интерес на ЕУ и на многу нејзини земји членки за Западниот Балкан опадна. Тоа е проблематично и ме вознемирува, зашто ние во ЕУ може да живееме безбедно и стабилно само ако направиме повеќе за безбедноста, за стабилноста и за регионалното помирување на Западен Балкан. Дотолку повеќе ме радува што во ЕУ има партнери кои го признаваат стратешкото значење на Западен Балкан за сите нас.

Што денес може да се направи по ова прашање?

Важно е да ја зголемиме видливоста на ЕУ, да стане јасно: ние не ги оставаме на цедило луѓето од Западен Балкан, токму и заради тоа што процесот на трансформација, патот кон ЕУ е толку тежок и напорен за луѓето. Тоа го гледаме кај младите луѓе, кои ја напуштаат татковината и доаѓаат во Германија затоа што веќе не гледаат перспектива на Западниот Балкан. Треба да потенцираме и што е ЕУ. Таа не е во прва линија внатрешен пазар, економски проект, туку пред се’ заедница на вредности. Демократијата, правната држава, почитувањето на малцинствата, борбата против корупцијата за нас се од огромен интерес. Во тој дел не смее да има никаков политички попуст.

Бугарија за време на своето претседателство со ЕУ во фокус го стави приближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ. Денес друга земја од регионот претседава со Унијата - Романија. Имате ли впечаток дека Романија исто или приближно толку ќе се ангажира за Западен Балкан?

Западниот Балкан треба да има висок приоритет за сите претседавачи со Советот на ЕУ и да биде сосема горе на дневниот ред. Посакувам сите многу да се ангажираат, вклучително и Германија, која го презема претседателството наредната година. Се разбира, во моментов сме многу зафатени со други теми. Тука е на пример Брегзит, кој одзема многу енергија и време. Во моментов во тек се и преговорите за финансиската рамка. Оттука, дотолку поважно е да не го изгубиме од вид Западниот Балкан.

Ги споменавте младите луѓе во регионот. За време на посетата на Бугарија и Сојузниот претседател интензивно се занимаваше со темата, особено со прашањето на стручно образование и дуално образование - два „инструмента“ со кои би можело да им се отвори добра перспектива на младите во нивната татковина.

Важно е да ја имаме во вид Бугарија, зашто земјата во последните месеци малку излезе од фокус. Имаме повеќе пораки. Демократијата, борбата против корупцијата и правната држава се она што не’ држи заедно нас, Европејците. Сакаме да учиме едни од други и едни со други. Германија, се разбира, е подготвена да направи повеќе за дуалното образование. Доколку предусловите се во ред, тогаш и германските фирми се подготвени да инвестираат во Бугарија и на Балканот, да отвораат работни места. Но, тоа не е прашање само на инфраструктурата, туку тоа е прашање и на правната држава. Тоа стана јасно во текот на разговорите во Бугарија.

Михаел Рот е државен министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи. Тој беше член на делегацијата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер која на 4 и 5 април ја посети Бугарија.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема