1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија не ги испушта конците од рака

24 април 2009

По конфликтот околу гасот меѓу Москва и Киев, ЕУ настојува, колку што може повеќе, да ја намали зависноста од рускиот гас. Но, Москва не ги испушта конците од рака. Како Русија се справува со новите планови на ЕУ?

https://p.dw.com/p/Hd9I
Фотографија: AP

Рускиот премиер, Владимир Путин беше видно разлутен: прво ЕУ и Украина потпишуваат спогодба, со која се основа независно претпријатие кое ќе раководи со гасоводната мрежа, без притоа да ја информираат Русија, како лиферант на гасот, а потоа се склучува уште една долгорочна и сеопфатна енергетска соработка меѓу Туркменистан и енергетскиот концерн „РВЕ“. Путин го опомена најважниот енергетски менаџер, шефот на Гаспром, Милер, и вицепремиерот Сечин: „Држете ја ситуацијата под контрола! Негувајте ги контактите, не заборавајте го тоа!“

Русија мора повеќе да се ангажира

Ако Русија сака и во иднина да ги држи конците в рака, тогаш руските енергетски експерти мораат да бидат поактивни, смета и претседателот на руската асоцијација за гас, Валериј Јазев: „Го повикувам Гаспром да го откупи целиот гас што доаѓа од централноазиските земји.“

Gasstreit Russland Ukraine Gashahn wird zugedreht Gazprom Gas Gas-Verteiler-Station in Ungarn
Русија располага со техника која постојано се развиваФотографија: AP

Тоа што Туркменистан склучува договори и со други клиенти, за Јазев е сосема разбирливо. Секоја земја се обидува, колку што е можно повеќе, да профитира од своите природни богатства. Но, во иднина, на земјите од Централна Азија мора јасно да им се стави до знаење дека Русија, за нив, е најдобриот бизнис-партнер. „Ние располагаме со сеопфатни геолошки познавања, а тука е и нашата техника, која постојано се одржува, поправа и развива. Мораме да одржуваме блиски контаки, пред се‘ со Туркменистан, Казахстан и Узбекистан, а да не ги забораваме и Киргистан и Таџикистан. Ним мораме да им ја понудиме секоја форма на помош, со цел да се развијат пазарите на нафта и гас во овие земји“, смета претседателот на руската асоцијација за гас, Валериј Јазев.

Соодветна реклама во оваа насока ќе направат Сечин и Милер на енергетската конференција во Ашхабад, Туркменистан, што почна вчера (23.04.2009).

„Набуко“ не може да и` парира на Русија

Уште една од предностите на Русија, истакнува Јазев, е тоа што земјата веќе располага со функционален гасоводен систем. Земјата може да ја отплаќа купената нафта и да гарантира целосна искористеност на капацитетите - за разлика од гасоводот „Набуко“, со кој Европејците сакаат да и` парираат на Русија. Според Јазев, кај „Набуко“ две работи се спорни: како прво, не се нуди целосно искористување на капацитетите и второ, проблематична е трасата: „За мене ’Набуко’ е чисто политички проект. Едноставно нема економска содржина во него“, вели Јазев.

Deutschland Gas Pipeline Opal wird bei Greifswald verlegt
Јазев: „Набуко“ е политички проектФотографија: AP

Јазев, исто како и раководството во Кремљ, се сомнева дека целта на Европа е да ја истисне Русија од енергетскиот пазар. Москва е сигурна дека се работи за многу повеќе, отколку само за нудење на уште една гасоводна опција. „Почнете од спогодбата што ја потпишаа ЕУ и Украина. Тоа е резултат на долготрајното ангажирање на Унијата да се ослободи од Русија и Гаспром“.

Русија не се откажува така лесно

А, Европејците веќе можат да го почувстуваат руското негодување - премиерот Путин нема да се појави на енергетскиот самит во Софија. Како што велат руските медиуми, од него секако нема да произлезе резултат, погоден за Русија. И претседателот на руската асоцијација за гас е на сличен став: „Ако конференцијата во Софија во која било форма ги прифати нашите аргументи, тогаш таа нема да биде залудна“, смета Јазев.

Kasachstan Pipeline Messgerät
Гасовод на Касписко МореФотографија: Stefano Grazioli

Русија ќе стори се` за да ги спроведе своите интереси, сеедно дали се работи за Енергетската повелба, за пристапот до европските пазари, за новите транзитни правила, или, пак, за експлоатирањето на Каспиското Море. Ова се воедно и темите на конференцијата што вчера почна во Москва, на која ќе присуствуваат само претставници на фирмите од земјите што излегуваат на Касписко Море.

Автор: Кристина Нагел / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска