1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија тагува по жртвите од авионската несреќа

Ж.А. /агенции
26 декември 2016

Во Русија е ден на жалост по авионската несреќа во која загинаа 92 лица. Најголем дел од нив беа членови на познатиот армиски хор. На брегот на Црното Море продолжува потрагата по жртвите и причините за падот на авионот.

https://p.dw.com/p/2Us4P
Russland Flugzeugabsturz über dem Schwarzen Meer bei Sotschi
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Utkin

Рускиот претседател Владимир Путин за денеска прогласи ден на жалост во земјата, откако патничкиот авион од видот Тупољев Ту-154, сопственост на руското министерство за одбрана, вчера утрото (25.12.2016) се урна кратко по стартот во Сочи.

Во потрагата по жртвите учествуваат околу 3500 луѓе распоредени во 200 различни екипи, а во самата операција се вклучени министерствата за вонредни ситуации, одбрана, како и сојузната агенција за авиотранспорт.

Russland Flugzeugabsturz über dem Schwarzen Meer bei Sotschi
Продолжува потрагата по загинатите од авионотФотографија: Getty Images/AFP/STRINGER

Рускиот министер за сообраќај Максим Соколов изјави дека терористички напад не се рагледува како главна причина за падот на авионот, но истрагата се води во сите правци. Како поверојатни верзии, според медиумите, кои се повикуваат од извори во истрагата, се сметаат технички проблеми или грешка на пилотот.

Контактот со авионот бил прекинат кога авионот од стартната писта бил оддалечен само десетина километри. Остатоци од авионот се пронајдени во морето на место кое од брегот е оддалечено околу 1,5 километри. Вчера од морето се извадени телата на дванаесет патници. Рускиот премиер Дмитри Медведев изјави дека станува збор за страшна катастрофа. „Тупољев 154 е авион наменет за летови на средно долги дестинации и најмногу се користи во руската флота.

Во авионот се наоѓале 92 лица, меѓу кои 8 членови на посадата, 64 членови на хорот и ансамблот Александров, соработници на руската телевизија и воениот магазин, како и хуманитарни работници.

Russland Chor der Roten Armee - Alexandrow-Ensemble
Хорот Александров е популарен во РусијаФотографија: Reuters

Членовите на воениот хор Александров летале за Сирија, каде во воената база во близина на Латакија требало да одржат новогодишен концерт. Овој воен хор има добиено бројни награди и е многу популарен во Русија. Основан е во 1928 година како Хор на Црвената армија, а неговиот основач Александар Александров во 1943 година ја компонираше националната химна на Советскиот Сојуз, чија мелодија денес е руска химна.