1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руперт Мардок се извини јавно

16 јули 2011

Со платен оглас во сите британски весници, медиумскиот магнат Руперт Мардок денеска јавно им се извини на сите кои биле погодени од скандалот со прислушување во весникот „Њуз оф д ворлд.“

https://p.dw.com/p/11wcj
Извинувањето ќе биде објавено и во утрешните (17.07) изданија
Извинувањето ќе биде објавено и во утрешните (17.07) изданијаФотографија: dapd

Закупувајќи по една страница во сите саботни изданија на весниците што се дистрибуираат низ целата земја, Мардок, во свое име и во името на компанијата, изразува „длабоко жалење“ за постапките на вработените во весникот, опишувајќи ги како „крајно сериозно, погрешно однесување.“

Истиот оглас, со жалење и извинување за прислушувањето на говорната пошта на мобилните телефони на голем број познати личности од јавниот и политичикиот живот, но и на обични луѓе, ќе се појави и во утрешните, неделни изданија на весниците.

Во лондонски хотел Мардок синоќа (15.07) се сретна со мајката и сестрата на девојчето Мили Даулер, која во 2002 година беше убиена под се` уште нерасчистени околности. На неочекуваната средба медиумскиот магнат им се извинил на најблиските, затоа што новинарите на „Њуз оф д ворлд“, во трката по ексклузивитет, ги прислушувале и нивните мобилни телефони.

Rupert Murdoch nach Treffen mit den Eltern der ermordeten Milly Dowler in London Flash-Galerie
Мардок по средбата со семејството на девојчето Мили ДаулерФотографија: dapd

Во тоа време главен уредник на неделникот беше Ребека Брукс, која поради скандалот и силниот политички притисок во Велика Британија, вчера поднесе оставка на својата досегашна функција - главен директор на печатените медиуми во „Њуз Интернешенел“. Оставка синоќа поднесе и Лес Хитон, еден од директорите на компанијата „Њуз корп.“ на Мардок, со седиште во Њујорк. Од 1995 до 2007 година Хитон беше директор во британската филијала на компанијата „Њуз интернешенел“. На едно од поранешните сослушувања околу скандалот со прислушувањето, тој рече дека поранешниот главен уредник на „Њуз оф д ворлд“, Енди Коулсон, не знаел ништо за прислушувањата.

Автор: ТТ/ЕМФ/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска