1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Демонстрација на моќ или претстојна инвазија?

Елена Барушева | Олександер Савитски
7 април 2021

Русија распореди илјадници војници на границата со Украина, но негира дека воено му се заканува на соседот. Дали Киев сепак мора да стравува од инвазија? ДВ на оваа тема разговараше со експерти.

https://p.dw.com/p/3rdme
Russische Flagge hinter Stacheldraht
Фотографија: Reuters/G. Garanich

Разместувањето руски трупи на границата со Украина му задава сѐ повеќе грижи на Западот. НАТО уверува дека и натаму ќе ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и дека многу внимателно ја следи ситуацијата. Во тоа Киев го уверува и Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел. Слични изјави дојдоа и од Германија и Франција, кои прават напори за решение на конфликтот во рамки на т.н. Нормандски формат. Американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски ја потврди „цврстата поддршка за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, со оглед на непрекинатата агресија од страна на Русија“.

Во меѓувреме на социјалните мрежи се појавуваат информации за разместување на руски трупи во регионите Брјанск, Воронеш и Ростов, како и на анектираниот Крим. Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател, во врска со ова изјави дека Русија е слободна да ги распоредува своите трупи на своја територија. „Русија не му се заканува никому и никогаш не се заканувала никому“, тврди портпаролот на Кремљ.

Повеќе:

Растат тензиите меѓу Украина и Русија

Украина: Поделени чувства по размената на затвореници со Русија

Зошто Украинците треба да станат „нови Руси“?

„Ново средство за притисок врз Западот“

Рускиот воен набљудувач Александер Голц смета дека постапките на Русија имаат демонстративен карактер: „На Русија ѝ е потребно ново средство за притисок врз Западот“, вели Голц, и тоа сега е опасноста од нова војна против Украина. Пред апсењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, имало закани за зголемување на притисокот врз руската опозиција како одговор на санкциите од Западот, нагласува Голц. „Многу работи се на коцка, рускиот претседател Владимир Путин ќе продолжи со оваа политика на уцена и притисок, дури и ако принципиелно не е подготвен за воени дејства“, оценува експертот.

Alexander Golz russischer Militärexperte
Александер Голц Фотографија: DW

Сепак, вистински борби се можни. Но, Голц не смета со какви било воени акции во регионот на Донбас до средината на мај. „Сѐ додека степата не се исуши, нема да почне офанзива. Инаку, ќе се заглави, како што честопати се случувало.“

„Загрозена воената безбедност на Украина“

Началникот на Генералштабот на воените сили на Украина, Руслан Хомчак, неодамна изјави дека на украинската граница и во подрачјата кои не се под контрола на Киев - во Донбас и на Крим, веќе се наоѓаат 28 тактички баталјонски групи од Русија.

Ukraine Russische Soldaten auf der Krim Archiv
Руски војници на Крим (архивска фотографија, 21.03.2014)Фотографија: picture alliance/CITYPRESS24/

Според Хомчак, кој се повикува на информации од украинската тајна служба, Русија под плаштот на подготовките за маневрите „Запад 2021“ со Белорусија, сака да испрати 25 дополнителни баталјонски групи во насока на Украина. „Тие, заедно со силите кои се веќе на границата со Украина, би претставувале закана за воената безбедност на нашата држава“, вели главниот командат на украинската армија.

„Закана за целото источно крило на ЕУ“

Павел Фелгенхауер, независен руски воен експерт, не исклучува дека е можно Москва да се подготвува за ескалација во Донбас. „Армијата е подготвена, но дали ќе има наредба од страна на политичарите?“, прашува тој и додава: „За отприлика шест месеци, од јули/август до Нова година, во Донбас имаше реален прекин на огнот. Речиси и не се пукаше, а во јануари почна ескалација, на фронтот и во пропагандна смисла, пред сѐ од руска страна.“

Pavel Felgenhauer
Павел ФелгенхауерФотографија: Pavel Felgenhauer

На овој начин Русија сака да го принуди Киев на отстапки при преговорите за Донбас, смета Володимир Фесенко од украинскиот Центар за применети политички студии „Пента“. Политикологот е уверен дека Русија сака освен тоа да издејствува и нова рунда во преговорите со Западот. Притоа, се работи за западните санкции, меѓу што и оние околу гасоводот Северен тек 2.

Vladimir Fesenko Porträt Tbilisi
Володимир ФесенкоФотографија: Amalia Oganjanyan

Но, и Фесенко не исклучува воен конфликт и укажува дека Крим во меѓувреме е станат огромна воена база. „Таму е концентрирано модерно стратешко и тактичко оружје, не само Црноморската флота, туку и големи воени групации и офанзивни сили на воената авијација.“ Освен тоа, според Фесенко, маневрите во Белорусија во последните години, претставувале закана не само за Украина, туку и за балтичките држави, Полска и целото источно крило на ЕУ.

„Украина мора да ја зајакне својата одбрана“

Михајло Самус од киевскиот „Центар за армија, конверзија и разоружување“, е уверен дека Русија одамна се подготвува за инвазија. Зашто, уште помеѓу 2014 и 2018 година Москва концентрирала воена опрема и единици на границата со Украина. „Русија фактички околу Украина создаде три нови армии“, вели експертот. На Крим се распоредени шест подморници со „Калибар“-ракети, кои може да носат атомски боеви глави. Но, Самус не верува дека Путин ќе се осмели на отворена ескалација, односно смета дека тој претпочита провокации со хибридни прокси-сили.

Според мислењето на Сузан Стјуарт од фондацијата Наука и политика, Русија сака да покаже дека и натаму има можности за дестабилизација на ситуацијата во источна Украина. Што се оденсува до Западот, а особено новото раководство во САД, експертката вели: „Ако тоа беше тест од страна на руското раководство, тогаш тоа виде дека има реакција од Западот.“