1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рохани му понуди дијалог на Западот

БГ/ап/афп4 август 2013

Новиот претседател на Иран, Хасан Рохани, денеска положи заклетва на функцијата и и' порача на меѓународната заедница дека со Техеран треба да комуницира преку дијалог, а не со санкции.

https://p.dw.com/p/19Jbe
Фотографија: FARS

„Единствениот пат за дијалог со Иран е преку преговори на еднакви основи, реципроцитетна изградба на доверба, взаемна почит и намалени непријателства“, рече Рохани во обраќањето пред парламентот.

„Доколку сакате да добиете вистински одговор, не разговарајте со Иран со јазикот на санкциите, туку со јазикот на почитувањето. Иран нема да се предаде пред санкциите, ниту ќе прифати закани со војна“, порача новоизбраниот претседател.

Иран со години е под остри санкции од меѓународната заедница поради нуклеарната програма, која според Техеран има само цивилни цели, додека САД се сомневаат дека зад неа се крие желбата да се изработи нуклеарно оружје.

Рохани нагласи и дека Иран нема да ја промени својата политика на сојузништво со Сирија, порачувајќи дека сириско-иранските односи се базираат „на разбирање и заедничка судбина“ и вети дека Иран ќе ја продолжи поддршката на „народот и Владата на Сирија“ во напорите за повторно воспоставување на стабилност.

Рохани однесе изненадувачка и убедлива победа на претседателските избори во земјата, и најави дека ќе изгради умерен кабинет, наспроти неговиот претходник Махмуд Ахмадинеџад.

Најголемиот дел од неговите министри, кои ги презентираше по говорот, му припаѓаат на реформското крило во земјата, кое порано го предводеше екс-претседателот Акбар Хашеми Рафсанџани.

Iran - Vereidigung des neuen Präsidenten Hassan Rouhani
Хасан Рохани и Мехмет АхмадинеџадФотографија: Isna

Натамошен показател за можниот пресврт во надворешната политика на Иран беше и присуството на повеќе од 50 претставници на странски држави во парламентот за време на церемонијата. Тоа е за првпат по револуцијата од 1979 година, странски дипломати да земат учество на заклетвата на новоизбраниот претседател.

Во првата реакција по говорот на Рохани, Белата Куќа соопшти дека се надева оти новиот претседател „ќе ја почитува волјата на гласачите“ и дека ќе им донесе подобар живот на Иранците.

Портпаролот на Белата Куќа, Џеј Карни изјави дека Рохани во САД ќе пронајде „партнер“ доколку неговата влада се заложи за вистински и сериозен дијалог за исполнување на нејзините меѓународни обврски и пронаоѓање мирно решение за нуклеарниот проблем.