1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија сака да биде „играч“ на Блискиот исток

Петер Филип16 февруари 2009

Со мировна конференција за Блискиот Исток во Москва, уште во првата половина од годинава, Русија повторно сака да се прикаже како важен актер во регионот.

https://p.dw.com/p/Gv98
Сергеј ЛавровФотографија: AP

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, на почетокот од неговата обемна турнеја низ Блискиот Исток, во Ерусалим порача дека неговата земја може да даде значаен придонес во решавањето на постоечките проблеми. Шефот на руската дипломатија треба да ги посети Израел, палестинските области, Египет, Бахреин и Оман.

Идејата за мировна конференција во Москва не е нова

Мировната конференција би требало да биде еден вид продолжување на средбата во Анаполис, од ноември 2007 година. Тогашниот американски претседател, Џорџ Буш се обиде да ја обнови мировната дипломатија меѓу Израел и Палестинците, меѓутоа предоцна, и како резултат на тоа, неговите напори беа залудни. Израелскиот премиер, Ехуд Олмерт и палестинскиот претседател, Махмуд Абас во Анаполис се договорија да изготват мировна стратегија до крајот на 2008 година, но од тоа не излезе ништо. Една од причините беше тоа што Израел продолжи со својата политика на населување на Западниот Брег, но и поради што претседателот Абас зборуваше во име на само еден дел од Палестинците. За организацијата „Хамас“, која владее во појасот Газа, мировен план беше незамислив.

Symbolbild Frieden In Nahost
Фотографија: AP/DW

Русија бараше од Хамас помирувачки став

Москва се ангажираше околу Хамас веднаш откако нејзиното политичко крило победи на изборите во 2006 година. За разлика од заедничкиот став на западот, да не се разговара со Хамас, се` додека организацијата го негира постоењето на Израел - Русија се обидуваше од раководството на Хамас да издејствува помирувачки став. Безуспешно, како што сега и самиот Лавров призна во Ерусалим. Раководството на Хамас не е хомогено, „тие не зборуваат во еден глас“, оцени тој.

Русија е членка на Блискоисточниот квартет, формиран во 2002 година, со цел да ги поттикне напорите за постигнување мир. Меѓутоа, освен главните насоки, кои повеќе претставуваа необврзувачки документ, Квартетот досега нема остварено некои поголеми достигнувања. Една од главните причини за ова е што меѓу самите членки на организацијата (САД, ОН, ЕУ и Русија), често се појавуваат разлики во ставовите. Односите со Хамас се само еден пример. Тука се и разликите околу стратегијата за Сирија и Иран.

Враќањето на Москва на дипломатскиот паркет во однос на Блискоисточниот конфликт зависи делумно и од Вашингтон. Се чини дека Барак Обама нема ништо против. Дури и тој самиот им дава уште една шанса на Сирија и Иран, а е подготвен и да го награди примерното однесување на Русија, со тоа што одлучи да го анулира проектот „Антиракетен штит“.