1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рупел: “Има луѓе на кои им пречи позитивниот развој на Балканот“

Горан Петрески25 октомври 2007

Инцидентот на границата кон Косово во кој загина еден македонски полицаец беше неодминлива тема за разговор на средбата на словенечкиот министер за надворешни работи Димитриј Рупел со властите во Скопје.

https://p.dw.com/p/BwPo
Љубљана, СловенијаФотографија: picture-alliance/dpa

Шефот на словенечката дипломатија не е загрижен за безбедносната состојба во регионот, но е свесен оти на одредени структури им одговара дестабилација на Балканот. По разговорите со македонскиот владин врв Рупел изјави: “Во тие разговори имаше позитивни теми, но и загриженост пред се‘ поради инцидентот што се случи на границата. За безбедносната состојба не би зборувал многу бидејќи мислам дека таа воопшто не е проблем, но може да се смета дека со позитивниот развој на Балканот некој не е задоволен. Има луѓе на кои не им се допаѓа тоа што се прават обиди проблемите да се решаваат по дипломатски пат“, вели министерот за надоворешни работи на Словенија.

Со слична теза и со оценка дека Македонија е способна да ја гарантира својата безбедност се огласи и македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски: “Мислам дека Македонија има капацитет да гарантира за својата стабилност и безбедносна ситуација. Одредени екстремни групи не го посакуваат позитивниот развој на настаните во регионот, што значи евро-атлантска интеграција на повеќе земји до регионот и веројатно се обидуваат да го загрозат тој процес. Во секој случај, ваквите споредни инциденти треба да бидат и дополнителен поттик за подигање на свеста кај сите регионални и меѓународни одговорни фактори.“

Словенија ќе ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ

Словенија е идниот претседавач со Европската Унија. Кормилото го презема во јануари. Дојче Веле го праша шефот на словенечката дипломатија - дали Македонија може да очекува датум за старт на преговорите за членство за време на нивното претседателствување. Тој одговори: “Ако тоа зависи од Словенија секако. Мислам дека во овој момент е прерано да се каже што ќе се случи во тие шест месеци. Македонија добро напредува, но има одредени проблеми и предрасуди. Словенија ќе помогне да се расчистат. За време на нашето претседавање ќе можат да се утврдат некои приоритети кои ќе доведат до тоа Македонија да може да почне преговори за членство“.

Словенецот Рупел го заокружи списокот на европски гости, кои вчера го посетија Скопје. Освен него, напорите на Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија ги поддржаа бугарската евроминистерка, Грнчарова и шефот на дипломатијата на Луксембург, Шмит.