1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија бара Гугл да спречи ширење информации за протестите

Роман Гончаренко | агенции
12 август 2019

По стотиците приведувања на опозициски демонстрации во Москва, следат првите кривични постапки. Реномиран весник предупредува од „политички терор“. Кремљ бара Гугл да отстрани видеа од протестите објавени на Јутјуб.

https://p.dw.com/p/3NVsn
Russland, Moskau: Proteste der Opposition
Фотографија: Reuters/T. Makeyeva

Руската агенција за надзор над медиумите побара од интернет концернот Гугл да ги отстрани од неговата платформа Јутјуб видеата за неодобрените протести во Москва. Американската компанија треба да прекине да ги рекламира забранетите протести, истакнува руската служба. Повеќе Јутјуб канали вршеле пренос во живо од протестите. Доколку Гугл не постапи според барањето, Русија го задржува правото да реагира на соодветен начин, се вели во барањето. Во Москва во саботата повторно демонстрираа десетици илјади луѓе, барајќи одржување слободни комунални избори. 

Случај кој предизвикува внимание

„Тотален шок. Страшно. Свирепост, тоа се варвари“ – Олга Прокасова и нејзиниот маж Дмитри видно се мачеа да најдат соодветни зборови кога во минатиот  вторник попладнето зборуваа со новинарите пред зградата на Истражниот комитет во Москва. Едногодишниот син Артјом, за кого што станува збор, седи во прегратката на Дмитри и исплашено гледа во туѓите лица на репортерите. Брачната двојка тукушто била сослушувана повеќе часови. Државното обвинителство сака да им го земе детето со образложение: за време на опозициските протести на 27. јули, го довериле на трета личност и на тој начин го загрозиле. Споменатата „трета личност“ е роднина на мајката. Тој учестувал на демонстрацијата и навистина кратко го носел и детето. Родителите велат дека случајно го сретнале при прошетка.

Овој случај ја бранува јавноста во Русија, зашто вакво нешто досега не се случило. Треба да следи судски процес, но дали ќе дојде воопшто дотаму, уште не е јасно. Адвокат на семејството изјави дека родителите се сведоци во кривична постапка поради загрозување на дете и запоставување на родителска должност.

Moskau: Elternpaar Olga und Dmitrij
Олга Прокасова со сопругот Дмитри и синотФотографија: DW/E. Barysheva

Илјадници уапсени, стотици казни

Ова е досега најспектакуларниот случај поврзан со протестите околу комуналните избори во Москва, кои траат од средината на јули. Повод се изборите за градскиот парламент на Москва, закажани за 8 септември, на кои не е дозволено учество на повеќемина независни кандидати, меѓу кои и познати опозиционери. Наведеното образложение гласи – нерегуларни потписи на граѓани, кои се нужен предуслов за издавање дозвола за кандидирање. Засегнатите тоа го демантираат.

На две недозволени протестни акции, на 27 јули и на 3 август, полицијата остро се пресмета со демонстрантите. Привремениот биланс гласи: приведени се вкупно преку 2.000 луѓе, повеќе од 500 се казнети, од нив преку 100 со краткотрајни затворски казни. Најголем дел од опозициските политичари се веќе со недели во притвор, за да бидат спречени да учествуваат на нови демонстрации.

Потписи против „политички терор“

На удар на критика е посебно една кривична постапка на Истражниот комитет. Станува збор за член 212 од рускиот кривичен закон: масовни немири. Досега се води истрага против девет лица според овој член, но бројот веројатно ќе расте. За учество на масовни безредија во Русија се предвидени казни затвор во траење до осум години. Еден од обвинетите по оваа основа е 21-годишниот студент по политика и видеоблогер Јегор Шуков. Тој се обидел самиот да се кандидира, но ја повлекол кандидатурата и поддржува опозициски политичар. Истрагата го обвинува Шуков за предводење на демонстрантите. Како доказ во медиумските извештаи се наведува видео на кое се гледа како Шуков среде толпа гестикулира со една рака.

Додека московскиот градоначалник Сергеј Собјанин зборува за „масовни немири, претходно планирани и добро подготвени“, реномираниот московски весник „Новаја газета" зборува за „политички терор“. Обвинението за масовни безредија подразбира насилство, оштетување туѓа сопственост или палење. Во Москва на 27 јули не се случи ништо од тоа. „Сметаме дека образложението за масовни немири се користи заради заплашување на рускиот народ и практично забрана на остварување на нашето изборно право“, се вели во апел за кој „Новаја газета“ собира потписи на веб страницата Change.org. Од неделата досега се собрани околу 50.000 потписи.

Растечка подготвеност за политички протест

Западни експерти поаѓаат од тоа дека властите во иднина можат да употребат уште поголема сила против демонстрантите. „Размерот на насилство расте од недела во недела, но тој уште е ограничен со оглед на вкупниот можен арсенал. Уште не се употребени водни топови и солзавец“, вели за ДВ Андраш Рашч, експерт во Германското друштво за надворешна политика. Тој смета дека некои од демонстрантите ќе бидат осудени на затвор.

Russland l Protest gegen Wahlausschluss von Oppositionskandidaten - Festnahme von Teilnehmer
Полицијата уапси повеќе демонстранти и на протестите на 3 август во МоскваФотографија: picture-alliance/Zumapress/V. Kruchinin

Рашч укажува дека најновите протести се одраз на новото расположение. Летото 2018 година експертите од угледниот Московски институт за испитување на јавното мислење „Левада центар“ констатираа зголемена подготвеност кај Русите на протести, каква што одамна немало. Оттогаш таа се одржува на исто високо ниво. Кај економските барања, 27 % од Русите се спремни да излезат на улици, кај политичките барања – 22%. Во четвртокот „Левада центар“ ја презентираше најновата студија за протестите во Москва. Речиси секој десетти покажал подготвеност да учествува на протести. Бројката на  противници и на поддржувачите на протестите е изедначена – по 27 %.

Повеќе:

Кремљ се плаши од народот

Русија не е место за младите луѓе

Пресуда против Русија во случајот Навални

Во Русија постојано се случуваат улични демонстрации, на пример против зголемувањето на старосната граница за одење во пензија. Но, летово 2019 година ги надмина сите. Прво во јуни руската престолнина беше потресена од случајот со истражувачкит новинар Иван Голунов, кому полицијата очигледно му подметнала дрога. Илјадници луѓе учествуваа на недозволениот протестен собир, имаше стотици апсења. Државата изненадувачки попушти, обвинението беше повлечено и Голунов беше ослободен. Од средината на јули е во тек вториот, подолг и поголем бран демонстрации. Тој сѐ посилно потсетува на зимата 2011/2012 година. Исто како и тогаш, во заднина е повикот за слободни избори, а полицијата и судството реагираат со растечка тврдост.