1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија и Украина заемно се обвинуваат - гасоводите празни

Агенции7 јануари 2009

Испораките на природен гас од Русија преку Украина кон Европа од утринава се потполно запрени. Во земјите од Источна и Југоисточна Европа се шири паника дека среде најлутата зима крајните потрошувачи ќе останат без гас.

https://p.dw.com/p/GTU9
Вентилите се затворениФотографија: AP

Украина ја затвори и четвртата, последна транзитна линија за снабдување со природен гас, што од Русија минува кон Европа. Со вакво обвинување утринава се појави заменик-претседателот на рускиот државен концерн за снабдување со нафта и земен гас, Александар Медведев. При посетата на Берлин, тој ја обвини Украина дека испораките наменети за Европа ги користи за свои цели и затоа нема никаква смисла „Гаспром“ да ги полни гасоводите што минуваат преку нејзина територија.

Меѓутоа, Западна Европа добива гас преку други гасоводи, порача портпаролот на руската државна компанија, Сергеј Купријанов: „За снабдување на европските потрошувачи ’Гаспром’ испорачува дополнителни количества преку Белорусија и преку гасоводот ’blue stream’ преку Црно Море. Притоа, ’Гаспром’ мора да се послужи и со европските складишта“, нагласи Купријанов.

Празни гасоводи - студени станови

Наспроти ваквите дополнителни напори на руската државна компанија, гасоводите што водат кон земјите од Источна и Југоисточна Европа се празни. Утринава за православниот Божик десетици илјади српски семејства се разбудија во студени станови. Испораките на гас се потполно запрени во помалите градови како Бечеј, Кикинда, Ковин и Велика Плана, додека проблеми се јавуваат и во поголемите градови како Панчево, Нови Сад и Чачак. Прекинот на испорака на земен гас од Русија предизвика огорченост кај многумина, бидејќи Србија на Русија евтино и’ ја продаде сопствената нафтена компанија, потпирајќи се на ветувањето за сигурни испораки на природен гас.

Erdgaspipelines im europäischen Raum
Географска карта со нафтоводи и гасоводи во европскиот просторФотографија: AP

Ситуацијата е драматична и во Романија, каде што исто така од утринава се секнати гасоводите. Вчера беше запрена испораката низ главниот гасовод, а денеска истото се случи и со вториот и последен гасовод на северозападот од земјата. Министерот за економија, Адријан Видеану, поради тоа свика кризна седница на владата. Во Унгарија испораката на природен гас е ограничена само на индустриските постројки, а во Словачка поради прекинот е прогласена вонредна состојба.

Австрија и Германија во подобра ситуација

Од прекинот на испораките се погодени и Австрија и Германија, но тие барем располагаат со доволни резерви за да го премостат теснецот во снабдувањето.

Германскиот министер за економија, Михаел Глос, порача дека земјата располага со резерви за да издржи три месеци во нормални околности. Со актуелниот студен бран тоа секако би било покусо, но никој не треба да стравува дека ќе се смрзнува среде зима, порача Глос во денешното интервју за „Сарбрикер цајтунг“. Во утринскиот магазин на првата програма на германската телевизија, пак, Глос апелираше до Русија и Украина под итно да седнат на маса и да ги надминат недоразбирањата: „Можам само да кажам дека треба да разговараат. Мораат да почнат повторно да се придржуваат кон обврските од договорите за испорака. Јас не можам да пресудам кој е во право, а кој не, но имам чувство дека голем број трети земји страдаат поради спорот меѓу Украина и Русија“.

Deutschland Finanzkrise Konjunktur Michael Glos Entlastung
Германскиот министер за економија, Михаел ГлосФотографија: AP

Шефот на украинската компанија „Нафтогас“, Олег Дубина, најави дека на осми јануари патува на разговори во Москва, по што барем ситуацијата ќе биде појасна.